Фотографии: Александра Костадиновска

 

Му ја нарушивме интимата на Томи Акимовски.

Некои викаат – ако сакаш да процениш личност провери му ја облеката, други пак велат треба да му ѕирнеш што чита, трети пак тврдат дека филмовите што ги гледаме најмногу кажуваат за кои сме и што сме.

Ние се сложуваме со трите, но додаваме уште едно – ако сакаш да добро запознаеш дизајнер, провери ги предметите со кои се опкружува. Не само затоа што секогаш се тоа прекрасни предмети на личности со изострен вкус за естетика кои не се спремни да „попуштат“ дури и кога станува збор за четка за заби, туку и затоа што многу кажува за нивниот стил на работа и перфекционизам.

Затоа го започнавме овој серијал на текстови во кој разговараме со локални дизајнери и ги прашуваме да ни издвојат 10-ина предмети без кои „не можат да живеат“.

Овој пат разговаравме со Томи Акимовски, познат како Микери.

 

 

1. Од сите ствари на сликава, очи ни бодат оние поврзани со музика. Има приказна позади слушалициве? Овие се посебни или општо не можеш да живееш без слушалици на глава?

Ова ми се првите слушалки што си ги купив со пари кои ги заработив сам и први слушалки што ми го покриваат цело уво. Прекрасен звук.

 

2. Картичка од Red Bull Doodle Art. Зошто?

Не е обична картичка! Ова е картичка од Palace Hotel во Сан Франциско, на која што ти ја препишуваат собата во која што престојуваш и ти служи како клуч, нели. Инаку картичката ја добив како поклон од хотелот и Red Bull, за учество на светското финале во Doodle Art во Америка.

 

3. Личи на кутија за јајца. Се надеваме во неа има нешто позабавно од 10 јајца?

Нема нешто позабавно од 10 јајца, ама ова е пакетче што доаѓа заедно со еден куп стикери од Egg Shell Stickers – кои се најдобрите стикери шо ги имам купено во животот, а отсекогаш сакав да купам од таму, така да… мораше да одат во омилени предмети.

 

 

4. Фотографија од тебе и уште некој. Кој? Зошто? Каде?

Јас и Hunaid Nagaria од Мумбаи, цимерот што ме дружеше низ цел град кога бевме на финалето на Red Bull Doodle Art 2017.

 

5. Да не ни кажеше, никогаш немаше да погодина дека ова е уствари кутија од цигари. Што чуваш во неа?

Имам неколку, ама ова ми е првата што ја направив и ми е за сите картички што ги имам, вклучувајќи ја и таа од хотелот. Сите картички освен тие со пари на нив, тие си ги носам со мене.

 

6. Ок, ова е лесно – микери футрола за телефон. Зошто ја избра токму неа?

Паа, еднаш реков ќе успеам кога ќе имам iPhone и футрола за него со името на мојот бренд. Седмо бев. Ништо не знаев.

 

 

7. Личи или на огромен тефтер или на лаптоп од доцни 90-ти. Што е? А што и да е, што има во него?

Ако беше лаптоп, ќе имаше само Corel и Херкулес првата. Инаку е тефтер со стикери што ги собирам од основно, стикери што ги имам добиено како поклон, мои стикери и стикери добиени преку размена. Немам платено за ниту еден.

 

8. Беџ од Ringo Starr. We love it. Омилен битл? Зошто? Ако е Ringo зафатен, а треба да пиеш пиво со некој, кого ќе избереш, Lennon или McCartney?

Прво, беџот ми е во омилени предмети и ќе ми биде засекогаш бидејќи е од огромно значење за мене и има посебно место помеѓу моето трето и четврто ребро од левата страна. McCartney. Сакам да му кажам дека има една прекрасна личност што би убила да е на мое место.

 

9. 50 милиметарски објектив. И нас ни е омилен. Се занимаваш со фотографија? Што најчесто фотографираш?

Па, снимам/фотографирам бендови и скејт, чисто од многу љубов кон македонската сцена за музика и општата сцена за скејт. А омилен ми е бидејќи многу години го меркав и си го купив и се преродив.

 

 

10. Внимание, следува фора од 4-то одделение: Клучеви од сефот? Хе, хе.

Од споменарот ми се овие. Дланката е од кутија на продавач на Times Square, која беше со напис: „Donald Trump’s hands ¢50“.

 

11. WD My Passport екстерен хард диск. Што зафаќа најмногу место на хард дискот и по што најмногу ќе патиш ако (пу, пу, пу) некој ти истури кафе врз него?

Ух. Прво, не знам како ќе изреагирам ако нешто се изгуби на него, не бев спремен за ова прашање. Инаку внатре има 2TB од работи кои што прееемногу ми значат, меѓу кои многу снимки од проби за претстави, проби за настапи, бендови во гаражи/визби, скејт видеа, фотки, материјал за документарец и слично.

 

 

12. JBL звучник. Што најчесто слушаш на него последниве месец дена? Кои 3 бенда / музичари ти се хит моментално?

Предлагам ново интервју само за ова прашање. Ама да одговорам привремено: (А) Најчесто слушам Art Blakey. Под (Б) Pluto’s Doubts, 21 Savage, Thelonious Monk.

 

Comments

comments