Фотографии: Марко Марјановиќ

 

Веќе некое време сакаш да започнеш свој бизнис? Тогаш ти треба сета инспирација што можеш да ја најдеш.

Овој текст е дел од серијалот на написи, чија цел е поддршка на програмата за млади, „Старт-ап бизниси за млади“. Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.

Досега, во рамки на серијалот, зборувавме со неколку млади претприемачи и основачи на различни типови на бизниси, а овој пат продолжуваме со приказната на Катерина Трајчевска и Тошо Трајанов, кои на своја 24 годишна возраст ја основаа „Adeva. Нивниот стартап, накратко, им нуди на компании низ светот да ги поврзе со девелопери кои ќе одговараат на нивните конкретни потреби, не само според вештините, туку и како карактери кои ќе се вклопат во постоечкиот тим.

Се чини како „Adeva“ да е одличен пример за како би изгледала компанијата на иднината. Не би можеле да помислиме на ништо што вели повеќе „развој“ и „напредок“ од еден ваков стартап.

Подолу е разговорот со Катерина и Тошо, кој се надеваме ќе те инспирира да го препознаеш претприемачот во себе, да собереш сили и конечно да го направиш чекорот за кој зборуваш веќе некое време.

 

 

Целта на Adeva е да ги поврзе стартапите од светот кои се во потрага по квалитетни девелопери. Кои квалитети ги барате во еден девелопер (освен врвни вештини и таленти) за да стане дел од вашиот тим?

Сметаме дека карактерот и личните особини на девелоперите се исто толку важни колку и техничките вештини. Пред сè, важно ни е секој член на нашиот тим да го сака тоа што го прави и да го работи со страст и ентузијазам. Иако како лидери се трудиме постојано да вметнуваме нови пристапи за зголемување на задоволството на целиот тим, веруваме дека сето тоа започнува со личниот став кон работата и не може да се постигне доколку девелоперите работат само за платата на крајот на месецот.

Други квалитети што ни се особено важни се емпатија, тимски дух, хуманост и интегритет, а обрнуваме особено внимание и на тоа како девелоперот се вклопува во нашиот, но и во тимот на организацијата со која ќе работи.

 

Како, како менаџери, одржувате позитивна работна средина и мотивација кај тимот?

Пред сè преку градење на работна околина каде нема претпоставени, туку пријатели. Секој член на тимот е охрабрен да даде критика, да предложи и реализира идеја, да учествува во стратешките активности на фирмата.

Вметнуваме „remote“ работа со цел секој да може самостојно да си го организира своето време и да работи кога и каде се чувствува продуктивен. Особено се трудиме да му пружиме на тимот поддршка во однос на професионалниот, но и личниот развој. Тоа е обично во вид на семинари, knowledge-sharing сесии, стипендирани мастер студии, но и целосна поддршка за реализација на сопствените интереси, без оглед дали се поврзани со тоа што професионално го правиме.

 

 

Доколку би можеле на следните млади претприемачи од Македонија да им дадете само еден совет, кој би бил тој?

Да не бидат перфекционисти. Ова е проблем со кој сме се соочиле ние, но сме го воочиле истото и кај стартапите со кои работиме. Кога имаат некаква идеја, луѓето влетуваат во неа со целата енергија и најчесто се трудат да ја сработат совршено пред да ја објават и презентираат на корисниците. Таквиот пристап троши многу време на детали кои понатаму, со фидбекот од корисниците најчесто повторно се менуваат.

Она што сме воочиле дека е добар пристап, при започнување на бизнис, е фокусирање на основите на бизнисот, поставување на пазарот и сослушување на клиентите. Дури тогаш доаѓа фокусот на усовршување на моделот и достигнување на повисоко ниво на услуга и структура.

 

Еден од најтешките делови во основањето на бизнис е наоѓањето на основни инвестиции. Како вие се справивте со тоа? Дали можеби имате добиено помошен грант или инвестиција за основањето на компанијата?

Основните инвестиции во најголем дел од случаите се многу важни за основање на бизнис. Скоро 2 години пред да ја основаме Адева работевме хонорарно за фирми во други земји (повеќето од нив и сегашни клиенти), што ни овозможи најголем дел од нашите лични примања да ги инвестиравме во поставување на компанијата.

Дополнително, за да ги намалиме трошоците во првите неколку месеци, продолживме да работиме од дома. За многу кратко време развивме рентабилен бизнис модел што ни овозможи целиот приход на компанијата да го реинвестираме назад.

 

 

Што друго би рекле дека е многу тешко и голем предизвик во основањето на своја компанија?

Најголем предизвик во основањето на своја компанија е создавањето на првичниот тим со кој ќе работите заедно кон реализација на целите на компанијата. Без разлика каква визија имате за компанијата, особено ако сте млади, многу е тешко да дојдете до искусен кадар со кој ќе работите заедно. Генерално, луѓето бараат сигурна работа и самата помисла дека треба да работат во стартап компанија прави да се чувствуават несигурно.

 

Неодамна ја инициравте заедницата на девелопери, „We Talk IT“, а веќе со неа имате два социјално одговорни проекти: „Правен калкулатор“ и „Супер Куп Скопје“. Кажете ни накратко нешто за овие два проекти, што имаат заедничко и која е мотивацијата зад нив?

„We Talk IT“ започна спонтано врз основа на настан што го организиравме кај нас во канцеларија. Идејата беше да се здружиме за постигнување на поголеми лични и кариерни цели на секој индивидуалец во заедницата, како и помагање на самата заедница.

Заедничко на „Правен калкулатор“и „Супер Куп Скопје“ е тоа што имаат социјално-одговорна компонента и решаваат реални проблеми, што беше и главна мотивација за нивна реализација. Производ се на 2 дводневни хакатони на кои, освен продуктите, произлегоа многу идеи и многу вистински пријателства.

 

 

Дали има некој кој би го нарекле свој ментор? Ние во Reborn силно веруваме во потребата од ментори за професионално развивање на една личност. Кој вас ви помогна да се развиете како претприемачи?

Иако најлесно се учи од сопствените грешки, ние веруваме дека во најголем дел од случаите грешките може да се предвидат. Поради тоа, често се консултираме со експерти од различни области, пред носење на било какви стратешки одлуки.

Мислам дека многу големо влијание во нашиот развој како претприемачи имаше Петар Лазаров од Македонија Експорт, со кој започнавме интензивно да работиме пред неколку месеци. Не само што ни помогна во нашиот личен развој како претприемачи, туку ни помогна и во стратешко поставување на компанијата.

 

Comments

comments