Крај на годината и време да ги средиме впечатоците.

Не знам каква беше за вас 2017 година приватно и општествено. За себе би рекол поприлично дубиозна. Но колку и да нештата не одат баш во правец на нашите желби и потреби, секогаш тука е музиката, да даде саундтрак за реалноста и да ја подигне на едно ниво, на кое човекот се чувствува како протагонист во некој филм, во кој повремено дури игра и главна улога.

Денес нудам мала рекапитулација на најубавите македонски песни за 2017, музика која оваа година го направи мојот живот исполнет со убавина и смисла и ме натера да ја поставам тезата: МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА Е НАЈДОБРА ВО СВЕТОТ. Ај што ја поставив, туку и ќе ја бранам и одбранам во овој и следниот Reborn текст, каде ќе рекапитулирам македонски албуми.

Ве повикувам внимателно да прочитате и уште повнимателно да ја преслушате оваа неверојатно добра и разновидна селекција на македонски песни од 2017 и да се уверите во оправданоста на големите зборови (па и букви:) кои ги напишав малку погоре.

 

 

Aleksandar Pejovski feat. Kristina Gorovska – Delanki 1

Нашиот водечки композитор на современа класика, господинот Пејовски, објави албум со одбиени/останати/заборавени музички парчиња од разни проекти (филмови, претстави, реклами) за кои бил повикан да додаде малку од сопствената уникатна сонична класа.

Ако останките звучат вака добро, тогаш боговите се дефинитивно наклонети, не само на овој извонреден музички џентлмен, туку и нам-Македонците, малубројните среќници, кои сме запознаени со неговата работа.

Госпоѓицата Кристина Горовска, со нејзиното префинето учество во оваа композиција, прави исчекор кон еден од најинтересните домашни сонграјтери во мометов. Автентичниот круг го затвора Маја Смилевска со мошне тактилно фан видео.

 

 

Pluto’s Doubts – Samoglad

Конечно бенд на нови фини скопски деца кои гаат амбиција да напишат квалитетни песни и не се срамат да истакнат дека се поп група, со јасен стремеж да има хитови.

Самите тие беа сосем свесни дека Самоглад е хит и како таков го третираа уште од првиот миг кога се појави. Решителен танцов ритам, здрава мелодија и фантастична лирика на ниво на најдобрите македонски музички бисери. Намера преточена во став. More of this please!

 

 

Galatheia – Grad e Svet/Metropol

Град е свет нуди вистинска inner city авантура. Оној сив, влажен, студен, непријателски, отровен град е твојот дом, исто колку и твојот мозок, заедно со сите знајни и незнајни слоеви на свест и потсвест кои го одредуваат квалитативното ниво на твојата егзистенција.

Од тебе и твоите „натприродни” способности зависи како ќе се снајдеш дома и надвор. Тоа е оваа песна. Ако вие ова прекомплицирано пуштете си ја Метропол 😉

 

 

Aleksandar Veliki – Ploči

Вистински радио хит на винил-фетиш еуфоријата. Едноставна но уверлива, игрива и заразна, оваа песна остави видлив печат на 2017, но ми се чини дека се заканува да прерасне во своевиден македонски евергрин.

Тоа доколку Македонците планираат да опстанат барем онолку борбено колку што плочите успеваат да се задржат на светстата сцена. Вистински дебитантски бум на господинот Александар Гавровски, од кого очекуваме и албум во 2018.

 

 

PMG Kolektiv – #90Ti

По неверојатно успешниот #ExYou албум од 2015, ПМГ Колектив се вратија во 2017 со некоја нова, елевирана сонграјтерска слобода и тукуречи беспрекорна продукција, која веројатно поради интензивната повеќеслојност не наиде на истото масовно одобрување кои го имаа со хитовите од пред 2 години.

Во 90Ти добивме топла, организирана носталгија за времињата во кои нашето општество доживеа отворање кон светот на слободите, но и новите одговорности. Радиски и клубски хит кој измами и понекоја солза наоколу.

 

 

Kristina Gorovska i Vasko Atanasoski – Vo Ladna Soba

На сликата навидум покриени лежат и одмараат, но под ќебето настануваат нови песни во безмислосен континуитет и со работна етика на ниво на нивниот легендарен бенд Bernays Propaganda.

Васко и Тина частеа фантастично ЕП оваа година, со едно окце накај 70ти мелоу носталгија, со другото накај топ топ радиски хитови. Ладна соба-топли срца. Многу убави песни.

 

 

Goran Trajkoski – O-Gordost

Куп убави песни и на новиот соло албум на Горан Трајкоски (Анастасиа, Мизар, Апореа, Падот на Византиа), еден од есенцијалните ликови на македонската музика и култура во последниве децении. О-Гордост е мрачна кула, која преку својата мелодиска убавина и ненаситен музички еклектицизам, се трансформира во вистински светилник за оние предизвикани да пловат по ноќното море.

 

 

Tribute to Dead Gentleman – Ride The Light

Мал off проект на Давид Ангелевски – Пиколомини. Слатка мистерија, на раб на езотерија. Софистицирано парче музика со не баш мас-потенцијал, сепак совршено за приватните мигови на луѓе кои знаат да уживаат во недоизбрусено совршенство. Да не претерувам? Не.

 

 

Sam x Druggy – Rutinska Kontrola

И Рап и Трап и хит и текст и подиум за танц и ангажман и провокација. Извонредно квалитетен и потентен тандем, чија страшно успешна песна е вистински залог за следната година.

Ќе биде сериозна грешка ако овие двајца музичари не снимат и издадат албум во 2018. Децата лудуваат по ова. И возрасните.

 

 

Sethstat & Mirko Popov – Lunatika

Неочекуваната и фантастична соработка од пред неколку години, продолжува со мошне интересен jazz/dance hall шлагер, отсвирен со punk став. Музика со широк дијапазон намени: од завивање на месечина, па се до одушевување средовечни образовани госпоѓи. You name it, we got it!

 

Comments

comments