Фотографии: Александра Костадиновска

 

За нив нема да почувствувате хајп низ македонскиот музички простор, или низ она дискутабилно парче локална музичка индустрија, која редовно и прерано ги исцедува таканаречените „нови надежи”, или до брутална баналност ги преповторува неколкуте „потврдени имиња”.

Постојат уште од времето кога касетите не беа хипстерки item, ами средство за слушање музика. Нивното суверено искуство како свирачи, но и играчи на сцената, им создало комплетно засебен простор, во кој тие непречено функционираат и звучат со децении.

Навидум тивки, но за култивизираното уво мошне гласни, креираат комплексен и ултрамодерен саундтрак за нашево модерно македонско живеење, со јако кул атмосфера и поглед вперен напред.

Ако претендирате на информираност, слоевитост и добар вкус, мора да знаете за Sethstat.

 

 

Многу се зборува за името. Што значи Sethstat? Има некое подлабоко значење од 6 души кои свират заедно? Зошто се викате така?

Именувањето на бендот помина низ неколку фази. Почнувајќи од безимен период (првите 6 месеци), па период на Seth (околу 10 години) и конечно Sethstat, кое сè уште стои. Seth инаку беше име на едно малецко кученце, кое како вистински заштитник го обезбедуваше домот на нашиот тогашен басист. Асоцијативно има врска со египетската митологија, каде е заштитник на врховниот бог Ра. Метафорично, чувар на сета добра музика.

 

Од кога постои бендот и колку албуми имате снимено до сега?

Од мнооогу одамна 🙂 Ние сме бенд кој првото издание го имаше на касета (wohooo!!!). Seth Make Sense, Whitin Yourself, Stat, Rolling Garage, Korab (Celestial Diorama), Petite Cinematique, Se Plašam od Makedonci. Ете ги сите.

 

Кој се свири во Сетстат?

Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Панче Бујуклиев, Павел Дробицки, Гоце Наумов. Во минатото: Александар Николовски, Дино Милосављевиќ, Џоле Максимовски, Гунтер Кубе, Милан Парушев, Доријан Јовановиќ, Александар Гумберовски и др.

 

 

Кога зборува за неговото искуство на настапување во живо со вас, Мирко Попов истакнува дека се чувствува како да има шифоњери позади себе. Стварно ли толку добро свирите?

Ова е сигурно поради мојот физички габарит :). Кога ќе застанам на бина, окупирам доста голема површина од истата, баш како да сте ставиле тука трокрилен ормар.Така за Мирко баш и не останува преголем простор.

Премногу време поминато во гаража, клубови, студија, на концерти, по комбиња. Најверојатно тоа не прави доста сигурни во својот израз и музицирање. Правиме музика која не е толку вообичаена и се надевам не влегува во стереотипи. Се разбира тоа не значи автоматски дека сме добри, но ете – различни. (и прескромни – забелешка на М.П.)

 

Која е вашата приказна со џезот? Делувате прилично фанатично.

Џезот е музика која не обединува сите нас, внатре во бендот. Всушност нашето поимање на терминот „џез“ е многу широко. Се што работиме е џез, а при тоа не размислуваме дали тоа воопшто припаѓа на некаков под-правец. Ако си со слободен дух, ако си вљубеник во звукот, нема друга опција освен да се занимаваш со џез. Константно да истражуваш, да импровизираш, да љубиш. Според музичката „наука”, тоа е уметност која како средство за израз ги користи тоновите. Но што е со чувствата? Што е со слободата? А сетилата? Што правиме со интуицијата? Џезот е решение за се. Зошто на пример, добрата музика не би се нарекувала џез? Зошто да размислувам за музички правци, кога се е џез и се е дозволено?

 

Едно врапче ми кажа дека сте во процес на финализирање на најновиот албум. Како тоа звучи и кога излегува?

Работиме на тоа веќе извесно време. Се надевам дека релативно брзо ќе биде готово. Всушност има дури и шанса оваа година да врземе трилогија. Освен нашиот нов албум, имаме снимен материјал заедно со Fighting Windmills – Terry Riley in C, кој би требало да се појави некаде на почеток на јули. Во моментот полека се работи и на новиот Sethstat+Mirko Popov албум. Ете трилогија.

 

 

Низ скопските улици оди муабет за некоја нова џез дискографска куќа. Вистина или трач?

Ја продлабочуваме/прошируваме соработка со Мирко Попов. Дефинитивно стартуваме нов џез лејбл и веќе имаме неколку изданија на повидок. Би биле фокусирани на дигитална дистрибуција, но секако ќе се појават и ЦДа. Имаме желба да печатиме и винили секако, па не бидете изненадени ако наскоро се најдете и со македонска џез плоча во рака. Старата добра плоча е прекрасен медиум за пренесување на џез порака. Ќе видиме, ќе видите.

 

Зошто луѓето би морале да знаат за Sethstat?

Всушност и не мора да знаат премногу. Доволно е кога некаде, на некоја врата од клуб, или концертна сала, плакат, Фејсбук евент… прочитаат Sethstat и да влезат внатре. Ако успеат и да се порадуваат на звукот: Одлично!

 

Comments

comments