Понеделник е денот кога речиси сите влијателни музички магазини објавуваат нови подкасти. Оттука е и мојата идеја за неделна препорака на миксови наречена #MusicMonday.

Јас, како ДЏ и љубител на музиката слушам многу миксови, затоа што од една страна имам можност да научам и дознаам што пуштаат големите мајстори, а од друга страна одлично се вклопува со мојата работа или евентуалното читање на некоја добра книга.

Преслушувам многу миксови, понекогаш по десеттина дневно. Мојот музички вкус е шарен, зависно од расположението, може да биде диско, хаус, техно, бразилска музика, кумбиа, џез итн… и сето ова е отсликано и во моите диџеј сетови.

Во колумната #MusicMonday секој понеделник можете да најдете препораки за музика. Еве ги петте миксови за оваа недела:

 

DJ QU B2B DJ October

DJ QU и DJ October се два диџеи/продуценти за кои имам многу голем респект. Се работи за диско микс снимен во живо. Селекцијата е фантастична, содржи диско класики кои секој би требало да ги знае и преслуша.

 

 

 

 

Svreca

Svreca е шпански техно диџеј чии карактеристики се длабочината и хипнотичноста. Ова е препорака за оние на кои не им се слуша многу весела музика. ДЏ Svreca никогаш не ме разочарал и неговите миксови најчесто ги слушам уште истиот ден кога излегуваат.

 

 

 

 

Sassy J

Sassy J е диџејка од Берн, Швајцарија чии сетови, исто така, како и на Svreca, ги преслушувам буквално веднаш штом дознаам дека има нов микс. Таа пушта џез, хаус, фанк хаус, меѓутоа, на многу уникатен начин, така што во нејзините сетови секогаш наоѓам музика која никој друг не ја пушта.

За Sassy J дознав додека бев на студии во Цирих, каде што таа пушташе музика во еден клуб. Нејзиниот сет беше совршен хаус сет, нешто што ретко го изјавувам. Подкастот за Resident Advisor беше избран за еден од миксовите на годината од неколку музички магазини.

Еден интересен факт за неа е дека креира парчиња облека и накит и има направено џемпери за некои од нејзините омилени артисти (Madlib, Moodymann и Theo Parrish).

 

 

 

 

Chancha via Circuito

Chancha via Circuito е еден од најистакнатите застапници на музички стил кој во моментов добива замав и се нарекува future cumbia. Ова е модерна музика која се базира на класичниот јужно американски мелос. Кул е, многу е позитивна и супер би било повеќе луѓе да дознаат за овој правец.

 

 

 

 

Tony Humphries

За крај, класичен хаус микс од златното доба на хаусот, од еден од најдобрите хаус диџеи кои ги имам слушнато. Сè поврзано со овој микс е перфектно. Инаку Tony Humphries доаѓа од New Jersey и долго време бил резидент во Zanzibar, клубот во New Jersey кој е исто што и Paradise Garage за New York или Music Box за Chicago, а со тоа и Tony Humphries е истото што Larry Levan е за New York или Ron Hardy за Chicago.

 

 

Comments

comments