Кратка приказна за настаните кои доведоа до излегувањето на албумот „Mind Perspective“ на Defect 13th.

Многумина ме познаваат и доживуваат како диџеј, што и покрај еднодимензионалноста на перцепцијата воопшто не е чудно, со оглед на фактот дека 23 години, барем 2 пати во седмицата професионално пуштам музика по ноќни клубови. Она што поради лажниот гламур на професијата е помалку забележливо, е дека тие мои екскурзии ми овозможуваат да се најдам на разни места и се запознаам со секакви луѓе. Чудни авантури знаат тоа да се испостават, а понекогаш има и непријатни мигови. На пример понекоја крвава тепачка овде или онде, кога мачо крвта помешана со понекој промил на алкохол ќе зовре и удри во глава околу 4 часот по полноќ. Од таква една непријатност во Велес, елегантно ме извлече едно локално момче, кое подоцна се испостави така културно, воспитано и талентирано, па денес излегува неговиот деби албум за ПМГ Рекордингс.

12108116_1519809778334140_4725267220213105156_n

Клиснавме од непријатноста во пролетната, велешка вечер исполнета со мирисот на Вардар и зеленило. Мојот воз за Скопје тргаше во 5 часот, па имав повеќе од час да „утепам“. Бев поканет во ексклузивноста на детската соба на момчето кое подоцна се испостави дека навистина е Defect 13th. Живее со мајка му. Родителите се супер.

Поттикнати од пријатното кристално забрзување на зората, разврзавме разговор (за музика се разбира). Бев известен дека и тој самиот прави некоја музика и така стигнавме до оној дубиозен момент кога треба да ја послушаме заедно. Знае тоа да биде заебано, но јас сум професионалец, се сеќавате? 🙂

На прв поглед некоја модерна варијанта на германски, тунел транс од прва половина на 90ти, што всушност полека но сигурно се трансформира во прилично модерно хипнотичко техно. И оп! – ете една песна за која веднаш ми е јасно дека сјајно ќе легне во мојот техно диџеј сет. Now we’re talking! Навидум студени, цврсти и резервирани битови, но доколку подадете уво, како награда добивате лебдечка и окретна елеганција која се одмотува наоколу. А правиме муабет цело време. Муабетот одмерен, прецизен, полн со разбирање и без вишок зборови. Токму поентата зошто се занимавам со оваа работа: да запознаам културни, креативни луѓе, кои ќе го збогатат мојот, но и вашиот универзум со квалитетна музика.

 

 

Кога уживаш во друштвото и музиката времето лета, па јас за цели 3 часа го промашив мојот превоз. Некаде по 08.00 мојот љубезен домаќин ме испрати на станица, а јас со насмевка на лицето и луцидни твитови тргнав накај моето Скопје. Знам дека имам нов артист на мојот лејбл – ПМГ Рекордингс. Имам многу добар, нов македонски техно албум во рацете. Знам дека сум погодил во центар и дека одлично си ја вршам својата работа. Се чувствувам #Одновороден. Знам дека таму горе некој ме сака. 😉

Денес е петок, 30 октомври. Албумот „Mind Perspective“ на Defect 13th излегува како 124то издание на ПМГ Рекордингс. Можете бесплатно да го спуштите од нашиот веб сајт, а можеби ќе бидете доволно љубезни да скокнете вечерва до Капан Ан или Југотон-ите во ГТЦ и да го купите ЦДто. Тоа е албум на момчето кое ја трансформираше мојата шашава ноќ во фантастично велешко утро. Грабнете ја неговата музика, дозволете да трансформира нешто убаво и за вас.

 

Comments

comments