На сите ни се случило „лабавото“  искачање во среда да заврши во Балет.

А утредента целиот работен ден ти пропаѓа. Седиш наведната со цела тежина над бирото, посекуваш никогаш да не ги тргнеш наочарите за сонце од очи, се молиш директорот да не реши денес од сите денови да дојде за да ти објаснува за новиот проект и посветено гледаш во часовникот, како да ќе ги натераш стрелките да се движат побрзо ако не тргнеш поглед од нив.

Што би рекле американците – We’ve all been there. Но иако се чини како шансите за преживување на денот да ти се премногу мали, сепак има нешто што можеш да направиш за колку-толку да се чувствуваш поживо од саксијата со кактус позади колешка ти.

Искрено, да, што и да направиш нема да се вратиш целосно во живот, ама следните неколку совети што вешто ги прибиравме низ годините и низ интернет, ќе ти помогнат бар да собереш сили за да провериш мејл.

 

Вечерта пред спиење: Напиј се Аспирин или Кафетин 

Диме тврди дека Кафетин е една од најдобрите работи кои излегле од Македонија. Биди паметна, откако ќе си дојдеш дома вечерта, напиј се колку можеш повеќе вода и 1-2 апчиња Кафетин.

 

 

 

Утрото пред работа: Истуширај се. Долго и темелно.

Пробај да ја извадиш секоја трага од Балет од тебе. Многу ќе те мрзи, ама мора да бидеш силен. Мирисот на водка и цигари нема да му пречи само на колегата со кој делиш канцеларија, туку и на тебе. Не заборавај да измиеш заби. Неколку пати.

 

 

 

Утрото пред работа: Избери парчиња облека во кои ќе изгледаш „средено“

Иако повеќе од сè сакаш да отидеш на работа во тренерки или само на пижамите да додадеш некоја удобна патика, избери нешто во што ќе изгледаш „скоцкано“. Колку „посредено“ изгледаш, толку потешко ќе биде да се примети дека немаш желба, а ни сила за живот. Избери некоја добро испеглана бела кошула или фустан во кој секогаш се осеќаш добро. Ќе ти помогне и со самодоверба додека го преживуваш денот. А да, и никако, никако не носи облека што си ја носел минатата вечер.

 

 

 

Утрото пред работа: Хидрирај си ја кожата

Може немаш навика да мачкаш хидратантни креми за кожа, ама во ден како овој, верувај ќе направи многу разлика. Целото тело ти е дехидрирано, а со него и кожата. Ќе изгледаш и ќе се чувствуваш многу подобро ако после тој долгиот туш нанесеш добра количина хидратантна крема, на лице, а и на тело.

Исто, денес е денот кога треба да го извадиш оној добриот коректор за подочњаци и црвениот кармин во кој секогаш изгледаш неверојатно. Само да, не заборавај после тој тушот убер-темелно да ја извадиш шминката што те мрзеше да ја извадиш минатата вечер.

 

 

 

Утрото пред работа: Изеди некоја лажица мед

Сите веруваат во различна храна за анти-мамурлак. Некој во кајгана со 4 јајца и сланина, друг во четвртина со месо. Ама оние паметните, научниците, тврдат дека мед сериозно помага во вакви ситуации. Има високи количини на фруктоза, кои ќе ти помогнат да ги вратиш шеќерите што ги изгуби минатата вечер. Од друга страна ќе ти помогне и со варењето на храната и ќе те наполни со натриум и калиум.

 

 

 

На пат накај канцеларија: Застани кај Силбо и купи си некое добро, мрсно лиснато

Додека мед е супер, да не се лажеме, многу подобро ќе се осеќаш ако го започнеш денот со некое добро лиснато со зденка и/или мрсна баничка. Да, ова е денот кога ти е допуштено сè.  

 

 

 

На пат накај канцеларија: Купи пијалок полн со електролити како Gatorade, и/или Кока Кола

Ти требаат сите електролити што можеш да ги собереш. Спортски пијалоци од типот на Gatorade може имаат вкус исто како што изгледаат (неверојатно вештачки – како е возможно нешто да има толку плава боја?!), ама дефинитивно ќе ти помогнат да застанеш на нозе. Ако не најдеш Getorade или сакаш уште малку да се појачаш, купи и некое шише Кока Кола.

А кога ќе стигнеш во канцеларија, претури ги Getorade-от и Кока Колата во шолја за кафе, зашто моментот кога ќе прошеташ помеѓу колегите со шише Кока Кола во 09.30 наутро – на сите ќе им биде јасно што се случува.

 

 

 

Во канцеларија: Пиј колку е можно помалку кафе и колку е можно повеќе вода

Колку и да е примамлива сликата од бокал кафе што за момент ќе ти направи да се почуствуваш поенергично, пробај да избегнеш кафе зашто само дополнително ќе те дехидрира. Ако до толку не можеш да се контролираш – нека биде тоа кафе со многу, многу мраз. Од друга страна, стави си на биро едно големо шише вода и не прекинувај во ниеден момент со пиење.

 

 

 

Во канцеларија: Намали го контрастот на мониторот од компјутерот

Ако не можеш да ги одложиш мејловите од кои и во обичен ден те заболува глава, најмалку што можеш да направиш е да го намалиш контрастот на мониторот и да ја смениш позадината на Gmail со нешто сиво и неутрално.

 

 

 

За ручек: Јади нешто полно со јаглехидрати и протеини

Правилото за денес ти е – леб, месо и шеќер. Ова значи дека сендвич, бургер и паста сите се добри идеи за ручек. И да, шеќер е лоша идеја пред и за време на пиење алкохол, ама одлична за утредента. Алкохолот го претвора гликогенот во телото во гликоза и го исфрла преку урина. За да си вратиш малку од изгубената енергија почасти се некое овошје полно со фруктоза или некоја добра Милка.

 

 

 

За ручек: Не пиј свежо цедени сокови од лимон/портокал

Лимонада и свежо цеден сок од портокал супер звучат теоретски, многу освежително, но во пракса е скроз различно. Од киселината во портокалот/лимонот само дополнително ќе ти се разјаде желудникот и ќе се чувствуваш само полошо од претходно.

 

Comments

comments