Авторот: „Во средината на 90тите години, во еден од дневните весници се појави статија, во која се објаснува како некој хирург од источна Македонија, при обична рутинска операција, наместо еден внатрешен орган, извадил друг. На прашање од новинарите: „Како може доктор со реноме како неговото да си дозволи да направи така банална почетничка грешка”, одговорил: „Погрешив бидејќи органот емитираше знаци дека е некој друг орган”.

Размислувајќи околу ова, помислив: „Ок, ако може некој орган да се преправа дека е некој друг орган, тогаш јас ќе направам музика која првично ја направил некој друг (семплови) и ќе ја сместам во мојата, при што сите тие семплови ќе се преправаат дека се мои.”

Автор на овој мошне интересен, сугестивен и за ушите благопријатен „амбиентален” албум е еден комплетно знаменит битолски џентлмен, господинот Илија Талев (Иле Косата).

Него можеме слободно да го сметаме за пионер на електронската музика во Македонија. Организатор на првата техно-рејв забава кај нас, во битолската дискотека Сенатор, уште во 1989 година (што е некој вид предисторија во нашиве услови).

Меѓу првите креатори на електронска (техно) музика во МКД, автор на легендарната „Последниот Титов Танц” (под името Dr. Acid), која во 1991 година предизвика и солидно ниво контраверзи, со оглед на фактот што некои радио станици не се осмелуваа да ја вртат, иако југословенскиот маршал, заедно со неговата земја беа одамна мртви.

Во 1992 почнува да работи под името Xavier Acid и го изадава синглот „Валтер го Брани Сараево”, кој успева да стане андерграунд хит во земјата. 1993 година во Xavier Acid му се придружува Сашо Ралевски (Saso Recyd), кој подоцна како соло артист, ќе прерасне во уште една вистинска легенда на битолската и македонска електронска сцена.

 

 

Во 1995 година го издаваат првиот македонски техно албум „И по Тито – Техно”, за кој веќе пишував рецензија во тогашниот македонски музички магазин Тротоар. Со Xavier Acid издаваат уште неколку наслови и работат до 1996 година, а потоа Илија Талев продолжува под името МУЗАК, но со видно намалено темпо. Проектот МУЗАК доживува своевидна ревитализација во 2014 година и Талев, заедно со Ивана Ѓоргиевска грозничаво се фаќаат за добра работа, чиј резултати ги преслушуваме на албумот Метрополис, кој е предмет на нашиот интерес во овој текст.

Амбиенталните албуми, овие денови мошне лесно и често завршуваат како незграпни брда од семплови, или леери на неинвентивни текстури за кои или брзо губиш интерес, или заспиваш.

Иле Косата располага со повеќедецениско искуство како продуцент и диџеј на електронска (пушта и широк дијапазон квалитетна алтернативна) музика и секако нема да дозволи неговиот амбиентален албум да оди по порешен пат. Базирани на музички семплови во репетитивен колосек, песните на албумот пулсираат во сопствен ритам и топла мелодиска линија. Функционираат и како позадинска (амбиентална) музика, но мошне се стабилни и како stand alone композиции со директна слушачка вредност.

Метрополис изобилува со мноштво говорни семплови, повеќето од нив добро познати и од култни филмови и бендови, но воглавном умесно употребени. Кон крајот на албумот сведоци сме на потполно нова сонична авантура. Среќаваме една супер-успешна соработка со Љубојна во темата Девојче и една не баш успешна со Ангеле Димовски во темата Благослов. Следи сосем неочекуван, но фино освежувачки ритмички изџезиран крај со композицијата Ритам. Се на се, Метрополис е прекрасна приказна за еден истрипан битолски сокак, но и документ за работата на еден од музички највлијателните ликови во градот. Да бидам искрен, опасно се развеселив кога го видов овој албум и уште повеќе кога го преслушав.

Културолошки и бихејвиористички, Битола отсекогаш била сосем специфично место. Вистински дијамант во круната на македонската автентичност. Повремените проблесоци на харизма и талент, неретко резултирале со изблици кои се пред своето време, па и вонременски.

Сепак непријатното отсуство на континуитет во работата и производството на продукти, го доведува овој град во позиција да не може да биде вистински културолошки конкурент на Скопје. Господ знае, а Универзумот ќе потврди, дека главниот град има потреба од конкуренција, соработка и паралелен развој.

Се надевам и повикувам на што е можно повеќе вакви, или било какви изблици на битолски автентична, а светска материјална култура. Парчиња вистина и совршенство фрлени во лице на македонецот, како да му зборуваат: „еј супер си токму ваков, со нозете на своето, со главата во облаците, граѓанин на светот”.

 

Comments

comments