Како најава за 9тиот албум (слушни го подолу) и неговата промоција на 25ти овој месец во МКЦ, тркнавме до кај Сецко (Сеад Хаџиќ), да видиме и слушнеме како изгледа една проба на Мугер Фугер. Црниот чај и природниот сок од црна рибизла беа одлични.
Сеад Сецко Хаџиќ, Сашо Митревски, Димитар Петров, Влатко Јаневски, Огнен Мангаровски, Горан Трајкоски, Сашко Костов, Ристе Солунчев и уште една дузина од музичките великани, #заедно успеаа да го обликуваат и завиткаат Мугер Фугер во тоа што е денес — еден голем експеримент изграден од креативци, творци и музички магионичари, кои на Мугер Фугер гледаат како на платформа, преку која можат да го демонстрираат својот квалитет и визија.

Од лево на десно: Сашо Митревски (гитара), Димитар Петров (тапани), Влатко Јаневски (бас), Сеад Сецко Хаџиќ (гитара), Горан Трајковски (вокал), Огнен Мангаровски (гитара)
Ова е еден супер-бенд кој константно, под влијаније на многубројните музичари и артисти кои „поминале” низ Мугер Фугер, ја менува својата форма, својот калап, и костантно се надоградува, преобразува и редефинира. Нивното мото е: „Секој што е на наше ниво и може да ни даде нови, возбудливи моменти во нашата музика – може да биде Мугер Фугер“.
Музика на Мугер Фугер го отсликува белегот на урбаниот звук на Скопје и нуди поширока експресија на едно глобално звучно треперење, каде што во најголем дел е аплицирана звучната визура на британската гитарска школа од доцните 80-ти и раните 90-ти години.
Употребата на аналогна опрема, која веќе е подзаборавена и исфрлена од употреба и заменета со дигитална, овде низ своевиден мини-ривајвл се реафирмира на еден стилски конзистентен начин со истенчен вкус.

Сеад Сецко Хаџиќ и Огнен Мангаровски
Откако ги дискутиравме гласно и согледавме овие работи, се почувствуваме спремни за посериозно да дознаеме како Мугер Фугер успеаа #заедно да создадат уникатен македонски музички проект, кој ќе остане врежан во нашата меморија. Спремни бевме и крв да падне, али моравме да дознаеме сè за Мугер Фугер и нивното ново „чедо”, албумот „Фузија”.

Горан Трајкоски
Што можеме да очекуваме од новиот албум „Фузија”?
„Фузија” е албум кој е одличен микс помеѓу тишината и вревата, помеѓу убавата и лесна мелодија и тешката и неслушлива дисхармонија, микс помеѓу разумот и лудилото.
Каков беше патот на „Фузија” до краен продукт? Дали ги исполни вашите желби и идеи?
Патот овој пат беше долг и подготовките со интензивни проби започнаа од ноември 2015, а неговото студиско снимање го запошнавме во март 2016-та.
Искрено многу труд и внимание му посветивме на овој албум и многу работи ги предвидевме пред самото снимање. Исто така овој пат успеавме да го минимализираме факторот случајност колку што можевме и задоволни сме од постигнатото.
Како би изгледале 30 години музицирање сместени во една реченица?
Овој пат ќе го цитирам Габриел Гарсија Маркес — „Секој ден е исти ден”.
Ако погледнеме наназад низ продукцијата на Мугер Фугер, ќе наброиме плејада од вешти и респектирани музичари со кои соработувате. Ако треба да издвоите кои колаборации ви беа омилени?
Освен Горан Трајкоски, Сашко Костов и Ристе Солунчев кои се веќе редовни соработници би ги издвоил Венко Серафимов, Димитар Божиков, Огнен Атанасовски-Окац, Мухамед Ибрахими, Џабир Дерала, Енис Хаџиќ-Енко и Оли од Љубојна тоа се луѓе од чие присуство ти се отвараат нови хоризонти.

Сеад Сецко Хаџиќ
Со кои светски артисти би сроаботувале?
Kevin Shields и Thurston Joseph Moore. Дефинитивно.
Што е тоа што го прави Мугер Фугер препознатлив и впечатлив бенд?
Тоа што константно издаваме албуми и истите се разликуваат еден од друг, а цврсто држиме до себе и својот став.
Ве сметаат за едни од најдобрите наши рокенрол иноватори. Што значи тоа за вас? Како го доживувате тоа?
Како личен успех! Затоа што реченицата „експериментот продолжува“ не е бесмислена.
Кои се албумите кои би му ги препорачале на дете кое допрва почнува да слуша квалитетна музика?
„Архангел 1“, „Архангел 2“, и „Интро” и „Изгубени ликови” од Last Expedition.
Фотографии: Лилика Стрезоска
Заедно сме повеќе, заедно – сите сме Vip! Содржините #Заедно се поддржани од Vip.