#едноставно #убаво #урбано #градски #СКОПСКИ… Градација која сосем спонтано се наметнува кога ќе го погледнете најновото видео и композиција на Matej Foltz, во соработка со Гоце САФ.

Навистина ја сакам и неизмерно ми годи оваа младешка свежина која во последниов период го преплави Скопје. Без разлика дали е техно, скејт, дизајн, филм или во случајов хип хоп, тоа е нова генерација која има свој вајб, свои согледувања за нештата и свои правила кои полека му ги наметнува на градот. На моменти ми се чини дека ова се деца кои немаат никаква врска со оваа закоравена, конзервативна, буквално примитивна средина, полна омраза и завист. Овие клинци како да се довеани со некој пријатен топол ветрец од некоја волшебна земја, која не знае за маките на просечниот Македонец со интернет приклучок. Супер чиста свест, чудесна мудрост, паметна смиреност со комплицираното секојдневие и секогаш, СЕКОГАШ со позитивно решение за било кој „проблем”. Го немаат тоа постарите овдека, а-а! Неп. А овие децава така лаконски го возат. Многу сум среќен поради тоа.

Matej Foltz ги освои нашите срца со брилијантната песна Понеделник, а само во последниве неколку месеци имаше повеќе настапи во живо, со што покажа дека е сериозен во намерите да се запише помеѓу значајните артисти на денешницата.

Гоце САФ го знаеме одамна. Оригинален „легионер” и член на култните САФ, пионер на македонскиот хип хоп и еден од најуспешните диск џокеи, продуценти и промотери на хип хоп културата и музиката во нашата земја. Вистинска легенда од скопскиот асфалт. Но не легенда само заради нештата што ги направил во минатото и што ги прави сега, туку и поради тоа што знае да препознае и признае талент и квалитет кај артистите што доаѓаат. Па не попусто човекот се вгради во локалната сцена, а овој процут кој го доживуваме денес е токму резултат на неговата и работата на луѓето како него. Паметен, логичен и прогресивен спој на младост и искуство, вистинска Идеја од мигот на инспирација, па до финалниот продукт во форма на оваа песна и видео, кои за нас и Вас, прекалените Reborn шизици е песна на месецот.

Кратко слатко, паметно и со поглед кон западното скопско небо… поглед кој ги разоружува градските злобници, рандом циници и секаков вид надркани фраери… Само спокојно драги мои, само спокојно. Се ќе биде во ред.

Новата урбана номенклатура.

 

Comments

comments