Зад седум скопски ноќни клубови, стотина скопски кафичи и околу милион кафани, некаде во оддамна изгубениот клубски живот на Скопје, постоеја збир на млади луѓе кои сè уште веруваат.

Стримаа добра прогресивна музика, сакаа да донесат позитивна промена во секојдневието и да ни го разбрануваат дневниот и ноќниот живот. Веруваа дека има луѓе кои ги поддржуваат и кои сакаат да бидат дел од приказната. Посакуваа нешто ново да му се случи на градот, нешто свежо. Да пробаат да му дадат нов дух и да го реанимираат Скопје, кој последниов период само тешко се издишува.

Легендата вели дека се нарекуваат „Mash Radio“, дека имаат нивен сајт на кој може да слушнете повеќе добри стримови, а сите оние кои се со сличен мајндсет може да им се приклучат и заедно да пробаат да го расонат својот град. Приказната продолжува со тоа како Rеborn и Mash се запознаваат и заедно создаваат промени, предизвикуваат насмевки и живеат среќно во веселото Скопје до крајот на животот.

Во кратки црти ви пренесуваме дел од муабетот со Бошко, Филип и Виктор. Доколку сакате да дознаете повеќе, отсекогаш музиката кажувала многу повеќе од зборовите. Па повелете, уживајте во нивниот стрим.

Што претставува Mash Radio? Која е идејата, кој стои зад него? Како започна целата приказна?

Виктор: Mash Radio е веројатно првото, скопско, интернет-радио кое пушта пред се електронска музика. А како почнува не ми текнува, беше тоа пред отприлика година и пол.

Бошко: Радиото како идеја постои уште пред да започне да работи како радио. Идејата е на Филип и Виктор, тие сакаа да имаат интернет радио во кое секој може да учевствува. Јас на почетокот бев малку скептичен, меѓутоа, по нашиот прв настан беше јасно дека имаме публика која ќе нè поддржува и дека радиото е супер платформа за споделување на она што ние мислиме дека вреди.

Филип: Меш радио е место каде можеш да се изразиш музички и каде може да се слушнат домашни ДЏ-и од секаде во светот. Идејата е сосема едноставна и прилично распространета, да се искористи интернетот за проширување на музичката култура која од тука излегува. Идејата ни дојде на мене и Виктор, а многу набрзо го приклучивме и Бошко (и зажаливме), тој веќе беше дел од BTKRSH екипата и многу ни помогна да навлеземе побрзо во субкултурата на Скопје.

 

Која е приказната која сакате да ја раскажете?

Виктор: Па не знам баш дали сакаме да раскажеме нешто, како и да е, оставам повеќе спонтано да се пишуваат и раскажуваат работите бидејќи тоа е, бар досега, најубавиот дел од Mash.

Филип: Дека мора околината да се олабави и да почне да се забавува многу повеќе од само викенд искачање, дека журка не е само диско и дека музиката не е само подлога.

Кој сè е дел од Mash Radio?

Бошко: Дел од Mash Radio е една голема екипа од разни делови на Скопје, како и некои луѓе од други градови. Тоа се диџеите кои имаат емисии, меѓутоа и публиката која редовно го слуша радиото и доаѓа во радио, или на тејковер на дружење. Исто така вреди да се спомне дека во Mash Radio гостувал диџеј од секоја промотерска екипа во градот, мислам дека ова укажува на нашата отвореност.

Филип: Сите луѓе кои прошле низ радиото ние ги сметаме за дел од него. Не само што пуштале музика, туку и што помогнале за звук, видео, фотографирале или само пристусвувале на стрим или журка со нас.

Виктор: Сите се дел од Меш и вие ќе бидете сега.

Што планирате понатаму? Накаде да се развивате?

Виктор: Па не сакаме многу планирање. Идеи си доаѓаат, некои се добри некои не се. Некои се навечер добри, а сабајле катастрофа, некои се обратно. Така да само лабаво.

Бошко: Летово радиото работеше само онлајн, немавме физичка локација. Следно е да најдеме нова локација, да направиме нова програма за следната сезона, сакаме и нов веб сајт. Другото останува да решиме зависно од тоа како ќе се одвиваат работите.

Филип: Моментално сме на мала летна пауза. Го напуштивме местото каде до сега се наоѓаше радиото и веќе имаме во план ново, малку поголемо место, кое најверојатно ќе има неколку функции. Планираме да вклучиме поголем број на луѓе кои ке помогнат Mash да се развие уште повеќе.

Планираме да го избациме Бошко пошто замара.

Освен редовните стримови, следен настан на кој ќе нè има е Скопје Креатива, кој се одржува од 17 до 20 септември на Плаја Виста.

 

mash-3

Само електронска музика или ќе има и нешто друго?

Виктор: Па досега не сме само стриктно електронски нафурани, иако тоа домирнира – да. Но, отворени сме кон секеков вид на модерна и прогресивна музика.

Филип: Тоа што до сега било претежно електронска музика е поради тоа што ние тоа слушаме и можеме највеќе да понудиме од таа сцена, а никако не сме ориентирани само на еден вид. Имаме организирано и настап на бенд во парк, каде претходно лето организиравме стримови имаше и рап/хип-хоп ДЏ-и, а сигурно во иднина ќе има и други видови музика.

Бошко: Во мојата емисија „Ритамот нè поврзува“ секогаш гледам да пополнам 2 саати со музика од повеќе различни типови. Тоа е џезот на Дон Шери, афрички перкусии, диско, њу вејв, техно и хаус.

Организирате ли журки или други евенти во склоп со Mash Radio каде публиката може да ги следи настапите во живо?

Бошко: Mash Radio има организирано бројни „тејковери“ на познатата тераса, саботната резиденција – Југ во парк минатото лето, журки со гости како Вакула во клубот Блок 20, Стингреј во Сектор и бројни техно журки во Капан Ан.

Филип: Сите стримови кои ги правевме во просторот беа отворени и на повеќето доаѓаа луѓе. Инаку сите стримови одат и во живо на сајт, а потоа повеќето и на Mixcloud за преслушување.

Виктор: Целата програма на Mash се базира на настапи во живо на ДЏи, најчесто секој ден од 18 до 24. Било да е тоа во Mash или на некое друго место од каде што стримаме. А ако мислите во живо за клубските настапи, да и тоа е секако дел од Mash.

mash-5

Колку кај нас има публика за ваквите трендови?

Бошко: Кај нас има се повеќе публика заинтересирана за ваков тип на настани. Можеби сепак малку касниме со светските трендови, меѓутоа поради зголемениот број на луѓе инволвирани во музички проекти и настани, и публика е сè поголема. За ова најзаслужни се новите интернет платформи кои пласираат нова музика и трендови, како и социјалните мрежи.

Виктор: Има, нормално, но не доволно според мене. Може да биде и боље, а и треба да биде боље.

Успешен почеток на една приказна, која се надевам ќе биде без крај, со бавни и сигурни чекори.

Сега и ние сме дел од Mash Radio и од оваа клубска Робин Худ приказна. Интервјуата со скопските, техно-херои, на наше задоволство, само ќе продолжуваат. А нашето Скопје да продолжи да се журка, бори, дише и да слуша квалитетна музика. Промените секогаш доаѓаат од подземјето.

 

Галерија

 

Comments

comments