Македонската музичка доминација во светски рамки, продолжува од година во година.

Нашите музичари, неоковани од синџирите на музичката индустрија, на крилјата на идеализмот кој само една вака морално “недопрена” средина може да го обезбеди, и секако, комплетно вон реланоста на овој свет, успеваат и понатаму да се однесуваат во согласност со некоја фина уметничка логика. Се работи за високо возбудувачко ниво на свест и тактилност, небаре живееме одма тука во комшии на Рајот (на Земјата) и сосем слободно, без виза и само со лична карта, можеме да си ги посетуваме рајските градини, да се напојуваме со слатките нектари на сознанието, слободата и убавината.

Не, не е ова извадок од вестите посветени на културата од Социјалистичка Република Македонија на 70тите години. Не е ниту северно корејска пропаганда за достерлите на тамошната култура и музика. Ова е забелешка најблиску до церебралната реалност на актуелната музичка сцена на една од најсиромавите (по сите параметри) земји кои припаѓаат на водечката, западна култура на нашава планета. А церебралната реалност е се што му останува на човек, кој во Македонија, овие денови, истакнал кандидатура да биде нормален.

Ова особено важи за нашите музичари, кои се приморани, индивидуално и колективно, да градат имагинарни светови, како би можеле да се убедат себе си и другите, дека се е во ред со нив. Секој нареден албум за музичарот е остварен сон, парче љубов во чиста форма, свет во кој долго време престојува. Македонскиот музичар ја гради својата кариера од албуми (и песни), редејќи ги како некоја растреперена кула од карти, надевајќи се дека луѓето внимателно ќе ја загледуваат и ќе се насладуваат од нејзината грациозност. Ова е приказна за најдоброто од овогодинешната албумска понуда на македонската музичка сцена. Најдобрата во светот 🙂

Tribute to Dead Gentleman, издаден за Шарла, е веројатно најпријатното изненадување за мене во 2017, можеби најповеќе пошто неочекувано, а ме освои со својата еволвирачка убавина, елегантна езотерија и разоружувачка ненаметливост. Маркантен чекор напред во сонграјтерската кариера на еден од нашите најпотентни музички мозоци, господинот Давид Ангелевски (во скопските андерграунд кругови познат и како Пиколомини).

 

 

Во манир на некаква комета на средовековното небо, кроз уши ни прошиша албумот Metropol на Galatheia, донесувајќи сладок немир на градската церебрална трпеза и секако купишта надежи за женскиот авторски потенцијал на нашава мала сценичка. Рефлектирајќи за овој мошне значаен албум, не можам да се оттргнам од сознанието дека Теа Шалдева ја има целата култура во својата малечка шака, но нејасно е каде и како ќе ја употреби таа супер моќ во иднина. Задржувајќи се уште момент кај женскиот креативен потенцијал, и покрај тоа што немаше албум во 2017, ќе морам да го истакнам придонесот на Тина Горовска (Bernays Propaganda), која оваа година демонстрираше своја нова супер моќ: звучи и пишува врвно, во различен музички контекст, што за мене ја направи личност на годината на македонската музичка сцена. Еве една силно омилена песна, каде овие две врвни госпоѓици можеме да ги слушнеме заедно.

Вкоренет во македонската музичка историја од различни периоди, предизвикувачки и контраверзен ко можеби никогаш досега, нашиот бард Горан Трајкоски, го издаде еден од најинтересните албуми на годината, адекватно наречен Тешкиот Глас на Новите Химни. Секој кој држи до себе, сопствената култура и пред се музика, е должен да се предизвика себе си со ова не баш лесно парче музика. Како предигра на ова, на моменти застрашувачко дело, излегоа 2 винилни парчиња историја, силно поврзани со овој човек (Padot na Vizantia – Početok i Kraj 1984, Aporea – Na Rekah Vavilonskih 1987)  и само го засилија предизвикот за новите генерации.

Blla Blla Blla е водечки македонски бенд кој твори на мајчиниот албански јазик и оваа година уживаше вистински успех со оваа плоча во и вон границите на нашава земја. Еден од најубавите концерти во Скопје за 2017 им припадна токму ним. Brum për medioferr е плоча за респект и сеуште може да се набави по скопските продавници. Купете си.

 

 

PMG Kolektiv Skopje е 7ми по ред и без дискусија најдобриот албум на овој бенд. Сите оние кои малку подобро се разбираат во музика, безрезервно го делат ова мислење. Да, тоа е оној бенд на кој Скопје се курчи, плаче, се смее и умира… додека танцува.

Pluto’s Doubts – новите миленици на градот, па зошто да не и републиката 🙂 Sizif е албум кој ќе освои многу поетски настроени срца со својата паметна и чувствителна лирика, но и извонредните поп рефрени отпеани со инди рокерски став. Качете се на возот со време.

Плочата Bliss на rib, ми го разубаве крајот на летото. Прекрасна гитарска авантура, ослободена од непотребната тежина на битисувањето и епиката на самозаљубеноста на рокенрол старците. Лабава молитва кон градското сонце.

 

 

Дебитантскиот албум на Palindrom – Desert Y, на моменти бучен, но мошне амбициозен манифест, за музичкото парче земја на кое стојат овие млади скопјани. Еден куп скриени и завиткани влијанија/дискусии се кријат во слоевите на оваа навидум “комплицирана” плоча. Ова се некои од највредните и музички најобразовани скопски деца, од кои тек се очекуваат испрофилирани достигнувања.

И покрај тоа што сеуште нема ни 40 комада, Васко Атанасоски е неспоредлив ветеран и вистинска легенда на македонската музичка сцена. Со својот дебитантски соло албум Пази Куче и неговата разоружувачка моќ на убедување, предизвика тренд на соло албуми кој силно ќе го почувствува нашата сцена во 2018та. Секое издание во кое е замешан овој човек (FxPxOx, Bernays Propaganda, Balkan Veliki итн.) е вредно за вашето внимание, секако доколку држите до себе и сопствената наобразба. Пошто дечки: ПАЗИТЕ, КУЧЕ!!!

 

 

Овој не/скромен список ќе го затворам со малку модерна класика и нашиот водечки композитор на тоа поле, господинот Александар Пејовски. Неговиот албум Деланки изобилува со скриена и не толку скриена убавина, па и неколку вистински бисери кои можат да застанат рамо до рамо со песните на популарните топ листи. Се чини дека што и да допре овој извонреден господин, се претвора во злато. Токму како во античките митови. Сепак, ова е еден современ, македонски, сосем реален и сосем наш мит. Да уживаме и среќна нова година.

 

Comments

comments