Според некои сомнителни статистики, во просек луѓето поминуваат 34 минути секој понеделник жалејќи се дека е понеделник.

Има две опции: да уживаш во жалењето, па да се обидеш да го скршиш рекордот или опцијата која јас ја избирам денес – да го искористам понеделникот како добар старт за исполнување на целата недела со квалитетна музика. Затоа, овие 5 миксови нека ви бидат саундтрак на новата недела и нека ви помогнат да го преживеете калливиот понеделник.

 

Hunee & Antal – Trouw Closing Party

Клубот „Trouw“ во Амстердам се затвори минатата година со 35 часовна журка, на која меѓу другите настапија и овие два „тешкаши“, Hunee и Antal. Легендарниот клуб „Trouw“, со 24 часовна дозвола за работа и фантастична селекција на гости ја донесе Амстердамската клубска сцена рамо-до-рамо со поголеми градови како Лондон и Берлин.

Hunee и Antal одлично функционираат кога заедно пуштаат музика. Antal е познат по неговата колекција на стари хаус плочи, редовни патувања до Бразил по бразилска музика како и одлична колекција на афричка музика. Hunee работел во плочара во Берлин каде прилично добро ја осознал диско/соул музиката, така што денес на многумина прв им паѓа на памет кога ќе се спомне диско диџеј. Јас минатото лето имав можност да го слушнам неговиот сет на „Love Fest“ и без двоумење можам да кажам дека тоа беше најдобриот сет на фестивалот.

 

 

 

 

 

Kaidi Tatham – Phono Live 028

Kaidi е еден од главните претставници на искршениот фанки звук. Доколку сакате да преслушате нешто од неговата авторска музика, тогаш можете да ја пуштите оваа YouTube плејлиста. За разлика од неговата авторска музика, миксов е покласичен. Дефинитвно е еден од најдобрите фанк миксови кои ги имам слушнато во последно време и сум сигурен дека ќе ви помогне во мисијата да го направите денот поубав.

 

 

 

 

 

 

Volcov – Rush Hour Store 005

„Rush Hour Store“ е серијал на миксови каде диџеи склопуваат микс во истоимената плочара во Амстердам, а со плочи кои можат да се најдат во продавницата. Оваа плочара е во сопственост на претходно споменатиот диџеј Antal, а освен продавница за плочи, под овој бренд функционира и лејбл и дистрибуција за помали лејблови. Се работи за една од најголемите дистрибуции во Европа, а на изданијата за издавачката куќа често се наоѓаат хаус легенди од Чикаго и Детроит.

Volcov е селектор од Италија, сопственик на издавачка куќа и понекогаш ремиксер на диско музика. Тој многу сака да пушта џез музика, а тоа може да се примети и во овој микс, но има и одлична селекција на други стилови на музика. Иако можеби помалку познат од Hunee и Antal, реномето на овој диџеј не е ништо пониско, тој пушта музика b2b со Theo Parrish. Неговите миксови се оригинални и во нив секогаш откривам музика која ги освежува моите сетови.

 

 

 

 

 

Paul du Lac – Digital Tsunami 095

По 3 весели миксови за уживање во сонцето, време е да се скршне кон музика соодветна за ноќните часови. „Digital Tsunami“ е подкаст кој тежнее кон new wave музиката и сите правци кои се поврзани со него. Paul du Lac е диџеј и сопственик на лејбл од Ротердам. Холанидја, покрај одлични „весели“ диско хаус лејблови има и одлични хаус лејблови кои се карактеризираат со помрачен звук, кој преку употрба на аналогни синтисајзери потсетува на 80тите. Миксов е преполн со таква музика, може да не ви легне од прва, ама би ве советувал да му дадете барем уште една шанса поради тоа што увото бара навикнување на ваква музика.

 

 

 

 

 

Lovefingers – Far Away Tapes 009

Описот на издавачката куќа за миксот се: “In this tape, Lovefingers takes us on an 80-minute journey through deep and cosmic soundscapes of the unknown.”, премногу се сложувам со тоа и толку добро звучи што одбивам и да го преведам.

За ова космичко патување се погрижи њујоршкиот диско диџеј Lovefingers. Lovefingers е сопственик на егзотичната диско издавачка куќа ESP Institute. Тој во клубови и на фестивали пушта диско/хаус музика, меѓутоа често знае да сними микс во кој има поекспериментална музика. Музиката во миксов ме потсеќа на музиката на Vangelis за филмот Blade Runner или пак Краут музиката од источна Германија. Повторно се работи за микс кој може да биде „тежок“ на ушите, па би ви предложил да му дадете повеќе од една шанса за да го погодите правото расположение за доживување на ваква музика.

 

 

 

Се надевам дека ќе уживате во моите предлози, а ако ова не ви е доволно, повелете кај мене на профил на Soundcloud и одберете си нешто повеќе за слушање.

 

Comments

comments