„Во иднината, секој ќе биде славен 15 минути“, предвиде Andy Warhol во 1968 година.

Половина век подоцна, изгледа дека таа иднина е сегашност. Нејзините ѕвезди се „новите Интернет деца“, нејзината алатка е камерата, а нејзиниот медиум се видеата.

Дел сум од генерациите кои во раната младост ја сведочеа Интернет експанзијата. Ги користев и ги користам скоро сите главни Интернет платформи, работата ми е поврзана со онјалн светот, дигиталниот маркетинг и Интернет феномените ми се фасцинација и професија, па се сметам за некој кој е прилично „флуентен“ во јазикот на глобалната мрежа. Затоа беше изненадување кога сфатив дека постои цел Интернет универзум, со сериозен број на жители, ѕвезди, но и капитал за кој многу малку знам.

Станува збор за влогери чија просечна возраст варира помеѓу 12 и 16 години, а просечна заработка, според BuzzFeed, изнесува околу 20.000 долари (во САД) од видео, односно објава. Патем, збориме за „умерено“ популарни влогери.

Оние мега славните меѓу нив пак, имаат популарност и заработуваат суми многу слични на холивудските актери или поп ѕвезди. Разликата е што влогерите немаат голема филмска продукција или издавачка музичка куќа позади себе, туку на патот на популарноста се катапултирале самите, снимајќи „аматерско“ видео со камерата од својот мобилен, најчесто во сопствената соба или маало. Тоа се просечни луѓе, кои раскажуваат приказни од своето секојдневие, а за тоа добиваат несекојдневна препознатливост и заработка. Нешто како пост-модерни ѕвезди на Интернет реално шоу во сопствена режија.

Првичниот интерес на темава ми се пробуди после гледањето на документарниот Netflix серијал „Follow This“ со епизодата „Teen Boss“ посветена на јутјуб инфлуенсерите. Така ми стана јасно дека не станува збор за некој изолиран тренд, туку за шоу бизнис вреден повеќе милијарди долари. Значи, збориме за малолетници кои заработуваат милиони, го издржуваат своето семејство и имаат фан база која чека во редици и буквално плаче кога ќе ги види. Не залудно Business Insider веќe прави листи со најпопуларните Јутубери, а може да најдете и онлајн калкулатори за Јутјуб заработка.

Но она што навистина ме изненади беше распространетоста на овој Интернет феномен во Македонија. Заработките и бројките сигурно се помали од оние САД, ама популарноста е очигледно доволна за да полни сали и плоштади. Така, во мај годинава беше организирано You Tube Macedonia шоу, каде најпознатите македонски јутјубери се дружеа со своите фанови во ВИП Арена – Борис Трајковски. Летово пак, во Охрид се случи влогерски meet-up кој го наполни плоштадот со фанови на новите ѕвезди.

Дали ова ни се допаѓа или не, не го менува фактот дека влогерите, јутуберите и инфлуенсерите се оние чие време допрва доаѓа. По сè изгледа дека токму ваквиот начин на презентирање и рекламирање ќе почне да доминира, не само врз традиционалните медиуми, туку и врз адвертајзингот на онлајн „монополите“ како Facebook, Google Adwords и слични.

Всушност, некако и логично е ова да е новиот културолошки и социјален циклус. Времето на холивудските диви одамна помина, многу блескави ѕвездени приказни ја покажаа својата мрачна суштина, па сè помалку веруваме на ретушираните модели, пејачки, актери. Гладни сме за автентичност, а дел од YouTube ѕвездите токму тоа и го нудат. Воедно, даваат надеж дека и просечните, секојдневни приказни може да привлечат внимание, восхит, пари. Нема повеќе потреба од нереалните стандарди на Холивуд и шоу-бизот. Потребен си само ти и твојата камера, без разлика на резолуцијата. Или барем така делува кога ги гледаме овие (не)обични ѕвезди.

Па, со оглед на тоа дека јутјуберите и влогерите се тука да останат, решивме да ве запознаеме со неколку од најуспешните македонски примери. Овие млади луѓе имаат поголема публика од повеќето македонски јавни личности и фан база која чека во редици за фотографија и автограм. Колку и секојдневно, банално, да делува она што го прават, очигледно има сериозна публика за истото.

Па, нема да даваме оцени, коментари, критики, туку само ќе ги споделиме за да ги погледнете. Можеби ќе ви се допаднат или пак ќе ве инспирираат и вие да се обидете со нешто поинакво, подобро.

 

 

GP

Број на следбеници: 129.000
Вкупен број прегледи на видеа: 48,585,408

 

 

 

Steffonator

Број на следбеници: 54.000
Вкупен број прегледи на видеа: 10,281,612 views

 

 

 

Ivanajnshtajn

Број на следбеници: 28.300
Вкупен број прегледи на видеа: 3,357,540

 

 

 

David Black

Број на следбеници: 18.000
Вкупен број прегледи на видеа: 597,311

 

 

 

Катерина Илиевска

Број на следбеници: 8.900
Вкупен број прегледи на видеа: 1,340,995

 

Comments

comments