На 22.03.2018 (четврток) со почеток во 20 часот во кино Милениум ќе се одржи премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски.

Билетите за филмот се пуштаат во продажба на 14.3.2018 (среда), а истиот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот.

Во меѓувреме, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската премиера беше дел од познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито. Вчера „Бикини Мун“ беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.

 

 

Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на Бикини Мун е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк.

 

Comments

comments