Скратена верзија објавена во „Портрет“ (март 2017)
Фотографии: Елена Фиданска

 

Кога сите деца околу нас сакаа да бидат доктори, ние сакавме да бидеме столари.

И уште сакаме, иако веќе неколку години не се доживуваме како деца. Затоа што, сериозно, постои ли подобро чувство од допирот на необработено дрво или подобар мирис од оној на куп, свежо исечени греди?

Додека ние гледаме како сонот ни пропаѓа (ова звучи многу потажно од тоа што реално е, не се секирај), Марта Мојсова го живее нејзиниот. Таа преку репарација, секојдневно им го враќа животот на старите парчиња дрвен мебел, кои времето ги истоштило и им додава мала нишка од нејзиниот дух и карактер.

 

 

Како и кога започна целата приказна за репарација на стар мебел? Во кој момент го формираше Spin Furniture? Дали веќе го исчисти твојот и подрумите на твоите пријатели од стар мебел? Која од твоите досегашни креации би ја издвоила како најдрага?

Целата приказна околу репарирањето на стар мебел започна уште по завршувањето на магистерските студии на IED, Барселона и праксата која ја имав таму во Transfodesign Студио, каде научив како креативно да размислувам и да се изразувам преку она кое ми беше поле на најголем интерес, а тоа беше и сè уште е еколошкиот и реупотребливиот дизајн.

Кога се вратив во Скопје организирав работилници за реупотреба на отпадни предмети во нови уникатни дизајни со децата од Шуто Оризари, да се научат дека од отпад можат креативно да создаваат и заработуваат.

Потоа следуваше работилница за изведба на дизајни со реупотреба на стари амбалажи на Skopje Design Week, како и работилница за изведба на сценографија од отпадни материјали на Skopje Creative Hub. Во текот на работата го согледав големиот спектар на можности на имплементација на Reuse Design.

Со оглед на тоа што професионално се занимавам со уредување на ентериери, како и желбата за подигнување на еко-свеста на консументот, почнав да ја гледам убавината во старите парчиња мебел, кои со некаква интервенција (помала и поголема) можат да станат совршена комбинација во ентериерот.

Spin се роди по првиот проект Креативна Реанимација кога ја увидов големата заинтересираност на конзументите кон ваков тип на уметност и потенцијалот таа да се разавива и проширува.

Ха ха, да мојот подрум како и подрумите на моите најблиски пријатели се веќе одамна исчистени од стариот мебел, а некои од тие парчиња веќе се во колекциите на Spin.

Иако сите парчиња за мене се посебни, сепак најдраги ми се фотељата Blended (спој на ретро фотелја од 60тите со масичка за читање и пиење кафе) која е дел од колекцијата Fusion, како и лампата Fly me to the moon која е дел од истата колекција (оваа ламба е во соработка со филигранката Бранка Данчевска).

 

 

Ако те поканат да напишеш учебник за репарација на стар мебел, која би била твојата основна дефиниција за тоа што претставува и како изгледа една репарација на стар мебел?

„Репарирање на стар мебел е процес на „враќање во живот” на предмет кој ја изгубил својата убавина и функција кој инаку би завршил како отпад или огревно средство. Крајниот производ е уникатен дизајн со обновена или сменета функција и изглед.”

Репарирањето е макотрпен процес, кој бара многу прецизност, време и внимание.

Прво се набавува мебелот, се смислува и исцртува дизајнот-крајниот производ кој сакаме да го добиеме. Потоа се носи до работилницата каде се врши репарирањето (шмирглање, премачкување, појачување, склопување), според потребната интервенција која е потребна и се набавува материјалот потребен за работа. Многу често мебел штофот сами го печатиме за да ја пренесеме пораката која ја сакаме. До сега ги користевме колажите на графичарката Дијана Томиќ Радевска кои беа направени токму за оваа намена и веќе станаа препознатливи за брендот. На крајот парчето се носи на завршна обработка – тапацирање, кантирање, лепење на фолија итн. Потоа се составува целиот мебел, се менува оковот доколку е потребно и на крај, ако се е како што треба, производот е готов и спремен да се транспортира до клиентот.

 

 

Проектот „Креативна Реанимација” беше актуелен пред две години, преку изложбата во Concept 37, учеството на Paratissima Skopje и општата медиумска популарност која ја достигна. Што претставува овој проект за тебе, дали беше тоа еден од твоите први проекти и што се случува моментално со него?

Проектот „Креативна Реанимација” беше поддржан и финансиран од Министерството за Култура во областа на Креативните индустрии 2015 и беше во соработка со Катерина Теодорова.

Крајната изложба беше доста посетена и луѓето покажаа голема заинтересираност, нивната поддршка ме инспирираше да го создадам Spin кој по изложбата го водам самостојно. Овој проект продолжи да се работи и развива во 2016 овој пат под името „Ретро Визија”, а крајната изложба беше претставена во Public Room во декември 2016та.

 

 

Како помина последната изложба на Spin Furniture во Public Room? 

Последната изложба во Public Room беше претставување на дел од двата последни проекти кои ги работев, проектот „Ретро Визија” и дел од проектот за кој бев наградена на натпреварот Зелени идеи.

На изложбата беа претставени парчиња мебел репарирани во различни стилови, во зависност од периодот во кој се создадени, комбинации на стари парчиња мебел во комплетно нови дизајни притоа давајќи им поинаква функција и димензија, како и реупотреба на стари отпадни предмети и материјали во дизајни со сосема нова функција и изглед.

Во склоп на проектот Зелени Идеи 2016, се одржа и работилница со млади архитекти. Идејата беше да се подигне свеста за еколошкиот и социјалниот аспект при дизајнирање и производство. Работилницата беше доста инспиративна за младите дизајнери, помина во најдобар можен ред и финишираше со одлична презентација на успешно изведените дизајни на младите креативци.

 

Spin редизајн на стара облека

 

Добитник си на наградата „Зелени идеи 2016”. Како се случи тоа и што претставува ова признание за тебе?

Оваа награда многу пријатно ме изненади и ми даде голем поттик за работа, сепак е тоа натпревар на балканско ниво со голема конкуренција и многу квалитетни и издржливи идеи. Претпоставувам дека јас ги имав добро конципирано сите потребни елементи за натпреварот посебно еколошкиот и социјалниот аспект, а и комисијата ја увиде потребата од еден ваков проект на нашите простори чија првобитна цел е намалување на отпадот , а со тоа и намалување на загадувањето на воздухот, проблематика која во моментов сметам дека е најважен аспект за делување.

Во првата фаза од овој проект беа реализирани акции за откуп на стар мебел во руралните средини, кој инаку за жал би завршил како огревно средство или дел од отпад. Дел од овој мебел и дел од отпадни предмети кои беа најдени, се веќе репарирани а дел се предмет за пренамена во втората фаза. Потоа следеше работилницата со младите архитекти и изведбата на нови дизајни и како што предмалку кажав, во тек е втората фаза на проектот.

 

Spin редизајн на стара облека

 

Кој ти е омилен репаратор на стар мебел? Исто така, дали имаш омилен стил на дизајн на мебел или пак некое безвременско парче што би го издвоила?

Инспирацијата доаѓа од самото парче мебел, моменталната состојба и пораката која сакам да ја пренесам, тоа ги одредува материјалот,бојата и стилот во кој би се извел дизајнот. Многу познати дизајнери имаат колекција или парчиња во стилот на reused design, поддржувајќи ја идејата од различни стари парчиња мебел и отпад да создадат нови функции и сосема нов мебел. Инспиративна за мене е работата на George Nakashima.  

 

Која е најудобната фотелја на светот во која би се сложила да ги поминеш пензионерските денови?

Веројатно тоа би била Eames Lounge Chair или фотељата Chaise Longue (долга фотеља) на Le Corbusier.

 

 

Што може да очекуваме во иднина од Spin Furniture? На што работиш моментално?

Моментално продолжувам со работа на големиот проект на Зелени Идеи 2016. Во тек е втората фаза од проектот која вклучува ангажирање на жени од рурални средини во процесите на ткаење и изведба на мебел штофовите кои ќе се користат за тапацирање на мебелот, соработка со млади дизајнери и уметници кои ќе ги аплицираат своите дела на дизајните на Spin и многу други активности.

Исто така Spin започна со нови колекции на модни и домашни додатоци (редизајн на стара облека во соработка со Катерина Божиновска, како и изработка на домашен декор од еколошки материјали) во соработка со артизани и дизајнери.

Во моментот се работи и на тековните нарачки на репарирање на стари парчиња мебел, кон кои клиентите се многу приврзани, но сепак сакаат свежа промена во својот дом и моја задача е да го направам тоа на најдобар можен начин.

 

Comments

comments