Од официјални постери за Marvel филмови до илустрации во New Yorker, иако Марко Манев е дете од скопските улици, тој порасна во супер херој на дигиталната уметност во светот.

Постери и несекојдневни илустрации. Како ли ги цртаат? Кои се тие визионери што стојат позади овие ремек-дела? Дали е ова рачно нацртано? Многу, многу прашања имав. На прв поглед сè изгледаше толку комплицирано и невозможно.

Овие денови имав прекрасна прилика да запознаам и поразговарам со Марко Манев – еден од светските илустратори (би било премногу клише кога би рекол – „светско а наше“). Тој ми ги избистри повеќето дилеми, и пријатели мои, едноставно – растура!

 

manev-captain

 

Црта од 5 годишна возраст, игра со Лего, чита стрипови. Пасијата за цртањето била нешто што природно доаѓало и спонтано се зголемувало. Родителите за прв пат го препознаваат талентот на Марко кога прецртал стрип, а тие останале фасцинирани. Таму започнува таа негова одисеја.

Патот до денешниот успех (црта постери за светски, филмски блокбастери) бил навидум едноставен и со скоро нула препреки. Цел овој период цртањето била активност што ја сместувал во слободното време (или обратно), а како и секое дете, инспирација му биле авиони, супер херои, трансформерси.

 

 

Интересен факт е тоа дека одреден период од неговиот живот го поминал како еден од основачите на граѓанската организација „Погон“, која имала за цел воздигнување и културна едукација на младите преку различни уметнички работилници (издавале и магазин за цртање стрипови насловен како „Comicus Magnus“). „Погон“ била една концептуална идеја која била водена од фрустрацијата и апатијата која владеела кај Марко и неговите другари, кои биле разочарани и желни за промени во нашето Скопје. Недостасуваат овие луѓе денес.

„Ако го нема – ќе го направам,
ако не го знам – ќе го научам“.

Доста јако мото за еден млад човек. Желбата за стрипови и постери била поголема од сè во неговиот живот. Ниту неговите први работни позиции (графички дизајнер во една македонска фирма, a подоцна и во маркетинг агенција), не го сопреа секој момент слободното време да го искористи за цртање на постери од неговите омилени супер херои. Сам научил Фотошоп и Илустратор и почнал да црта.

 

 

Марко ни откри една мала тајна за тоа како ги создава своите постери. „Кога креирам постери, една од главните инспирации се други дела од каде во суштина ги „крадам“ боите кои се искористени, т.е оние кои мене ме асоцираат на филмот, и саундтракот или со дел од саундтракот кој ме поврзува со мојата омилена или највпечатлива сцена. Кога се работи за постер за нов филм тогаш на располагање го имам само трејлерот, музиката и одредени, минимални сцени. Главната идеја доаѓа од слушањето на саундтракот. Кога ќе ја сопрам музиката и ако сеуште таа трае во мојата глава кога ќе ја погледнам илустрацијата – тогаш знам дека сум на прав пат. Ако се работи за веќе гледан филм, тогаш однапред знам кои се моите омилени сцени и музиката која е дел од истите, и веќе ја имам основата“.

Првата серија на постери која ја направи беше Marvel Minimalist и ја стави на Behance за да види што ќе се случи. Бум! Побарувачката растеше, првите серии на постери се продаваа како алва. Светски сајтови како Gizmodo го шеруваа. Марко почна да станува голема зверка. Од овој момент неговиот живот се менува за 180°. Марко го погоди правиот момент за минималистичка уметност – тој период минимализмот како тренд се претвораше во интернет сензација.

 

Marko Manev (2)

 

Почнаа да го контактираат галерии од Њујорк, Лос Анџелес, Тексас. „Јас не барав никого, тие ме контактираа мене. Направи добар производ и не постои можност за неуспех“. Постерите и неговата работа го носат до членство во Poster Posse (уметничка група на илустратори) и Blurppy (блог кој на еден начин ги менаџира илустраторите и ги поврува со Холивудските филмски студија). Марко стана дел од „кремот“ на илустраторската дејност.

П.С. Омилени дела за работа му се Noir постерите.
П.П.С. Колку подолго работи на своите проeкти толку повеќе ги замразува. Марко, работи пократко.

Следете го Марко на: Неговиот веб сајт, Facebook, Twitter и Instagram.

 

Галерија

 

Comments

comments