Ова е текст од новиот серијал во кој нашите другари кои отсекогаш се облекувале подобро од нас ќе ги споделуваат личностите заслужни за нивниот изострен осет за естетика и стил.

 

Живееме во многу динамично време, каде брзата мода зема огромен замав и ги заменува вредностите за она што треба да претставува безвременска мода.

Редовно читаме и за (не)квалитетот на материјалите, начинот и условите во кои се изработуваат лесно-достапните парчиња облека, а мене, како поборник за рачно и по мерка изработени, уникатни парчиња облека, тоа поприлично ми смета. Сега е многу поверојатно дека едно такво парче облека попрво ќе се претвори во ѓубре, отколку во безвременски моден примерок.

Модата и стилот на облекување, се малку повеќе од само добар вкус за избор и комбинирање на (брендирани) парчиња облека. Напротив, тие се тесно поврзани со општествените услови и културата на живеење. Не ја следам слепо модата, но облеката и дизајнот во никој случај не ги потценувам, бидејќи, сакале да признаеме или не, тие кажуваат многу за една личност.

Отсекогаш сум им „симнувала капа” на модните дизајнери, кои својата визија за формата, бојата и текстурата на парчето кое го дизајнираат, успеваат да ја преточат во ремек-дело, кое не само што некому ќе му прилега, туку и ќе направи да се чувствува пријатно. Иако на дневна база се облекувам прилично лежерно и спортски, модата и модната естетика и тоа како ме привлекуваат. Порано почесто, а сега за „посебни пригоди”, сакам да експериментирам и комбинирам парчиња.

Покрај имињата кои се спомнати подолу, во градењето на мојот стил голема улога имаат моите родители и луѓе од градот, на чиј стил се восхитувам.

 

 

Christine Centenera

Порано во Australian Vogue, сега во друштвото на Kanye West и фамилијата Kardashian, Centenera е жената чиј моден стил го следам и кој ме инспирира уште од средношколските денови. Ме фасцинира умешноста со која успева да носи фустан или здолниште преку друг фустан или панталони/фармерки, а притоа да изгледа совршено. За мене таа е кралицата на „слоевитото” облекување и statement-making чевлите.

 

 

Mary Kate & Ashley Olsen

Сестрите Olsen можеби не се прославија со спектакуларна кариера во Холивуд, но во светот на модата држат посебно место. Мислам дека со нивните ноншалантни комбинации ме окуражија и убедија дека и на оние пониските може добро да им стојат долги фустани, здолништа и капути. Доказ плус за нивниот сенс за мода се нивните брендови ELIZABETH AND JAMES и THE ROW.

 

 

Emmanuelle Alt

Синоним за современата софистицираност на француската жена. Препознатлива по нејзиниот „машки“ стил и не употреба на шминка, Alt оддава впечаток на жена која секогаш изгледа дискретно и е облечена без мака. Тесни, цефка фармерки и палто/сако во совршен крој се секогаш во игра. Една од ретките жени кои секојдневно носат сакоа, а ни малку не изгледаат на деловни жени.

 

 

Leandra Medine од Man Repeller

Освен со неверојатната смисла за хумор и честите шеги на своја сметка, Leandra инспирира и со фантастичните, колоритни комбинации на парчиња облека, аксесоари, накит и чевли. Кога се завивам во сиви и црни тонови, една слика од Leandra на Instagram е доволна за да ме потсети дека е време за боја.

 

 

MAJA WYH

Пред пет години, кога првпат се регистрирав на Lookbook.nu ја открив германската блогерка Maja Wyh. Стилот на Маја го толкувам како „помлада генерација” на стиловите на Centenera, Alt, сестрите Olsen, па и на Sienna Miller. Сега вака наборојани, една до друга, сфаќам дека покрај сличниот стил на облакање, на овие дами заедничка им е и секогаш „неуредната” фризура и минималната шминка. Не можам да се сетам кога последен пат, некоја од нив имала спастрена, измазнета коса.

Инаку, Маја ме освои, повторно, со перфектните комбинации во „слоеви” и одличниот осет за уметност и фотографија. Нејзиниот Instagram изобилува со фотки на рандом локации, спонтани пози, уметност и архитектура. Она е една од ретките што во маркетите влегува за да се фотографира пред рафтовите со грицки и благо или пак, фрижидерите со газирани сокови, а не за да купи нешто за јадење.

 

Comments

comments