За љубителите на популарната култура, а особено нагласено музиката, 2016та е година на body count. Се умираше многу, нагло и често. Дали поради чувството на соединетост кое светската мрежа го проектираше врз нашето секојдневие, или поконкретно: некролог димензијата која Facebook со задоволство ја поприми, глобално ги живееме највозбудливите некрофилски мигови во историјата. И сето тоа преку уметност и музика. 🙂

Но за миг да ја напуштиме таа белосветска memberberry забава и да го скратиме кадарот на македонскиот дел од пеколот. Да фрлиме едно старомодно окце на оваа наша амбициозна музичка сцена.

Би рекол мошне амбициозна, особено од аспект на недостатокот на реален музички пазар од една и било каква организирана државна грижа (за уметноста, културата нели) од друга страна. Сцена препуштена на нејзината љубов и потреба за креирање музика и тоа во најчиста форма, што ја прави можеби ендемска појава во западниот свет. Кога зборувам за македонска музика и музичари, секако не мислам на тнр. естрада, тоа не е музика, а што и да е премртво е за да трошиме време и зборови.

Еден квантитативен поглед кон изданијата дава не баш сосем пријатна слика за година која котира најслабо во однос на минатите десетина, инаку мошне плодни. Ниту како критичар (во моментов), ниту како активен чинител/двигател на сцената, не чувствувам причина за загриженост, или извинување. Не може да се очекува дека едно така пеколно темпо, поставено за време на новиот бран и она по него, ќе трае во бескрај. Ниту квалитетот е причина за веднаш да пукнеме шампањско, но годината породи неколку одлични изданија.

 

 

Невозможно е да го игнорираме четвртиот ЛП Политика и свежиот правец на Bernays Propaganda, кој беше адекватно претставен, но и примен од публиката. Супер е кога успешен бенд од тој формат демонстрира јавна подготвеност за промени. Тоа е одраз на зрелост.

Сличен ракурс се чини фаќаат Фонија, еден од моите омилени МК бендови, кои со ЕП изданието Човек од Стакло погодуваат во центарот на моето напатено поетско срце, желно за алтернативни подиуми за танц.

Дискографската куќа Балкан Велики се појави есенва и во рафален мод исфрли 12 изданија (има уште 2 дена оваа година, може да исфрлат уште нешто;). На овој лејбл како соло артист, под свое име дебитираше Васко Атанасоски (Bernays Propaganda) со пар забележителни композиции.

Херои на 2016 според мене се КритикаВеб сајт, списание, но оваа година дискографска куќа број еден кај нас. Агилни, интересни, со неколку неочекувани вадења од нафталин на изданија за кои никој овде не бил свесен дека постојат, или барем се снимени во некој миг од нашата кратка архивирана музичка историја. Сепак, за мене најсилните мигови на Критика оваа година, беа албумските објави на Demek, Krist Krst и Voltaire Mani Al Hakim. Луѓето напишаа историја и свесни се за тоа.

Од дискографските куќи, во 2016та потфрли PMG Recordings, оставајки не со само 3-4 изданија, кога 10тина години сме навикнати на 15 годишно. Солиден сингл на PMG Kolektiv, најзабележителниот електронски мкд албум годинаваPatterns на Vidinovski. Ќе биде подобро.

 

 

Легијата, Зад Аголот, Mooger Fooger, Susijat, Khara, Fighting Windmills… имаа навистина згодни изданија на разни нивоа. Прослушајте.

Од институциите поврзани со македонската музика, Младинскиот Културен Центар Скопје и понатаму е бастион на надежта и дрското културно опстојување. Дом на секој што замислува возбудлив музички живот, без разлика од која страна на бината се наоѓа. Просто опсцено е што оваа КУЌА на интегритетот, го живее своето златно доба во време на свеопшт распад и македонско самоуништување.

Вистински институционален контра пример е Министерството за Култура, кое потпомогнато со неколку сродни суб институции, во 2016 успеа да го постигне следново: ЗАБРАНА ЗА ЕМИТУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ. Доволно илустративно за вас?

Да, тешка година. Но ние Македонците сме навикнати на тешко. Но на тешкото се познаваат јунаците. А овде музички јунаци има многу. Знам, ги познавам, секој ден ги среќавам. Знам како дишат, што сонуваат, на сите поединечно им го знам типот на лудилото. И имам една работа да ви кажам: 2017 ќе биде многу подобра.

Среќна нова година дами & господо.

 

Comments

comments