Фотографии: Елена Фиданска

 

Пред само неколку дена Brainster наполни 2 години.

Тоа ни послужи како дополнителен повод да разговараме со основачот на стартапот, Петар Ниновски. Неговата приказна ја сместуваме во нашиот серијал на инспиративни бизнис приказни поддржан од програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“.

Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.  

Тимот на Reborn внимателно го следи развојот на Петар од амбициозен и храбар 27 годишен дечко во успешен претприемач. Многу пати досега сме разговарале со него на бизнис теми и уште повеќе пати на оние не-толку-поврзани со стартап светот. Но сега, откако Brainster достигна одредено ниво на развој, мислиме дека е вистинскиот момент да го прашаме за неколку практични совети кои ќе ни послужат на нас, но и на вас.

 

 

Кажи ни нешто за почетоците на Brainster и за твоите почетоци како претприемач? Како дојде до идејата и колку време ја развиваше? Како се имаш променето ти, професионално и приватно, во овие две години?

Сè започна кога решив да ја напуштам работата. Да бидам искрен, одлуката да напуштам сигурна и добро платена работа и да се впуштам во нешто тотално непознато, не беше едноставна. Но сепак се решив на тој потег.

Од почетоците на Brainster во 2015 година па сè до денес, работите се случуваа многу брзо. По 2 години од основањето, Brainster брои 5 вработени (сите се дипломирани на Академиите на Brainster), 40+ инструктори, 40+ партнерски компании, 100+ компании кои ги развиваат вештините на вработените преку нашите курсеви и Академии, и 4000+ учесници кои ја трансформираа својата кариера. 2 години? Нам ни изгледа како вечност ако направиме ретроспектива на сè што постигнавме. А започна како една идеја.

Што се промени? Многу повеќе работам дефинитивно. Најважен ресурс ми стана времето и внимателно одбирам како ќе го вложам. Кога не работам, сè е по старо – се трудам најголемиот дел од времето да го посветам на спорт и уживање. Почнав да чувствувам голема одговорност затоа што влијаам врз текот на кариерите на многу луѓе. Ова понекогаш ми прави притисок, но на крајот од денот многу сум горд на сите успешни приказни. Чувството да креираш вредност за другите не би го заменил за ништо.

 

 

По повод вашиот роденден, споделивте неколку совети кои би сакале да им ги дадете на идните млади македонски претприемачи. Но доколку би морал да избереш само еден ваков совет, за кој би се одлучил?

Може два?

Прва работа: Размислувај на вредноста. Секој што започнува бизнис треба да ја стави вредноста на прво место. Што ќе им дадеш на клиентите и соработниците пред да почнеш да продаваш? Инвестирај во долгорочното задоволство на луѓето со кои соработуваш.

Во случајот на Brainster, тоа се гледа и мери во секој момент: учесниците напредуваат во кариерата, а компаниите ги добиваат најдобрите таленти кои циркулираат на пазарот на труд. Тие две работи не одат едно без друго, и двете страни мора да бидат задоволни. Целиот процес е исполнет со многу, многу, многу взаемен раст.

Втора работа: Изгради заедница.  

Направи поврзаност со брендот и чувство на припадност. Придонесувај за заедницата и дозволи таа да ти се приклучи во градењето вредности. Brainster-ите оваа заедница ја градат околу своите професии – се поврзуваат врз основа на своите интереси, соработуваат и заедно растат во дигиталниот свет.

Гради продукти за нив (brainster.io), споделувај го твоето искуство (со текстови како овој), пишувај блог, биди секогаш достапен за разговор, придонеси за остварување на нивните соништата и не очекувај ништо за возврат.

 

 

Кои се работите кои посакуваш да ги знаеше кога ја основаше компанијата, а кои ги знаеш денес?

Малку задоцнив со вработување и тоа го гледам како грешка која сум сигурен дека нема никогаш да ја повторам. Многу касно сфатив дека станав bottleneck на компанијата и на тој начин го успорив растот.

 

Кои се, според тебе, најголемите 3 предизвици во стартувањето на свој бизнис?

Реализацијата е првиот предизвик. Идеите не се реализираат сами, а вистинската магија се случува тогаш кога за прв пат ќе излезеш на маркетот. Од мое искуство, тогаш доаѓаат идеите, можностите, партнерите и финансиите. Најдобро можеш да дознаеш што функционира ако пробуваш, тестираш и применуваш во исто време.

Другиот предизвик е наоѓањето на правите луѓе. Во нашиот случај имаме среќа дека произведуваме обучен кадар кој подоцна можеме да го вработиме кај нас.

Третиот предизвик се финансиите. Во моментов во Македонија има доволно пари на располагање за early stage стартапи. Би ги издвоил CEED Macedonia, UNDP (со нивната програма „Старт-ап бизниси за млади“, АВРМ, фондот за иновации, SCV и неколку бизнис ангели.

 

 

Како и од каде најмногу црпиш знаење? Книги, блогови, podcasts? Кои се книгите кои мислиш дека секој амбициозен претприемач треба да ги прочита?

Одвојувам 1 саат во денот за учење нови работи и најчесто е тоа кога правам пауза за ручек. Ги посетувам сите курсеви на Brainster. Следам неколку podcast-и, сега во моментот подкастот на Tim Ferriss и најчесто ги слушам додека спортувам. А книги, да бидам искрен, во последниве 3-4 години успевам да прочитам само 1-2 годишно. Последната што ми остави впечаток е HOOKED.

 

Ние искрено веруваме дека еден од најдобрите начини за личност да се надгради професионално е преку менторство. Дали ти имаш некој кој би го нарекол свој ментор, кој ти помогна во развивањето и одржувањето на Brainster?

„Здраво, јас сум Петар и имам идеја за бизнис. Би сакал да ја споделам со тебе за да ми дадеш мислење и да ти поставам неколку прашања.“ Ова го правев првите неколку месеци. Се сретнав со многу успешни луѓе и научив многу од нив. Немам официјален ментор да бидам искрен, но неколку пати неделно се среќавам со луѓе кои се попаменти и поискусни од мене за да размениме искуства.

 

 

Што е следно за Brainster?

Две нови платформи, партнерства надвор од Македонија, 5 нови програми, нови вработувања и нови канцеларии. Секојдневното иновирање е она што ни го овозможува овој раст.

 

Покрај водењето на компанија, ти наоѓаш време за да се посветиш на твоето хоби – летање со параглајдер. Како го менаџираш времето за да постигнеш сè во денот? Како изгледа еден работен ден во животот на Петар?

Кој рече дека постигнувам сè? „Ако сакаш – имаш време за сè“ е мит, но постојано работам на продуктивноста. Се будам нешто пред 6 часот. Кафе, Facebook, ProductHunt и неколку постови ми се првите активности. Пливам 1 час и во 7.30 сум на работа. Работниот ден ми завршува околу 20.00 па имам по некој саат за блиските и пријателите. Пробувам, но не секогаш ми успева да одмарам 1 ден во неделата, а тогаш сум најчесто во воздух.

 

Comments

comments