Во ек на студенски размени, рекреативни патувања, масовни иселувања и пролетни будења, кругот на пријатели се шири, па јас ви предлагам инспиративен разговор за кога дијапазонот на теми ќе се стесни.

Уметност ама македонска, ликовна и современа. Затоа што да му откриеш некому уметник е како да му подариш цел еден свет. Во продолжение следи листа на моите фаворити од современото македонско творештво.

Ако зборуваме за основоположниците на македонскиот современ ликовен израз и создавањето на субјективно волшепство од објективната стварност, зборуваме за делата на Лазар Личеноски, Никола Мартиноски и Димитар Пандилов-Аврамовски.

 

prviot copy

Димитар Пандилов

Пандилов (1899-1963) бил наклонет кон мотивите на реализмот со сопственото толкување на импресионизмот при создавањето на пејсажот, ентериерот, трудови сцени и актот.

 

 

licenoski copy

Лазар Личеноски

Личеноски (1901-1964) се школувал во Белград и поседува сликарски израз инспириран од Andre Lhote (чие ателје го посетувал за време на неговото дошколување во Париз).

Највпечатливите дела на Личеноски, каде основен мотив е македонскиот пејсаж, се креирани со силовит, робуден сликарски ракопис и многу интензивни бои. Во зрелоста се одликува со самостојно толкување на гестот и бојата во духот на експресионизмот.

 

 

martinoski

Никола Мартиноски

Мартиновски (1903-1973) се школувал во Букурешт, но првенствено занаетот го научил од зографот Димитар Андонов-Папрадишки. Мартиновски го следел курсот на академијата Гранд Шомие кај Roger Bissiere и Моise Kisling, како и курсот на акадмијата Рансон. Мотив во неговите дела е човекот на модерниот македонски социјален амбиент, обработен низ портрети, но и низ остри социјално ангажирани согледувања на човечките односи.

 

 

borko lazeski

Борко Лазески

Од апстрактната уметност, мој избор се делата на Борко Лазески (1917-1993), член на ликовната група „Денес“ (1953), преку која ги образложува јавната функција на уметноста и уметникот. Најран и најмноументален современ придонест му е декоративниот фреско-ансамбл од скопската Железничка станица „НОВ во Македонија“, но за жал, најголемиот дел бил уништен за време на земјотресот во Скопје.

Се школувал во Софија, а специјализирал во Париз, каде творел и во ателјето на Andre Lhote. Стилскиот израз е посткубистички, а притоа автор е на многу мозаици и витражи, меѓу кои е и оној на „Споменикот на Илинден – Македониум“ во Крушево (дело на Јордан Грабулоски), за кој во 1972 има добиено прва награда на југословенскиот конкурс за витражи.

 

 

За крај, ви оставам линк од страницата на Imago Mundi кој е културен, отворен проект за афирмација на нови и промоција на веќе истакнати современи уметници и листа од моите омилени, мaкедонски, современи уметници за кои ве охрабрувам да ја следите нивната работа, да ги посетувате нивните изложби и дирекно да учествувате во нивна промоција.

  • Доротеј Нешовски и неговата уметничка група „ЅЕЕ“
  • Никола Радуловиќ (NikolaR)
  • Владимир Лукаш
  • Сања Симовска
  • Иван Ивановски
  • Кристина Пулејкова
  • Никола Узуновски

 

Comments

comments