Скратена верзија објавена во „ПОРТРЕТ“ (Октомври 2016)
Фотографии: Лилика Стрезоска

 

Во последниот број на Портрет, Reborn-секцијата ја посветивме на трите диви на македонската електронска сцена. Веќе добро знаете дека секогаш преферираме да бидеме брутално искрени, па овој пат признавме како отсекогаш повеќе им завидувавме на жените ДЏ-ки, отколку на мажите.

Нема логично објаснување позади тоа, но се случува со многу професии. На сличен начин им завидуваме повеќе на сурферките отколку на сурферите, на параглајдеристките повеќе отколку на параглајдеристите. Можеби затоа што, за жал, сè уште се помалку бројни, или можеби затоа што знаеме со какви предизвици секојдневно се соочуваат.

Токму поради тоа, овој пат позборувавме со три од нашите омилени ДЏ-ки околу диџејството, нивната врска со музиката и пасиите кои им го исполнуваат секојдневието. Почнуваме со оние на Катерина Галиќ – Mileskaya

 

 

Уф Кате. Дел си од сцената од 2006, како член на Pollux (колектив од десетина диџеи кои организираа и промовираа забави во The Club), yредник беше на skopjeclubbing.com.mk, веб портал кој своевремено ја „држеше“ електронската сцена во Скопје. Понатаму, го почна музичкиот проект Deeplima (серија на забави со македонски и странски диџеи) па заедно со Argumento, приказната се разви во Drop Series, (промотерска и диџејска организација) во 2011. Неодамна стана мајка, па направи мала пауза, ама сепак продолжи да пушташ музика. Знам дека музиката е дел од тебе и нема опција да застанеш, како ќе ја развиваш таа врска во иднина?

Уф, баш. Интересно е кога ќе си го прочиташ скоро цело минато на подиум во неколку реченици. Многу работи ги подзабораваме и потиснуваме, можеби намерно, затоа што повеќе на таа слатка тежина не и е местото во сегашноста.

Но да се вратам на прашањето. Мајчинството, како најнов проект и 24-часовна работа ми годи и ме исполнува во оној нежен, љубовен, допирлив и само наш свет. За да побегнам малку од него и да не ми е премногу, се разбира дека наоѓам време да и се посветам на мојата најголема недопирлива љубов, која некој друг сака да ни ја пренесе или долови, музиката. Никогаш доволно. Секојпат мислам дека не сум го нашла она што ми треба, и барам и барам. Тоа е еден презабавен и презаразен ритуал, што ако го нема, нема да бидам ни јас. Јас спаѓам во оние кои го одбрале сетилото слух, како нешто што им носи и им доловува целосно оформено задоволство и убавина. Музички хедонизам.

Врската со подиумот ќе ја негувувам, онолку колку ќе и се даде обострана шанса.

Во моментов сме во минус со клубови, а сме премногу диџеи (нели). Некого ако го нема година дена, не значи дека се откажал од своите настапи и публика, туку едноставно не му дошол редот да настапува. Се смешкам, да.

 

dsc_0326-2

 

Во сите музички колективи каде си членувала, ти си била единственото женско. Што ќе ни кажеш за мизогинијата во диџејството, во Македонија и во светот?

Морам да кажам дека во животот сум добила многу поддршка и помош од моите колеги, диџеи. Како во самите почетоци, така и ден денес сум им благодарна за тоа.

Се разбира дека имало и такви моменти, за кои не ми било јасно зошто се случуваат и како е тоа можно, но ете сум ги осетила и на своја кожа. Предрасуди, газења, сексистички испади и коментари, букинзи само затоа што сум жена, музиката небитна. Многу од тие коментари и не допреле лично до мене, но со сигурност знам дека се случиле. Знаете за каков тип на коментари зборувам.

Во почетоците на оваа денс култура, се било ирелевантно, пол, сексуалност, раса. Подиумот е местото каде се губиш во спектарот на звуци, бои и моменти.  

Жените отсекогаш биле составен дел од сцената, а сè уште се зборува за тоа како нешто исклучително и невообичаено, некоја новина. Кои се мотивите за бирање на оваа професија и зошто не е до толку привлечна за нашиот пол е предмет на друга анализа. Но со тоа се соочуваат и други професии.

Денес за жал, се повеќе гледаме, слушаме и читаме за сексистички напади и мизогинија. Социјалните медиуми и алатки ни донесоа се пред очи. Се соочуваме со реалноста и подголтнуваме. Гледаме како жените не се воопшто вклучени во едни од најголемите андерграунд денс фестивали. Ги нема. Гледаме како жени се букирани затоа што се лични за гледање, а не заради супер музиката што ја прават и пуштаат. Гледаме и читаме како за исти случаеви на „плагијаризам”, едниот случај каде што жена продуцент искористила семпл е цел на напади на цела една заедница, погрдни зборови, насекаде, секоја можна платформа, наслови во медиуми и една сеопфатна хистерија. Додека истото се случува со крадење на семпл од пол: машки, во исто време и ништо. Молк. Незабележително и тотално небитно.

Гледаме и читаме како жени кога пуштаат на светски познатата платформа Boiler Room се коментирани за сè освен за музиката, која заслужиле да ја пуштаат баш таму затоа што работеле на себе.

Музика ниту се слуша, ниту се пушта со гениталии!

Жените сè уште се букираат на „само женски агенди” во бош вечери и тотално музички различни затоа што е чудно дека воопшто тоа го прават или пак затоа што сеуште се мисли дека не се дораснати да пуштаат со своите колеги од спротивниот пол. Жени се букираат како маркетинг трик.

Да не зборуваме за нападите кои жените ги доживуваат додека сакаат да се опуштат и уживаат во музиката на подиум, искусено и секојпат одвратно искуство.

Од жените диџеи и продуценти денес се очекува да бидат се, според некои нели измислени критериуми, врвни експерти во тоа поле, технички најспремни, најнаслушани, најубави. Една целосно извитоперена стереотипна слика.

Време е да се почне да се слуша со еднаквите уши и да се гледа со еднаквите очи. Без предрасуди, без малтретирања, без зјапања и судења. И свет без идни букинзи затоа што диџејот е жена, туку затоа што таа жена е супер диџеј!

 

dsc_0301

 

BBC неодамна објави текст за менталното здравје на диџеите, вели дека депресијата, биполарното растројување е честа појава меѓу нив. За голем дел од нас, публиката, ова е неочекувано, толку ли е сериозен проблемот? Поврзано ли е со балансот меѓу приватниот живот и работата?

Во последно време се повеќе продуценти и диџеи јавно говорат за овој нивни проблем, што е секако за поздрав. Подигањето свест за гореспоменатата сериозна појава во оваа професија и чувството дека не си сам, мислам дека ќе извади многу од нив на прав пат. Која е поврзаноста и факторот кој стои зад оваа ситуација, не сум меродавна да ја пренесам. Можеби е осаменоста при константното патување, можеби е големиот притисок со кој се справуваат повеќе од продуцентите и диџеите за издавање на нова музика, можеби е до трката за што поголем успех.

 

Зад себе имаш и една серија настани, да ги наречеме „слушачки сесии“, кои се одржуваа пред неколку години во Кафе Љубов преку ден. Попладневно матине, во многу пријатна атмосфера се вртеа плочи што претпоставувам не би ги пуштале навечер. Ни се разликуваат ли вкусовите за музика, навечер и преку ден?

Концептот беше да пуштаме музика која обично не ни се вклопува во сетовите кога пуштаме во клубови и се радувавме на реакцијата. Не се сеќавам точно колку траеа тие денски сесии, ама беше кратко и слатко. Не ни беше таква намерата, но публиката си го кажа своето.

Независно од тоа дали е ноќ или ден, вкусовите ни се изоструваат кога слушаме секојдневно многу музика и само тогаш. Слушајте музика.

 

Comments

comments