Фотографии: Александра Костадиновска

 

Започнуваме нов серијал на текстови во кој ќе ги споделуваме портретите на локални ликови и нивните миленичиња.

Првата приказна е за боксерот Нерон и неговата најдобра другарка, Михаела Василевска. Нерон живее во Скопје, а Михаела е моментално на студии по архитектура во Братислава.

Подолу се работите кои тие ни ги кажаа за себе, кои меѓу другото докажуваат време е да прекинеме да судиме колку едно куче е добро и мило по неговата големина и изглед.

 

 

Дали Нерон е првото милениче кое си го имала? Колку години го имате и како се „најдовте“?

Не, Нерон не ни е првото милениче. Претходно имавме и сијамски мачор и папагал, но секако дека ова е најдинамичниот а воедно и „најдосадниот” од нив.

Нерон го имаме веќе четврта година, а го „најдовме” така што едни наши роднини кои одгледуваат германску боксери, ни овозможија да си одбереме едно. И така, од девет кутренца, ние го одбравме овој белчо што сега е со нас.

 

Дали отсекогаш си била „dog person”? Дали веруваш дека кога некој преферира куче или мачка како милениче тоа кажува за нивниот карактер? Доколку да, што мислиш дека кажува?

Дефинитивно можам да кажам дека сум 100% dog person. Никогаш не сум знаела да се поставам со таква возбуда и љубов према мачките, како што тоа го правам со кучиња. Не би сакала да генерализирам карактери, ама можам да кажам дека ноншалантноста на мачките не бара многу, додека за куче ти треба цврст карактер и одлука за да можеш да се натераш да станеш во 6 наутро и да го шеташ на -10 степени.

 

 

Омилени ни се кучиња кои изгледаат „страшно”, а всушност се големи мази. Како се однесува Нерон? Дали често луѓето се плашат од него пред да го запознаат?

Нерон можеби изгледа робусно и „страшнo” во очите на други луѓе, но всушност е само едно пораснато кутре кое обожава деца и има уплав од петарди.

Досега, не сме го чуле да залае на ниту еден човек, баш напротив, секогаш има пријателски став кон луѓето. Иначе, луѓето кои не ја познаваат оваа раса на кучиња (често се случува да го помешаат со пит бул), заради „страшниот” изглед и вообичаено ја одбегнуваат неговата близина. Но оние што го познаваат и оние што чуваат поголема раса на кучиња знаат дека тие се, како што рече, гооолеми мази.

 

Живеете во стан, а Нерон е прилично голем. Како изгледа тоа? Дали е некогаш проблем за вас или за Нерон?

Да, Нерон припаѓа на средно-големата раса на кучиња, ама ете… со оглед дека го имаме од двомесечно кутре, како растеше, така ние се навикнуваме на него, па речиси и не приметивме кога порасна.

Така што, навистина не ни претставува проблем неговата големина, освен кога станува збор за навиката да спие сам, која кај него не постои. Спиењето со Нерон изгледа како играњето тетрис, едноставно се пика меѓу нозе заземајќи 70% од креветот, а на тебе останува да си направиш удобно со делот кој преостанува.

 

 

Сите кучиња имаат по една „човечка“ храна што им е слабост. Што обожава да јаде Нерон?

Нерон ги обожава сите „човечки” храни. Едноставно е голем гладош и вечен ненаситник кога јадењето е во прашање. Kога се јаде било што, ќе си седне до тебе, не трепнува со очи и едноставно пробува да те хипнотизира се додека не му се даде залче храна.

Мислам дека го добивме Нерон со вграден сензор кој го регистрира секое движење во станот што е некако поврзано со храна. Дури и кога спие, доволно е само да шушне некој во кујна или да го отвори фрижидерот, а Нерон во помалку од 3 секунди ќе се најде до него.

 

Кои се заблудите кои луѓето ги имаат за боксерите кои мислиш дека е време да исчезнат?

Мислам дека како најголема заблуда е тоа што заради нивниот изглед, ги сметаат за агресивни, затоа што германските боксери навистина не се.

Единствената агресивност ја покажуваат кон други возрасни мажјаци, што е сосем нормално и е дел од нивниот инстинкт. Во се останато, тие се максимално лојални, послушни, понекогаш изненадувачко интелегентни и домашни миленици во вистинска смисла на зборот. Што се однесува до заблудите, тие ќе исчезнат истиот момент кога некој ќе се одлучи да има боксер за миленик.

 

 

Која е најсмешната, а која најслатката работа што Нерон често ја прави?

Нерон е секогаш спремен да насмее, барем кај мене секогаш му успева. Од најсмешни би ги издвоила неговите пози на спиење. Не знам баш како би доловила со зборови ама изгуглајте „boxer weirdest sleeping positions“.

И покрај сите играчки кои ги има, една од најомилените му е еден најобичен камен, кој си има специјално свое место позади зграда и кој обавезно мора да го провери и поигра на секое шетање. Ептен е сладок кога се пика под ќебе кога грми или кога пукаат петарди, но дефинитивно најсладок е кога се радува штом некој ќе си дојде дома. Тогаш има цел ритуал од движења, мавтања со опашот и умилкувања, кои не може а да не те направат среќен па колку и да ти бил ужасен денот.

 

Најсмешни ни се кучиња кога знаат дека направиле беља. Како се однесува Нерон кога го карате?

Нерон ни има изгризано една комлетна клуб масичка, неколку патики и три ќоша од трпезариската маса и има голтнато метар и пол јаже (не преувеличувам со должината), но тоа воопшто не значи дека е проблематично куче. Иначе, во ретките прилики кога ќе го „скараме” ги лепи ушите за тилот и ќе си се пикне во неговото креветче до моментот додека не почустввува дека ни поминала лутината… што некогаш може да е и по неполна минута.

 

 

Comments

comments