Фотографии: Кристијан Теодоров

 

Хип-Хоп. Без дискусија најуспешната суб култура на денешницата.

Функционира подеднакво успешно како алатка на маргинализираните, анонимните и како алатка на бруталниот меинстрим, оној добро познат, немилосрден и вулгарен музички бизнис. Зошто? Едноставно. Земи ја било која/било чија приказна и ете ти ги копиљаците од пред зграда и фрли ја нивната приказна во рап форма и автоматски добиваш автентична приказна, можност за изразување и секако препознавање од најшироката можна публика. Непосредна, демократична и неверојатно крос-културно апликабилна алатка за комуникација. Ете затоа е толку голем тој Хип-Хоп.

Овој музички стил, или подобро речено култура, одамна има врвни претставници и во нашава земја, а нови клинци постојано се фаќаат за микрофон и ја истураат сопствената приказна во форма на рап, трап, како сакате веќе, сосем е сеедно.

Една од најдобро чуваните тајни на модерниот хип-хоп кај нас е дека деновиве добивме и вистинска Т/Рап Опера, ХипхОпера, наречете ја како сакате…тоа е вистинско театарско шоу со стенд ап, документарец, континуиран настап во живо и секако со оригинална музика која веќе е издадена на албум: 3Grama & Silent G / Мрази, Хејтај [PMGRecordings156]. Комплетен шоу програм кој ќе ве остави подзинати од квалитетот на музиката и изведбата, а во исто време ќе ве насмее до експлозија.

 

 

3Grama е MC (емси) алтер-его на еден од најпопуларните македонски актери на оваа ера, Тино Костадиновски, кој во последниве години жари и пали на сцената на Театар Комедија, каде што е и поставена оваа програма. Неговиот талент за глума, не е ништо поголем од оној за пишување рими и рапување. Што повеќе, во живо неговиот флоу звучи многу поуверливо отколку на ЦД. Енергичен, прецизен, смешен и сиров до болка, тој фантастично го води ова шоу, во кое сјајно му парираат познати хип-хоп ликови од скопскиот асвалт.

Сиги, Кацар, Лилјак се само некои од бандата која буквално растура на сцената. Silent G е човекот од втор план. Загадочен, но симпатичен, фантастичен музичар и продуцент. Неговото вистинско име е Гоги Полизов и за него ќе слушате уште во иднина, тоа сум сигурен.

Режирано од театарскиот бокс офис број 1 во Македонија, Синиша Евтимов (Стјуардеси, Вардарски Пастуви, Сомнително Лице), ова е бескомпромисен, комплетен и модерен мултимедијален продукт. Всушност, Мрази, Хејтај е толку добро шоу по сите параметри, што би било вистинска катастрофа ако остане тајна. Ова мора да го видат сите. Ем брутална лирика од театарска сцена плукната директно во грдото лице на денешницата, ем смеење до солзи. Дечки, познато е дека смеењето го продолжува животот, а ние сме токму во тој бизнис: продолжување на животот.

 

 

БОНУС: Интервју со Тино Костадиновски

Слободно може да се каже дека си еден од најпопуларните глумци (актери) во државава. Заедно со твојот партнер Атанас Атанасовски жарите и палите на даските кои живот значат, а особено оние на театар Комедија. Како се носиш со таа очигледна мегапопуларност, особено помеѓу младите генерации, а и самиот така млад?

Ми годи нормално, како и на секој артист, супер е кога гледаш дека тоа што го работиш има фидбек кај луѓето, посебно кај младите. Можеби немаме некои црвени теписи и папараци, но фино е коа ќе те пуштат преку ред во банка. Убаво е чувството да знаеш дека си дел од младоста на некои луѓе.

 

Покрај глумата, хип-хоп/рап/трап отсекогаш бил твој огромен интерес. Можеби затоа што живееш во автентично рап маало, Ново/Лисиче. Има тоа врска, нели?

Има врска сигурно, тоа што висевме на клупи со постарите рапери, слушавме рап и чат-пат ако си океј ќе скокнеш и до студио. Вртиш со тој што има кола на еко патрола, слушаш рап и се караш дали е боље Биги или Тупак.

 

 

Сега веќе имаш цел албум. Ти ги напиша зборовите и рапуваш, имаш екипа која работи со тебе. Кажи збор два за тоа.

Целата работа со проектов „3Grama & $ilent G” тргна од заебанција, од една песна што ја направивме онака за наш мерак, каде што ги имитираме денешните рапери, па напраивме уште една и завршивме со цел албум и мокументарец за двајца измислени, лажни рапери.

Гоги Полизов е продуцент од Скопје кој се погрижи за битовите, Dj Veligden (Синиша Евтимов) исто. После инволвирав и некои од моите колеги, глумци кои исто имаат измислени карактери што рапуваат, па направивме неколку песни со Сиги и Кацар кои се дел од Токсиколози, па се појави Мирко Попов од ПМГ и реши дека ќе го издаде ова и така излезе седмиот по ред (читај: првиот) хип-хоп албум на 3Grama & $ilent G – „Мрази, Хејтај“.

 

Овој материјал го изведе во живо во театар комедија. Се чини испадна совршен спој на твоите две пасии: глума + рап. Згора на тоа многу квалитетно и опако смешно. Како си задоволен? Ќе има ли повторно?

Супер си поминавме на „таканаречената” промоција, имаше од стендап, документарец и музика, па се до мултимедијално шоу од 60 минути. Ние на сцена супер се забавувавме исто и публиката во салата. Првичната идеја беше да го правиме еднаш, ама на барање на публиката ќе има уште еден ваков концерт, се надеваме некаде во февруари.

 

Comments

comments