Понеделник е денот кога влијателни музички магазини објавуваат нови подкасти. Оттука и мојата идеја за неделна препорака на миксови, наречена #MusicMonday.

Втората епизода на #MusicMonday, би му дошла нешто како моја верзија на OFFest, во однос на застапеноста на музика специфична за различни делови од светот. Покрај тоа, овој пат со вас споделувам и по еден техно и new wave микс – чисто за да се задоволат сите вкусови.

 

Baris K – Renate Podcast 005

Бариш Ка – е турски Диџеј кој е познат по неговите фантастични ремикси на турска фанк и диско музика од, во главном, 70-тите години. Неговото име е позајмено од легендарен турски бенд, Barış Manço, кој е приказна сама за себе. Се работи за уникатен Диџеј/продуцент, кој откако еднаш ќе го преслушате, неговиот стил е многу лесно да го препознаете. Им се има допаднато на буквално сите на кои им имам предложено да го преслушаат.

 

 

 

 

Awesome Tapes From Africa

Овој селектор одбрал некарактеристично и долго име под кое настапува, кое успешно го опишува она што го прави: пушта лудило касети од Африка! Миксот е скорашен подкаст за Resident Advisor, комбинација на афро класики и тотално непознати изданија. Еден од артистите застапани во миксот, Ата Как, моментално е на тура низ Европа – неговиот прв настап после 20 години. За овој камбек е задолжен токму креаторот на овој микс.

 

 

 

 

Gilles Peterson with DJ Nuts

Еден од најдобрите експерти за бразилска музика гостува кај Gilles Peterson и пушта бразилска музика од 60тите и 70тите, оној период пред рок музиката да почне да влијае и да ја менува бразилската музика. Ова е миксот од кој дознав за Жозе Мауро, кој починал 2 недели пред да се издаде неговиот прв албум – најдобриот албум со бразилска музика кој го имам слушнато.

По ова гостување на DJ Nuts, цените на плочите од албумот на Жозе Мауро почнаа да стануваат трицифрени. DJ Nuts е класа од Диџеј, кој покрај бразилска музика одлично се снаоѓа и со хип-хоп музиката. Gilles Peterson патува специјално од Лондон до Сао Паоло за да ги слушне нговите сетови.

 

 

 

 

Eric Cloutier Live at Technoon

За овој микс нема некои забавни анегдоти, едноставно се работи за одлично 3 часовно патување низ техно музиката предводено од мајсторски Диџеј. Ако не сте убедени, отворете го миксот во нов таб и прочитајте ги коментарите или објаснувањето од Диџејот за неговото искуство на забавата на која е снимен миксот.

 

 

 

 

Groove Magazin Podcast – Bezier

Bezier е дел од колективот Honey Soundsystem, колектив на Диџеи од Сан Фанциско кои покрај пуштање музика и организирање на забави ја водат издавачката куќа Dark Entries. Оваа издавачка куќа во главном се користи за реизданија на диско, итало и new wave/cold wave плочи од 80-тите. Тие се одговорни за реиздавањето на некои од моите омилени плочи, кои пред тоа беше многу тешко да се најдат на пазарот. На пример, Tarzan Loves the Summer Nights или пак Linea Aspera. Миксот е фантастична селекција на new wave изданија, дел од кои се надевам повторно ќе оживеат преку Dark Entries.

 

 

 

Ако оваа епизода не ви е доволна, повелете кај мене на профил и одберете си уште нешто за слушање.

 

Comments

comments