Фотографии: Елена Фиданска

 

Ја знаеш ли Стефаниа која го основаше Crush и која од најмала возраст знеше за својот претприемачки дух и за тоа дека не сака да заврши во канцаларија затворена помеѓу четири ѕида, тонејќи во папирологија?

Се разбира, не сите (успешни претприемачи) ја имаат таа среќа да знаат што сакаат или не сакаат да бидат 20 години однапред. Но овој пат тоа ќе ни послужи како прекрасен почеток во раскажувањето на приказната на Стефаниа и нејзиниот бренд, кои ги сместуваме во серијалот на инспиративни бизнис приказни, поддржан од програмата за млади – „Старт-ап бизниси за млади“.

Во рамки на оваа програма, лица на возраст до 29 години може да добијат неповратна финансиска помош дури и до 10.000,00 евра за да основаат свој бизнис. Повеќе информации за програмата има тука.  

Но, се разбира, ова не е приказна со само добар вовед, туку продолжува со прекрасни и страшно инспиративни детали. Пример, со фактот дека на 19 години Стефаниа сфати дека го има „згрешено“ факултетот, но исто така сфати и дека не смее да се откаже и дека треба да продолжи да ги „вшмукува“ сите можни информации и искуства, затоа што ќе и требаат за она што следува.

Дознај го останатиот дел од сторијата преку нашето интервју со Стефаниа и инспирирај се за и ти да започнеш да ја пишуваш твојата стартап приказна.

 

 

Стефаниа, кажи ни за почетоците на Crush и за твоите почетоци како претприемач? Што беше клучно за да се одлучиш на ваков чекор?

Crush како идеја се појави сосем спонтано, кога со маска на лице гуглав „startup ideas“ и сфатив дека всушност цело време идејата ми била пред нос. Подготовките за мојот проект започнаа кон крајот на 2015, кога почнав неформално да се едуцирам на тема природна козметика, меѓутоа и да откривам како функционира еден бизнис и сè што е потребно за тој да се реализира.

Официјално Crush беше лансиран на 7 декември 2016, на мои 23 години, што беше еден прекрасен пресврт во мојот живот. Тогаш почнав многу појасно да гледам на тоа дека од денес па натаму исклучиво јас сум креатор на моите случувања и успеси.

Но клучно во целата ситуација беше потребата да го правам тоа што го сакам и што ме исполнува, а Crush е производ на огромна страст која мораше да биде набрзо изреалзирана, бидејки бев свесна дека со годините кај некои луѓе се губи храброста. Затоа во тој момент бев решена да бидам храбра дур сум млада 🙂

 

Кажи ни нешто за производите кои Crush ги нуди. Што ги прави различни од другите производи за нега на пазарот?

Crush e 100% природна козметика на база на кафе, но не е дека исмислив топла вода. Козметиката на база на кафе во светски рамки е навистина многу популарна, но за Македонија и не толку достапна (нарачуваш онлајн, плаќаш достава, царина, стига производот кој чини 20 евра на веб страната, а добиваш производ на врата од 80 евра).

Не би го споредувала CRUSH со останатите производи на пазарот, едноставно сметам дека целта не ни е девојките да купат CRUSH и да го заборават по 2 користења, туку тој да им стане вистински љубовник во бањата.

Но, Crush дефинитивно не би бил тоа што е да не беа ПОГОН, луѓето кои стојат зад брендингот. Тие се најзаслужни за дизајнот кој го прави овој македонски производ да изгледа светски, за што постојано добивам прашања од типот „а од каде го увезуваш“? Епа дечки – тоа е македонската стартап сцена. Мала, ама светска и без царина.

 

 

Со сите успешни претприемачи кои разговараме ги прашуваме да споделат со следната генерација стартапи по еден совет. Што би ги советувала ти следните македонски претприемачи?

Кога ја отворив фирмата татко ми ми кажа нешто што ме насмеа до солзи: „Водењето на сопствен бизнис ти е како сонот на бебињата. Се будиш на 3 саати со плачење.“ И за жал, навистина е така.

Но советот кој јас би го дала е дека не постои глупава идеа, не постои идеја која не може да се изреализира, не постои идеја која може да биде украдена – постои само верба и желба за реализација. А ако ги имате – не ги потиснувајте, туку сонувајте, визуализирајте, РЕАЛИЗИРАЈТЕ! Правете чекори без разлика дали големи или мали, но никогаш не тапкајте во место.

 

Еден од најголемите проблеми со кои секој храбар млад претприемач се соочува е наоѓањето на средства потребни за започнување на бизнисот. Како ти се соочи со ова?

Crush е проект за кој, како што кажав и претходно, зборувам со преголема страст. Едноставно тоа ми се забележува во тонот кога се отвора оваа тема. Па на моја среќа, тоа беше инвестиција поддржана од мојата фамилија, затоа што кога некој навистина те сака ќе те поддржи во целост (доколку е во можност) за да си ги реализираш соновите.

Но запознаена сум со тоа дека постојат неповратни средства за млади лица кои имаат одлични бизнис идеи, а слушајќи ги искуствата на многу млади претприемачи, од оваа перспектива жал ми е што јас не аплицирав. Но верувам дека во Македонија има простор за многу нови стартапи и би било навистина голема штета доколку тоа не се искористи, поготово кога средствата за реализација се само една апликација подалеку од тебе.

 

 

Кои се, според тебе, другите 3 најголеми предизвици во основањето и менаџирањето на свој бизнис?

Дефинитивно најголем предизвик во бизнисот е квалитетот на производот/услугата. Сметам дека тука не смее да се компензира во ниеден момент. Но за мене лично, вистински предизвик престанува и менаџирањето на финансиите, кое навистина лошо ми оди. Сепак сум креативец, не знам да штедам на маркетинг.

Секогаш мораш да си флексибилен во приватниот бизнис, за секој план А, мора да постојат уште планови од Б до Ш, а реагирањето мора да е брзо. И последно, но не и најмалку важно, е да научиш да ги контролираш емоциите. Не да ги исклучиш, но да ги контролираш! Велат дека бизнис и емоции не одат заедно, но тогаш мојата страст и мојата љубов кон проектот CRUSH и бизнисот би се контрирале. Одлучувај со главата, но не го потценувај ни треперењето во стомакот – најчесто тоа е попаметно.

 

Дали има некоја личност која ти помага да се надоградиш професионално и која би ја издвоила како свој ментор?

Не можам да издвојам само една дефинитивно. Тука е на прво место татко ми кој не знае да го помине денот без работа и кој цел живот ме учел да застанам на сопствени нозе што побрзо.

Тука се и личностите како Радмила Павловска – мојата поранешна директорка – која секогаш ме фасцинирала со нејзиното искуство и знаење и Петар Лазаров – ментор во секоја смисла на зборот кога станува збор за професионален развој. Не би можела сите да ги именувам, но постојат луѓе без кои не би била тоа што сум денес.

 

 

Дали имаш план за блиска иднина за како Crush би можело уште повеќе да порасне и да стане поуспешно?

Толку многу идеи и планови имам, што од време на време си викам – успори, се ќе си дојде на свое место. Во блиска иднина дефинитивно следи ширење на палетата на CRUSH, на кое работам секојдневно. Следи и набрзо онлајн продавница, преку кој се надевам дека производите ке бидат достапни за целиот свет.

 

Како и од каде најмногу црпиш знаење? Книги, блогови, podcasts? Кои се книгите кои мислиш дека секој амбициозен претприемач треба да ги прочита?

Секој човек е способен да извлече знаење од сè што се случува околу него, но негово е дали тоа ќе го искористи. Јас секојдневно учам од сите страни. Блоговите се неизбежни во 21-ви век, podcast-овите исто, но книгата – дури и кога сум најзафатена наоѓам време за добра книга.

Книга која секој треба да ја прочита, поготово доколку планира да влезе во светот на бизнисот е „Како да пливате со ајкули“ од Харви Мекеј. Но многу повеќе од книга, вистински сопатник, ми е Tip of the Week прирачник за професионален и личен развој“, кој за секое ваше зошто има и затоа. Но пред да почнете со книгите за претприемништо, би ја препорчала The power of now“ од Eckhart Tolle. Успехот лежи во самите нас – потребно ни е да си се спознаеме себеси за да знаеме во кој правец да тргнеме.

 

 

Comments

comments