Фотографија: Александра Костадиновска

 

Марко ја има Фреја. Марко ја има Алекс. Алекс го има Марко, они се дечко и девојка. Но Алекс ја има Ариа.

Првата приказна во нашиот нов серијал, во кој ги споделуваме приказните на локални ликови и нивните миленичиња, беше онаа за Нерон и неговата најдобра другарка, Михаела Василевска. Овој пат го дуплираме влогот и вклучуваме два портрети во едно.

Марко и Алекс се пар, кој покрај нели сите вообичаени романтични работи, бла, бла, бла, ја дели љубовта кон кучињата. Кон ретриверите, поконкретно. Марко живее со Фреја, Златен Ретривер, која има 10 години. Алекс од друга страна ја има Ариа, која е лабрадор и која има само 1 година.

Размислуваш дали животот со куче е за тебе? Дозволи разговорот со Марко и Алекс да те убеди.

 

 

Марко и Фреја

Дали Фреја е твоето прво милениче? Колку време ја имате и како „се најдовте“?

Долго време инсистирав да чувам куче, конкретно златен ретривер, а моите исто толку време ме убедуваа дека нема потреба. Сум чувал порано хрчаци, рипки, желки, кои требаше да бидат замена за кучето што го барав. Не беа интересни за чување, не се интерактивни и нон-стоп некое ми умираше. Искрено беше малку фрустрирачки, затоа почнав да носам улични кутриња дома. Демек им помагам, а уствари врска немав што правам, само сакав со кутре да се дружам.

Овој период од годината во 2008, 60 и кусур дена ја чекав да се роди, 40 и нешто да седи со мајка и и конечно на 2 јуни да си ја земам дома.

 

Златните Ретривери важат за многу активни кучиња, вечно неуморни. Која е омилената игра на Фреја? Како „троши“ најмногу енергија?

Кога беше помлада многу си играше и се бркаше со други кучиња. Сега, во пензионерските денови, стана колекционер на суви гранки. Тоа и е хоби.

 

 

Која е најсличната особина која ја имате ти и Фреја?

Викаат дека и двајцата сме биле многу успорени… Еве не знам…

 

Имаме слушнато дека Златните Ритривери обожаваат да пливаат. Дали ова важи за Фреја?

Стварно обожава! Дали е тоа Вардар или море, сеедно, мора да се брцне!

 

 

Друго имаме слушнато и дека обожаваат интеракција со луѓе и други животни, и дека доколку се сами подолг период „паѓаат“ во депресија. Дали е ова вистина и за Фреја? Колку е Фреја емотивна и „зависна“ од контакт со луѓе?

Не зависна, она е опседната со луѓе. Инсистира да седи потпрена до некого или во нечиј скут! Секоја разделба, па и на само еден час, многу тешко и паѓа. Особено со мајка ми.

 

Сите кучиња имаат по некоја „човечка“ храна што им е слабост. Што обожава да јаде Фреја?

Нема пребирање, обожава сè – од пиперки па до смоки! (Сепак мислам дека смоки се фаворитот.)

 

 

Алекс и Ариа

Дали ја имате Ариа од кога беше бебе? Колку е тешко да се грижиш за толку мало куче? Кои се најголемите предизвици и како изгледа овој период од првите неколку месеци?

Ариа требало да ми биде поклон за роденден, но ја добив порано, веднаш кога прекина да биде зависна од мајка и, бидејќи Марко не сакаше да испуштам ниту еден од нејзините најслатки денови. Учењето како да оди на паркет, кај да кака и моча, и што сè не смее да гриза не беше баш толку тешко, некако брзо се разбиравме. Вистинскиот предизвик беше кога потпорасна и кога не и беше повеќе страв да истражува наоколу сама, да си отиде од мене или да ја прекине играта со другарите за да си оди дома.

 

Знаеме дека може да биде тешко да се најдат соодветни играчки и занимации за големи кучиња кај нас. Со што најчесто си игра Ариа? Какви играчки има (што траат подолго од 1 ден).

Секоја играчка што свирка е осудена да трае само еден ден, бидејќи мора да ја заќути, нели. Топчињата се најинтересни за неа, но и нив векот им е краток. Има неколку јаженца кои од бебе си ги чува кај леглото и си ги грицка пред спиење, распаднати се, но бар постојат веќе една цела година.

 

 

Знаеме дека Ариа има наследено некој кожен паразит од нејзините родители. Кажи ни повеќе за болеста. Како се манифестира, како се лечи и кои совети би им ги дала на другите кои имаат кучиња со истиот проблем?

Да, набрзо откако ја добив сфативме дека има Демодекс, што често се јавува кај кучиња, но кај неа беше во некоја понапредна форма. Голем дел од крзното и падна, ја чешаше и мачеше, постојано цифкаше. Не предупредија дека доколку не се третира може да биде закана по нејзиниот живот.

Моравме да ја избричиме целосно, да ја бањаме секојдневно со разни лекарства, да прима неделно инекции и ред други начини кои ги испробавме, а кои не се покажаа како ефективни.

Совет: Покрај конкретните лекарства, витамините се супер за побрзо отстранување на паразитот.

 

Ариа е доста помала од Фреја. Како се однесуваат една со друга?

Си играат кога Фреја е расположена за тоа. Во поголемиот дел од денот Фреја одмара, а Ариа и ги чисти ушите или и уништува некоја играчка.

 

 

Лабрадорите се познати по тоа што сè сакаат да стават во уста, некогаш дури и најголеми работи, како рацете и нозете на нивните човечки пријатели. Дали ова се случува со Ариа?

Како помала секогаш ме гризеше за нозе и ми ги прибираше чорапите кај неа во кревет. Сега,како постара, и се има случено да одкорне некое младо дрвце од корен или да дојде со некоја огромна гранка со која не може ни да се движи, но се труди.

 

Дали со Ариа живеете во стан? Колку е „удобно“ да се живее во стан со големо куче? Колку за тебе, а колку е удобно за Ариа?

Реално, не и е удобно на неа, особено во летните денови, Кога гледам колку и е топло дома ми паѓа жал и си ја замислувам како трча во двор. Но навечер, кога ќе ми се качи на кревет и ќе ми го заземе целиот, се помирувам и си викам – Океј ти е, те шетам 4 пати на ден, среќно куче си ти.

 

 

Дали се случува деца (или возрасни) да се плашат од Ариа поради нејзината големина? Кои се заблудите што луѓето ги имаат за големите кучиња? Како мислиш дека може да го промениме овој општ страв од кучиња?

Се случувало честопати да морам да ја шетам на ланец, бидејќи некој се плаши од неа и нејзините темпераменти покрети. Заблудите кај луѓето најверојатно се создале како резултат на тоа што околу нас имаме многу гладни и незгрижени улични кучиња, кои реагираат инстинктивно и знаат да влеат страв.

И мене ми се има случено да „ме лаат“ кучиња кога сум била на точак. Но мојата теорија е дека доколку им се обратиш со пријателски тон и позитивен глас веднаш те доживуваат како пријател.

 

Comments

comments