Фотографии: Александра Костадиновска

 

Ја продолжуваме нашата потрага по млади македонски претприемачи и нивните инспиративни приказни.

Овој текст е втор по ред од серијалот на написи за поддршка на програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“. Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Подетални информации за програмата има тука.

Овој пат разговаравме со Огнена Васиљевиќ, сопственичка на Momentum Inc., агенција за организирање на настани која Огнена ја основала на свои неверојатни 26 години и е најдобро позната по популарните Fashion & Lifestyle Expo и Health, Fitness & Wellness Expo.

Најголемата причина зошто приказната на Огнена нè мотивира да работиме повеќе и подобро е затоа што е неверојатен пример за тоа дека успешните приказни започнуваат со храбри и ризични одлуки, големи чекори и нагли промени. Уште повеќе, таа на многу похаризматичен и реален начин од холивудските филмови ни докажува дека навистина тајната состојка во секоја успешна бизнис сторија е искрената љубов кон тоа што го правиш, и се разбира – многу, многу труд.

Продолжи да скролаш и прочитај го интервјуто со Огнена, кое нè инспирираше нас, а се надеваме ќе те инспирира и тебе, за можеби утре и ти да направиш еден ваков голем чекор.

 

 

Колку време веќе постои Momentum Inc.? Кажи ни нешто повеќе за почетоците на Momentum Inc. и на твојата приказна како претприемач. Како се одлучи за токму ваков тип на бизнис?

Мојата приказна започна многу спонтано и многу изненадно. Просто во еден момент. Приказната започна со Health, Fitness & Wellness Expo. Лично отсекогаш сум имала претприемнички дух, а позадина и искуство во организација на настани. Приватно, отсекогаш ме влечеа темите за здрав животен стил, било од фитнес и спорт, исхрана, суплементација, здравје… Па така, (бидејќи знаев дека морам да го сакам она што го работам) во еден момент, се запрашав: „што сакам јас? Сакам здрава храна, фитнес и спорт. А што знам да правам најдобро? Да организирам настани“. И би Health, Fitness & Wellness Expo. Земав два месеци неплатено отсуство од тогашната работа, работев на идејата, процесите, релевантноста… Идејата ја превртев наопачки и одвнатре нанадвор, отворив фирма, и иако не знаев со сигурност како сето тоа ќе биде примено од јавноста, си дадов отказ и нурнав во авантурата наречена претприемништво.

 

 

Свесни сме колку е тешко да организираш големи настани и дека има мал милион работи на кои треба да мислиш одеднаш. Што се има сменето од 2015 кога за прв пат го организираше Health, Fitness & Wellness Expo? Која е едната највредна лекција која ја научи во овие 3 години?

Воспоставените процеси и проекти кои веќе прераснуваат во традиција се големо олеснување. Лекции имаше многу и голем дел од нив ќе те „треснат“ по глава, но веројатно најважната вештина која се трудам да ја развивам е да го контролирам нивото на стрес при организирање на секој (поголем) настан. И да не си земам сè при срце. Иако, кого лажам, сè уште го правам тоа. 🙂

 

Знаеме дека не е лесно млад човек да се одлучи за основање на свој бизнис. Колку и какво искуство имаше пред да се одлучиш на овој чекор? Дали беше тешко да се стартува (еден ваков) бизнис?

Не сум сигурна дека човек некогаш ќе биде целосно подготвен за една ваква авантура. Но, или го правиш тоа, или не. Имав околу седум годишно искуство во организација на настани, четири години низ една невладина организација во која членував уште како студент, а последните три во маркетинг агенција. Годините и искуството како такви се прилично релативни. Има стручни и квалитетни луѓе кои 20 години работат одредена дејност, но не значи дека сакаат да бидат претприемачи, ниту пак дека би биле успешни како такви. Има луѓе кои се релативно млади и почетници, но ги движи силно претприемачкиот дух.

Стартувањето е исклучително тешко. Не би можела да го споредам со ништо друго што до сега сум искусила. Но еден од неколку мотивациски цитати кои сè уште висат на мојот ѕид е следниот: „The size of your success is measured by the strength of your desire, the size of your dream, and how you handle disappointment along the way“ – Robert Kiyosaki.

 

 

Кои се трите совети кои би им ги дала на другите млади од државата кои планираат да основаат свој бизнис?

(1) Добро проучете ја својата бизнис идеја, и имајте развиен бизнис план. Зошто е вашата идеја значајна? Зошто некому би требало да се допадне? Кој ќе има примарна корист од неа? Мора да создадете нешто корисно, релевантно, посакувано. Треба да го познавате и пазарот и пазарниот потенцијал. Откако ќе бидете цврсто сигурни дека сте креирале нешто што има вредност, можете да продолжите понатаму.

(2) Добро подгответе се за сите процедури и не ги потценувајте сите процеси кои доаѓаат со тоа да основате фирма. Доколку ви е прво искуство и немате никој околу вас кој води своја фирма, многу е веројатно да ги потцените сите обврски кои доаѓаат со основањето на фирмата, дали во делот на администрација, финансии и сметководство, даноците, и голем број останати правила и процеси кои не се директен дел од самата бизнис идеја која можеби ја имате, но се директен составен дел од основање и водење на фирма.

(3) Не се обесхрабрувајте и не се сомневајте во себе си. Ќе наидете на многу пречки и проблеми, нешта кои можеле да одат полесно, нешта кои не се секогаш логични или праведни, но бидете истрајни во идејата и сигурни во себе, и со тек на време, ако она што го нудите е вредно, ќе го поставите на пазарот.

 

 

Дали можеби има некој кој би го нарекла свој ментор, кој те инспирираше да бидеш подобра и кој особено ти помогна во развојот како претприемач? Зошто токму тој/таа? Дали се сложуваш со нас дека е многу полесно кога во развојот на еден бизнис имаш ментор кој ќе ти помогне да го насочиш и одржиш?

Низ годините имало повеќе луѓе кои влијаеле на мене. Луѓе од кои сум учела, кои ме предизвикувале да бидам подобра, како Марјан Бонев, Бобан Ѓорѓиевски, Јасна Андоновска и целиот Извршен Одбор со кој работев 2009/2010.

Но ментор е нешто друго. Не знам дали можам да кажам дека имам ментор „по дефиниција“, но сепак, иако без формално утврдени правила, состаноци, советувања, да, лично сметам дека имам ментор кој ме води низ целата оваа „авантура“ и професионален потфат, со кој се советувам и на кој се угледувам во професионалниот но и личниот развој.

На моја среќа, тоа е мајка ми, чие скоро 40 годишно работно искуство е карактеризирано од исклучителна упорност, истрајност низ најразлични подеми и падови, перманентно усовршување на себе си, логичко рассудување, стручност во својата област, чувство за другите луѓе, чувство за правичност, чесност и интегритет, и голем број други квалитети и вредности со кои сум пораснала. Поради тоа, горда сум да кажам дека мајка ми е почитуван професионалец во својата дејност (финансиите), но и дека нејзината смисла за професионалните односи и пракси неизмерно ја почитувам. Таа не е сопственик на свој бизнис, туку дел од врвниот менаџмент на една голема и многу успешна фирма, па иако без директно претприемничко искуство, можам да кажам дека успешно ме води, предизвикува, преиспитува и советува низ сите предизвици и дилеми.

 

 

Кои македонски млади претприемачи и брендови би ги издвоила, кои те воодушевиле во последно време? Зошто токму тие?

Има многу, но на прва помислувам на Reborn, Think, Bare Origin и Bastet Noir. Токму поради развојот на брендот и неговата приказна, но и утврдување на истите преку нудење на конзистентно квалитетна содржина/производ кој станува брзо препознатлив и прифатен на домашниот пазар. Браво дечки.

 

Која е најголемата бизнис грешка што ја имаш направено досега? Што е тоа што денес го знаеш, а би сакала да си го знаела кога го започна твојот проект?

Верување на збор. За жал, иако сакаме да веруваме поинаку, најчесто е подобро односите да се утврдени „црно на бело“.

 

Comments

comments