Само неколку часа пред почетокот на големата вечер*, се чинеше дека овогодишниот Skopje Calling е проколнат.

*Ок, пред да продолжиме важно е да напоменеме дека за нас „големата вечер“ беше Morcheeba и Nouvelle Vague. Немаме EDM фанови во тим, така што не присуствувавме на концертите на Axwell & Ingrosso и Alan Walker. Ок, сега може да продолжиме.

Неколку дена пред оваа „голема вечер“, настапот на Texas беше одложен за септември, а на самиот ден на концертот, настапот на Nouvelle Vague беше откажан бидејќи неколку од членовите на бендот, поради компликација со летовите, не успеаа да стигнат во Скопје на време.

Како реакција на откажаниот настап на Nouvelle Vague, Avalon одлучи да го прогласи влезот на настанот за бесплатен и да им ги врати парите на сите кои веќе купиле карти. Иако ова е фер и добро решение, на момент помисливме дека бесплатен настан ќе резултира со преполн стадион, хаос и лоша фестивалска атмосфера, но не бевме во право.

 

 

И како самото ова да не беше доволно голем предизвик, времето одлучи да се сврти против Skopje Calling со што градот заличи на ран ноември во исчекување на бура, која ќе се појави во секој момент и ќе уништи сè.

Но и покрај нелагодностите и проблемите со кои се соочуваа организаторите, рака на срце, вечерта беше исполнета со многу позитивни моменти. Сè започна истиот момент кога околу 23.00 часот, Давид, Лука и Мики се искачија на најголемата бина која дотогаш ја имаат делено. Полни со енергија и возбуда. Зрачеа.

Настапот го отворија со една од нивните постари песни, „Грла Јарци“ (2015), која има препознатливо влијание од раните денови на Chili Peppers и на која е невозможно да останеш рамнодушен и да не се движиш. Само неколку ноти низ песната, веќе бевме телепортирани на светски фестивал. Coachella? Primavera? Pitchfork… да, ова беше тоа.

 

 

Сцена, светло, звук, сè беше по стандардите на фестивалите од големата лига. Изгледаше како македонскиот тим да игра на финалето на Светско првенство во фудбал, а публиката зрачеше со гордост што скопските деца од маало израснале во нешто големо, владеејќи ја сцената како да е нивната дневна соба.

Наскоро стадионот на АРМ беше исполнет со добар број на публика, која пееше на нивните попопуларни песни, вклучувајки ги „Стаклени нозе“ и „Виулица/Сомнежи?“. За мене, ова беше прв пат да ги гледам Shui во живо и бев најмногу изненаден од тоа колку многу луѓе (барем тие околу мене, во фан-питот) ги знаеа текстовите и пееа заедно со нив.

Funk Shui свиреа 45 минути. Ова беше нивниот најголем настап досега и не можеа да сокријат колку се возбудени поради тоа. Трчаа низ целата сцена, рипаа, се качуваа покрај тапанарот, разговараа со публиката, навистина го дадоа најдоброто од себе.

Потоа на сцена се качија Британците. Morcheeba, бендот кој го одржува трип хоп-от во живот.

Се појави Skye Edwards, обвиткана во некој фустан-наметка со црвени реси и целосно ме порази. На свои 44 години изгледаше како олицетворение на совршеност и подеднакво исто како што изгледаше на почетокот на Morcheeba со свои 18 години.

 

 

Откако Edwards го напушти бендот во 2003, Morcheeba се обиде да најде пејачка која ќе може да ја замени, но никој не беше доволно добар. Сега разбирам зошто. Кога ќе застане во центарот на бината, ништо друго не е повеќе важно. Поседува магична енергија и подеднакво магичен глас.

Нивниот сет беше микс на стари и нови траки, а вклучи дури и кавер на „Let’s Dance“ од David Bowie. Публиката пееше на сите хитови, особено на „Enjoy the Ride“ и можеше да се забележи по изразот на лицето на Skye дека е изненадена од фактот дека ги знаевме зборовите на нивните песни.

Skopje Calling 2018 беше спасен.

Свесни сме дека многумина останаа (бар делумно) разочарани од тоа што Nouvelle Vague не успеаа да настапат, но публиката изгледаше задоволна на крајот на денот.

А она од кое сите се плашевме, дека поради бесплатниот влез, стадионот ќе биде преполн и хаотичен, воопшто не се случи. Покрај одличната сцена и настапите, делот за публиката беше супер решен, па секој успеа да си го најде своето „вистинско место“.

 

 

Тука беше фан пит-от и Neuland зоната, која беше малку поразлична од минатата година. Овој пат зоната беше покриена со голема полутопка, сместена многу поблиску до бината, исполнета со инвентивни активации. Хит беа златните винили со персонализирана порака, кои беа забележани во рацете на поголемиот дел од луѓето присутни на Skopje Calling.

 

 

Comments

comments