Омилено јадење? – Гумени бонбони.
Музика со вечера? – Што иде на 103ка.
Каков пијалок со тоа? – Што останало во фрижидер од петокот.
Што сакаш да готвиш? – Турско кафе, сè друго и отвора работа на мајка ми за чистење во кујна.

Ова се моите одговори на сè што ве интересира во врска со задоволствата од кујната. Но сакам да научам.

Мојата желба за готвење и слични кујнски задоволства се роди откако разбрав за Missy Onion. Првин слушнав-недослушнав и дознав дека изработуваат домашни тестенини (да изработуваат, и тоа многу добри), после разбрав за веб сајтот, па си пишавме. Тек после долги собиранки, планирања, одмори, организиравме една вечера. Вечера од Missy Onion за Reborn. Ни готвеа цела вечер, пуштаа музика, беа задолжени за изборот на инспиративно вино, а ние ги дружевме во прекрасниот амбиент на дворот на Кула (се разбира, дојдени со неколку дена изгладнети стомаци), омајани од различни мириси и умови исполнети со прашалници за начинот на кој се создава оваа магија.

Како започна приказната на Missy Onion?

Пасијата кон храна, уметност, иновативност, креативност и динамиката во денот е она врз кое се темели нашето пријателство. Така, една убава пролет, после многу, многу зборови и неколку пива, одлучивме да ја вложиме нашата меѓусебна страст во конкретен проект.

Идејата беше сета таа енергија и љубов која ја имаме кон готвењето, истражувањето и експериматирање со вкусови да ја искористиме и оживееме преку еден веќе нам познат концепт – „Underground dining“.

Пред сè, тежнееме да создадеме нешто повеќе од храна. Сакаме нашите гости да се чувствуваат комплетно поврзани со настанот, како меѓусебно, така и со кујната. Знаеме дека вечерите каде се споделуваaт квалитетни оброци и се одвиваат неформални разговори прават да се чувствуваме избалансирано, приземјено и енергично. Токму кон тоа и целиме. Секој настан е тематски и се случува на различна локација, што секој пат ни овозможува поинакво гастрономско уживање. Менито, музиката, декорациите и атмосферата се внимателно одбрани, создавајќи комплетно кулинарско искуство. За да ја задржиме автентичноста, сами го изработуваме дизајнот на менијата и севкупната декорација.

 

IMG_5447-ft

 

Немате постојана локација. Би соработувале ли со некој од рестораните за организирање на вашите вечери?

Веќе сорботувавме со MAD Kitchen и за нас тоа беше искуство и пол. Таму го прославивме првиот роденден. Иако идејата за во иднина е сопствен простор, додека не се реализира, секогаш е добредојдена ваква соработка. Би биле среќни и би ни претставувало големо задоволство и предизвик повторно да се соочиме со профисионално опремена кујна.

Името, логото и сајтот изгледаат добро и светски кој стои зад сето тоа?

Благодариме. Зад сето тоа стои Missy Onion.

Освен пасијата за храна делите пасија за?

Патувања. Не привлекуваат необични работи, несекојдневни искуства. Умееме да бидеме отворени и да ја забележуваме магијата во работите кои обично само попатно ги одминуваме, а можат да претставуваат неисцрпен извор на инспирација. Сакаме да создаваме и да бидеме дел од секој креативен процес. Сакаме да се смееме, сакаме да јадеме, сакаме музика.

Каков е планот за во иднина? Дали може да прерасне ова во ваша професија, ресторан или нешто друго?

Амбција е Missy Onion да прерасне во професија. А крајната дестинација е дефинитивно – ресторан. Го замислуваме малечок, сладок и топол, секогаш со насмеани и задоволни гости.

Дали сте поделени во приготвувањето на различни специјалитети?

Кога го креираме дневното мени секогаш го правиме заедно. Но за време на готвењето знаеме да си ги поделиме обврските во насока на она во кое едната од нас повеќе ужива. Не функционираме според предефинирани улоги.

 

IMG_5480-ft

Некоја интересна анегдота од вашето готвење?

Бидејќи секоја вечера ја подготвуваме во различен простор и секогаш готвиме нови рецепти, постојано сме принудени да се прилагодуваме и носиме алтернативни решенија. Така да, интересни случки се неизбежен дел од процесот.

Мораме да ја издвоиме рерната како наш најголем непријател. Особено кога се подготвува десертот. Бидејќи имавме неколку непријатни искуства поврзани со излагањето на завршниот дел од менито – десертот, секогаш првото прашање е “ A шпоретот добро пече?”

Како за беља, мораше да се случи кога за прв пат готвевме за гости кои не ни се пријатели. Полни со самодоверба, се одлучивме да подготвуваме торта со миранг (по нашки – пуслица). Добивме потврден одговор дека опремата е нова, што беше доволно. Или бар така мислевме. Иако со мал немир во себе, бевме пресреќни зјапајќи во печката додека се печеше колачот. Се радувавме дека се е совршено добро како мали деца заедно со гостите кои се врткаа околу кујната. Го оставивме да се олади. Кога дојде време да се послужи, колачот беше мртов. Пуслицата спласната со постапокалиптична пукнатина на средината. Фотографии нема. Смисливме како да ги искористиме останатите состојки и направивме алтернативен крај.

Нема ништо поубаво од тоа после страшно хаотичен ден на работа или напорен тренинг да си купиш намирници и да си сецкаш, печеш и муабетиш со добра музика, вино и пријатно друштво. Послатко е кога е твоја креација, кога е ќејфски зготвено, со мал танц во кујна и многу смеа и пофалби (или поплаки). За ова мое најново сознание се криви Missy Onion – две девојки кои она што го работат буквално можат да го вкусат. Reborn го проба и топло сака да ги замоли да им готват потворно. Дотогаш, ќе го гледаме Chocolate, Woman on Top, Julie & Julia и Chef и ќе и се препуштиме на инспирацијата.

 

Галерија

 

 

Comments

comments