Велат дека уметноста ги руши границите, предрасудите и го прави светот подобар. Македонските уметници тоа го докажаа на дело.

Пред две недели, Грција беше зафатена од пожар кој резултираше со голем број на жртви и огромни материјални штети. Македонските уметници преку „Донирај уметност“ собраа над 70 дела кои ќе ги подарат на Грција во знак на поддршка и солидарност. Акцијата беше иницирана од уметникот Зоран Кардула:

„Овие трагични случувања кај нашиот сосед се поклопија со сеќавањето и одбележувањето на 55 години од катастрофалниот скопски земјотрес. Сосема случајно се случи годинава да биде организирана изложба на уметничките дела подарени од страна на Грчките уметници, како знак на пријателство и солидарност за нашиот настрадан град во 1963. Така и се роди мојата идеја за „Донирај уметност“,“ ни откри Зоран.

Својата идеја Кардула ја напишал во ФБ пост и веднаш добил одличен фидбек. Од час во час се јавувале сѐ повеќе уметници, па така бројката достигнала над 70 дела. Антонио Арангеловиќ, Урош Вељковиќ, Филип Фидановски, Иван Дургутовски, Лилика Стрезоска, Билјана Василева, Благојче Наумоски, Катерина Николовска се само дел од имињата на уметниците кои донираа свои дела.

 

 

И Музеј на Град Скопје ја поддржа акцијата, па така потребната логистика за испраќање на делата ќе ја преземат тие. Инаку уметниците оваа колекција официјално ја донираа на Град Скопје, кој пак ќе ја донира на градот Атина.

„Во 1963 година целиот свет ја покажа својата солидарност и Скопје го понесе епитетот „Град на солидарноста“. Тоа нѐ обврзува на некој начин, секогаш кога има потреба, да возвратиме со истата љубезност и во склад со нашите можности.

Голем дел на оние кои донираа имаа дилема дали нивните дела се вредни и соодветни, но јас мислам дека секое дело кое е дарувано со почит и љубов во моменти кога е неопходно да се помогне и изрази жалење за трагедија од вакви размери, е повеќе од вредно.“, вели Кардула.

Постои можност да биде организирана и изложба со делата, па истите ќе може да ги погледнеме пред да отпатуваат во Грција.

 

Comments

comments