Ова е текст од новиот серијал во кој нашите другари кои отсекогаш се облекувале подобро од нас ќе ги споделуваат личностите заслужни за нивниот изострен осет за естетика и стил.

 

Пишува: Роберт Ивановски
Фотографии: Елена Фиданска

 

Она што очекувам да го дознаам за една личност е индивидуалноста. Кога зборуваме за мода, јас стилот би го дефинирал токму како начин на изразување на индивидуалноста, слободно и храбро.

Стилот на облекување кажува многу за нас, без да изговориме ни збор. Бидејќи карактерот, за жал, не е првото нешто што луѓето го забележуваат. Модата е медиум преку кој јас комуницирам, а во кој најголемата возбуда е преземањето ризици, забавувањето со облеката и предизвикувањето на себеси да направиш нешто ново, иновативно и функционално.  

Неколкумина досега не се плашеле да преземат такви ризици. Тие биле храбри, бунтовни, самоуверени и свои. Токму затоа оставиле белег врз историјата на модата. Тоа се оние личности кои инспирирале неколку генерации и кои се музи на голем број артисти, дизајнери, уметници и фотографи.

Листата на модни икони од кои јас црпам инспирација за начинот на облекување и творење е навистина долга. Тие доаѓаат од различни сфери на уметноста – некои од нив се уметници, некои актери, некои пак доаѓаат директно од светот на модата.

Доколку морам да издвојам само неколку од нив, ова е мојата селекција.

 

 

Marlon Brando

Бунтовник од кој неколку генерации учеа за casual начинот на облекување. Со неговата појава во филмовите „A Streetcar Named Desire“ и „The Wild One“, во кои е облечен во бела маичка и кожна јакна, тој го руши клишето на екраните, внесувајќи дивина, непредвидливост и свежина. Со имиџот на „лошо момче“, без разлика дали во моментот се одлучил за бела маичка, фармерки, кожна или бомбер јакна, Brando секогаш изгледал кул и исполнет со извонредна харизма и самоувереност.

 

 

Grace Jones

Уметност во движење. Безвременска муза чија појава, став, оригиналност, андроген изглед и авангaрден начин на облекување, со доза на суров сексапил, остануваат вечна инспирација.

 

 

Bianca Jagger

Модна икона со уникатен сенс на облекување, голема муза денес и вистинска модна револуционерка во 70-тите и 80-тите години. Нејзиниот софистициран изглед го карактеризираат строго скроени костими (најчесто во бела боја), деколтирани елегантни фустани, долги крзнени капути и модни додатоци од типот на шапки, турбани и чокери. Убавината на нејзиниот стил засекогаш ќе остане забележан во историјата на модата.

 

 

Rick Owens

Дизајнер со препознатлив печат, кој својата естетика ја нема променето низ годините, а чија визија последните неколку години вроди со плод. Неговиот начин на живот се рефлектира врз неговите уникатни парчиња облека, а неговиот дизајнерски сензабилитет ја инспирира и учи новата генерација на мажи денес како да се облекуваат.

 

 

Charlie Casely-Hayford

Дизајнер кој негува едноставен, урбан и практичен стил на облекување. Charlie го карактеризира неговата минималистичка елеганција во суптилни бои. Неизбежен дел од неговиот чист и модерен стил се Dr.Martens чизмите.

 

 

Rihanna

Таа е бестрашна. Способна од сè да направи одлична комбинација и тоа да изгледа повеќе од кул. Rihanna ги поместува границите кога станува збор за стил. Секогаш своја, уникатна и единстваена, како на црвениот тепих и на сцена, така и на улица. Вистински камелеон и модна икона на 21-от век.

 

 

Comments

comments