Фотографии: Александра Костадиновска

 

Не се ни обидуваме да ја сокриеме нашата воодушевеност од млади претприемачи и нивните успешни приказни.

Токму затоа го започнуваме овој нов серијал на текстови за поддршка на програмата за млади –„Старт-ап бизниси за млади“ во кој еднаш неделно ќе ги споделуваме инспиративните стории на млади македонски стартапи и луѓето кои стојат позади нив. Накратко, во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис, а повеќе информации има тука.

Започнуваме со Даниела Милошеска, сопственичка на интернет продавницата Bastet Noir, а од неодамна и на coworking просторот, Coffice. Со развој на својот бренд Даниела започнува како студент на моден и луксузен менаџмент во Франција, каде забележала дека нејзините пријатели се интересираат за македонските парчиња облека кои ги носела на себе. Овој интерес продолжил во Лондон, каде работела по завршувањето на студиите.

Бидејќи во тој момент во Македонија не постоела платформа која продава парчиња од македонски дизајнери, Даниела решила да ја изгради. Започнувајќи како место за промовирање и продажба на македонските модни дизајнери, платформата набрзо содржеше над 40 домашни и странски модни дизајнери. Денес Bastet Noir има и свој бренд кој нуди облека која се изработува по мерки, а на која клиентите можат и да го модифицираат дизајнот на секое парче.

Дознај нешто повеќе за развојот на нејзиниот бренд и внимателно прочитај ги советите кои таа има да ги сподели со следните македонски претприемачи во интервјуто во продолжение.

 

 

Колку време постои Bastet Noir? Како би ја споредила твојата работа на брендот на самите почетоци и оние денес? Дали низ развојот на брендот помина низ некои пречки и потешкотии? Што ти помогна да ги надминеш?

Bastet Noir постои веќе 3 години. Многу работи се променија од почетокот па до сега, што мислам дека е и нормално еден бизнис константно да се наддоградува и еволвира. Почетокот, како и секој почеток беше доста тежок. Сите тие грешки кои ги правиш, од распоредување и управување на буџетот кој го имаш, до општа комуникација со клиенти и добавувачи може да ги сфатиш како такви и нонстоп да се навраќаш и да зборуваш како многу работи би сменил, а може и да ги сфатиш како лекции кои ќе те научат како да ги зајакнеш темелите на тоа што го градиш.

Првата година имавме големи проблеми со серверите на самата страна, дизајнот го менувавме четири пати, комуникацијата со дизајнерите не секогаш одеше како што треба, а најтешко од сѐ беше што никако не можевме да најдеме добар графички дизајнер кој ќе ја сфати идејата позади тоа што го работиме и пренесе истата до крајниот потрошувач. Мислам дека само љубовта кон оваа професија, трпението, константната напорна 24/7 работа, тимот кој полека, но сигурно го создаваш околу тебе и мајндсетот дека неуспехот не е опција е она што реално ми помогна да ги надминам сите овие пречки. Можеби ќе звучи како клише, меѓутоа ако сакаш нешто да постигнеш и работиш напорно на тоа и си спремен/на да направиш компромис кога гледаш дека нешто не оди, нема сила што би можела да те спречи во реализацијата.

 

 

Ние секогаш ги поддржуваме и им се воодушевуваме на млади луѓе кои се одлучуваат да започнат свој бизнис. Кажи ни како го започна Bastet Noir? Дали беше тешко да се стартува (еден ваков) бизнис?

Секој почеток е тежок, за било што. Меѓутоа она што е најтешко е токму тоа, само почетокот сѐ додека не го надминеш стравот. Во моментот кога ќе почнеш да работиш на било што, тој страв исчезнува, а со тоа и самодовербата ти расте. Bastet Noir беше започнат како дел од програмата за самовработување реализирана од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).  Грантот кој ми беше одобрен содржеше неповратни финансиски средства од 3.000ЕУР, а за да го добиеш требаше да ја презентираш својата бизнис идеја, и да се сработи бизнис план за кој ти помагаа обучени, стручни бизнис консултанти. Со средствата го изработив сајтот и земав компјутер, што и всушност ми беше најпотребно на почетокот.

Секако тука беше, и сè уште е и поддршката од мојата фамилија без која искрено не би била тоа што сум денес.

 

 

Кои се трите совети кои би им ги дала на другите млади од државата кои планираат да основаат свој бизнис? Од друга страна пак – кој е најдобриот совет кој ти го имаш добиено во твојата кариера?

Заборавете на егото, ако сакате да имате успешен бизнис. Не сте најдобри и најпаметни, затоа што секогаш постои некој подобар од вас. Она што ве разликува од најдобриот е колку сте спремни да го надработите. Ако првите зборови ти се „не можам“, „не знам“ и „не сакам“, заборави дека некогаш ќе бидеш успешен во приватниот сектор, затоа што на почетокот си сѐ – од чистач, до секретарка, до потрчко, до биснисмен-воман. Запомни дека сѐ можеш, само ти треба време, трпение и многу работа.

Самодовербата е една од најважните работи во било кој бизнис. Мора да веруваш во тоа што го правиш дури и тогаш кога никој друг нема да верува во тебе. Искрено најтешко ми беше да го постигнам овој дел. Меѓутоа кога ќе направиш осврт на тоа каде си бил пред да почнеш и каде си стигнал, наместо да се споредуваш со луѓе кои функционираат во комплетно различни системи и услови, искрено почнуваш да си веруваш на себеси, затоа што колку и тој прогрес да е мал, те мотивира кога ќе се осврнеш и сфатиш што си изградил и дека со секој изминат месец тоа нешто станува сѐ поголемо.

Помогнете на секој оној што ќе ја побара вашата помош, затоа што од секој човек можете да научите нешто, а и оној кој мислите дека најмалку ќе ви се најде ќе биде токму тој кој најмногу ќе ви помогне.

Најдобар совет што сум го добила: Не се споредувај со другите, затоа што секогаш ќе најдеш нешто кое ќе те направи незадоволен/на, спореди се со тоа што си бил во минатото, што си денес и што сакаш да бидеш утре. Само работата на себеси, константното усовршување и учење од грешките ќе те однесат таму каде што сакаш да бидеш. Не е никогаш лесно, ама секогаш вреди да се обидеш.

 

 

Дали можеби има некој кој би го нарекла свој ментор, кој те инспирираше да бидеш подобра и кој особено ти помогна во развојот како претприемач?

На почетокот единствениот ментор кој го имав беше татко ми и интернетот. Татко ми ми помогна доста во финансискиот дел на водење на бизнисот, од издавање на фактури, до правилно инвестирање на парите и формирање на продажните цени. Освен тоа, класичен ментор скоро и да немав, започнав сама и сѐ што научив беше од тоа што читав константно, испробував работи кои во 90% од случаите не успеваа.

Меѓутоа со тек на време, како што почнав да го градам тимот, некако спонтано се појавуваа луѓе кои можам слободно да кажам беа еден вид на ментори од кои сè уште учам секој ден. Една од нив е графичката дизајнерка, Моника Зец, која денес е задолжена за креативниот изглед на брендот, а само во две години успеа од Bastet Noir да направи бренд чија естетика стварно може да се мери со светски познати онлајн продавници.

 

 

Кои македонски млади претприемачи и брендови би ги издвоила, кои те воодушевиле во последно време? Зошто токму тие?

Јована Филипович, Росица Мршиќ, Петар Ниновски од Brainster и Reborn. Има толку многу причини, меѓутоа ќе се обидам да издвојам по една за сите, Јована и Росица, затоа што ми се свиѓа естетиката и квалитетот на парчињате кои ги дизајнираат. Петар Ниновски од Brainster, затоа што во толку кратко време успеа да изгради бренд и искрено затоа што потајно му завидувам на работната етика. Reborn, затоа што ме потсеќа на времето кога бев млада и кога го читав списанието Авантгард, списание кое ги поместуваше границите на новинарството кај нас и поставуваше високи стандарди за современиот македонски јазик, кое за жал веќе не постои.

 

Comments

comments