Фотографии: Александра Костадиновска

 

Архитектонски објект со безвременска естетика, единствена панорама на Скопје, скапоцена архива на уметнички дела од големци како Пикасо, Вазарели, Хокни… Музејот на современа уметност нуди многу причини да ви биде омилено место. Нам дефинитивно ни е.

Неодмна со вас споделивме дел од неговото славно минато, а сега сме среќни што може да споделиме и убави вести од сегашноста, како и планови за иднината.

Така, оваа недела МСУ со свечен настан го промовираше новиот број на „Големото стакло“ после скоро цела деценија пауза. Ова списание првпат беше издадено во 1995 година и публикувано во 24 броја до 2009 година. Сега, десет години подоцна, се враќа на сцената како „The Large Glass“ со нов концепт и целосно на англиски јазик.

Повеќе за новиот број на „Големото стакло“, во кое има ексклузивно интервју со легендарниот Аи Вејвеј, но и за Венециското биенале, филмската програма и останатите нови почетоци, дознајте од нашиот разговор со тимот на МСУ.

 

 

Наскоро ќе се случи официјалниот рестарт на списанието „Големото стакло“. Па, како почеток на разговоров, опишете ни го накратко концептот на ова списание и зошто е важно, која е неговата (културна) вредност?

Тихомир Топузовски, главен уредник на „Големото стакло“: Зборувајќи за концептот на списанието можеме да напоменеме две одредби, првата поврзана со идејата Музејот на современа уметност да биде издавач на списание за современа уметност, култура и теорија. Преку оваа одредба можеме да согледаме историски континуитет на списанието „Големо стакло“ кое првпат е публикувано во 1995 година и издадено во 24 броја до 2009 година. Оваа идеја се однесува на неопходноста Музејот на современата уметност да публикува списание концепциски втемелено во потребата и важноста да се презентираат и анализираат актуелни прашања за современата ликовна уметност, како и да се продуцира знаење за нив.

Доколку зборуваме за концептот на новиот број, односно втората одредба, тогаш можеме да го илустрираме преку фотографијата користена на корицата, сателитска снимка на градот Рафа од 2014 година, каде преку анализи на колективот „Форензичка архитектура“, кои користат широк спектар визуелни алатки како што се видео, 3Д-модели, сателитски фотографии, анимации, цртежи и мапи, се утврдуваат повреди на човековите права и на меѓународните хуманитарни конвенции. Овој колектив се обидува да ги следи контурите, односно да ги направи видливи доказите што се скриени во официјалните извештаи од страна на државните авторитети и други агенции на моќта.

Оттаму самиот концепт на списанието се однесува на проширување на хоризонтите на видливоста преку ангажираните уметнички практики и методологии, без оглед дали се работи за делување на колективи или уметнички активизам на поединци во јавни простори, каде се визуелизираат важни општествени теми и се покренуваат значајни прашања кои во одредени случаи имаат и своја правно политичка разрешница.

 

 

Може ли како „тизер“ да ни откриете што може да очекуваме во овој нов број? И од каде токму името „Големото стакло“, дали можеби има некоја приказна поврзана со истото?

T. T.: Овој број е конципиран во тематски целини фокусирани на ангажираните уметнички практики каде преку текстови, интервјуа, прикази на уметнички проекти и визуелни есеи се адресираат различни контексти. Меѓу другото, списанието содржи ексклузивно интервју со еден од најпознатите современи уметници и дисиденти Аи Вејвеј, потоа извештаи придружени со фотографии и анимации на колективот „Форензичка архитектура“, колектив кој беше номиниран за наградата Тарнер во 2018 година; Текст и интервју со Грант Кестер, еминентен професор по историја на уметноста на Универзитетот во Калифорнија, потоа текст на Стивен Данкомб професор на Универзитетот во Њујорк, каде се вклучени примери и контексти од Македонија.

Околу самиот наслов, списанието е именувано во 1995 година од тогашниот уреднички состав, реферирајќи на делото на Марсел Дишан „Големото стакло“ создавано помеѓу 1915–1923 година.

 

 

„Големото стакло“ цела деценија беше во хибернација, а сега се враќа целосно публикувано на англиски како „The Large Glass“. Дали овој факт значи дека се стреми да парира на светските списанија од овој тип и кои се вашите амбиции со новото издание?

T. T.: Новото издание е публикувано на англиски јазик, на тој начин овозможувајќи Музејот на современата уметност во Скопје да соработува уште поинтензивно со меѓународни автори, како и списанието да биде презентирано и препознаено во други културни, уметнички и академски центри и институции, со што ќе ја прошири својата меѓународна репутација и ќе го зголеми своето влијание.

Во оваа насока, повеќе меѓународни институции и центри како на пример Ротор центарот за современа уметност во Грац или Универзитетот Роберт Гордон во Абердин, Шкотска, веќе покажаа интерес да се претплатат на списанието, со што списанието ќе го започне своето меѓународно присуство.

 

 

Ја започнувате 2019-та со свечена промоција на „Големото стакло“. Какви други интересни настани може да очекуваме од МСУ годинава? Покрај настаните, што ново планирате да понудите на јавноста?

Кумјана Новакова, куратор на филмската програма: Од средината на 2018-та тимот на МСУ одлучи да ја обнови филмската и видео програма која сѐ до почетокот на 2000-тите била еден од маркерите на Музејот, но и врската на општеството со современите динамики во филмот како уметност. Она што е важно да се потенцира во овој момент е дека целта на филмската и видео програма секако не е само потенцирање или истражување на аудиовизуелната компонента на и во современата уметност, ниту пак изложбено делување во форма на претставување на независен современ и експериментален филм. Задачата е многу покомплексна, и секако произлегува од интегралната визија за Музејот, која подразбира и воспоставување на Музејот како активен актер кој филмот како уметност го става во дијалог со општеството.

Во 2019 година ќе влеземе со образовна програма во областа на социјално ангажираниот креативен документарен филм, остварена во партнерство со најзначајните актери од регионот – ДокуФест, од Призрен и Право Људски, од Сараево. Ќе следува заедничка програма со филмскиот оддел на Институтот за современа уметност од Лондон, како и широка програмска ретроспектива на Југословенски експериментален филм. На овој начин, 2019 ќе го отвори процесот на ревитализација на Музејот како простор и за филм.

Дополнително, преку поддршката на американската амбасада, развиваме и програма која ќе понуди едно ново читање на соработката и размената помеѓу Музејот и американската уметност. Овој интердисциплинарен проект, покрај изложба на дела на најзначајните американски автори и авторки кои биле и сѐ уште се значајни за колекцијата на Музејот, ќе опфати и промислувања на општествениот контекст во кој одредени уметнички практики се развиле, ставајќи ги делата и соработките со различните автори и авторки во дијалог со пошироките општествени и културни динамики. Проектот се планира за средината на 2019та година, и програмски, покрај изложбата, ќе понуди и филмски проекции, предавања, и секако специфични индивидуални и групни активности, со фокус адаптиран на различните потреби на посетителите.

 

 

Неодамна беше избран македонскиот претставник на 58. Венециско биенале. Станува збор за уметницата Нада Прља, а носител на избраниот проект е токму МСУ. Кажете ни нешто повеќе за нејзиниот дело „Субверзија во црвено“ и што очекувате од претставувањето во Венеција?

Јованка Попова, куратор: Проектот „Субверзија во црвено“ според својата основна идеја е истражувачки и се состои од повеќе делови, т.е. уметнички дела кои користат различни уметнички и неуметнички методи и медиуми, како на пример, дискусија во форма на перфоманс, документарно видео, инкорпорирање на значајни уметнички дела од модерната од колекцијата на МСУ Скопје.

Намерата на авторката е преку ревидирање на минати идеологии и политички концепти да понуди уметничка интерпретација и анализа на радикални дејствувања кои се спротивставуваат на глобалните скорешни трендови на десничарско националистички наративи, како и да промовира уметнички практики кои интервенираат во широк спектар на економски, политички и културолошки состојби на локално и глобално ниво.

Актуелноста на темата соодветствува со генералната тема на 58. Биенале во Венеција „Живееме во интересни времиња“ која ги ангажира посетителите во интеракција со дела и прашања поврзани со меморијата, неочекуваното, радикалното и различни начини на размислување и делување во однос на ретроградните националистички политики рефлектирани во културата на секојдневието.

Се очекува истата да ги мотивира ликовните уметници, критичари и теоретичари од регионот и пошироко да ја искористат можноста во организација на Музејот на современата уметност во Скопје да бидат актери на настан кој ќе привлече силен интерес кај стручната и друга јавност и ќе го афирмира Музејот како активен и ангажиран субјект во актуелните социјални дебати.

 

 

Новитет оваа година е и свежото мото на музејот, односно #ОтворенМузеј, #МузејЗаСите… Што конкретно за јавноста би значело ова?

Мира Гаќина, директор на МСУ: „Отворен Музеј, Музеј за сите“ подразбира трансформација на институцијата одвнатре, по принципот на отвореност и дијалог, водејќи кон работа заснована не нужно само на настани, туку на процеси, користејќи некои од стратегиите својствени за начините на кои современите уметници денес работат. Веќе од 1990-тите, многу уметници и куратори ја прифатија идејата за создавање флексибилни платформи за презентирање на дела, проширување на институцијата и нејзините функции. Следствено, МСУ ќе стави еднаков акцент на сите свои програми, така создавајќи интегрирани простори и начини на претставување кои го рефлектираат ова, вклучувајќи архиви, читални, резиденции, разговори и отворени настани, како и изложби кои ќе се насочат кон различни категории на посетители.

Анџелика Апсис, односи со јавност: Музејот е поставен на највисоката точка во срцето на градот, како акропол, за да нè потсетува колку е важна солидарноста, културата и уметноста за еден народ. Тој е место на обединување. Во тој дух сакаме и да го развиваме.

Сакаме да создаваме нови содржини кои ќе ги променат навиките кај нас: „во Музеј се оди само кога има изложба”. Овие убави простори треба да живеат. Затоа е многу важно да ги создаваме заедно.

 

 

На пример, во нашата библиотека освен избрана литература може да уживате во најновите броеви на светски престижните списанија за култура и уметност. Библиотеката исто така ја замисливме како отворен простор со интернет поддршка во кој секој може да работи, да престојува, да го користи самиот простор како инспирација. Во подготовка е и новата концепт продавница во која, покрај нашите едиции ќе може да набавите изданија од други издавачки куќи, дизајнерски производи, како и линии на наши дизајнери инспирирани од МСУ. Кафетерија секако.

На пролет во соработка со Паркови и зеленило ќе се обидеме заедно да креираме мала ботаничка градина, во соработка со Градот ќе овозможиме реконструкција на патеката која води од Калето до Музејот на современата уметност, како и нова урбана опрема околу и на платото на Музејот, клупи, работни површини, светилки и катче за најмалите.

Целта на овие содржини и на многу други кои ќе ги создаваме заедно е да и овозможиме на нашата публика да престојува во нашиот Музеј, да се чувствува пријатно, да земе учество и самата во креирањето на отворениот простор – да се поврзе со него и да е место на кое ќе посака да го поминува своето време.

 

Comments

comments