Музичките документарци се највибрантната форма на документарци во кинематографијата, и секогаш, преку скопските капилари до кино коморите го наоѓале патот до мене. Убаво визуелно скоцкани, со совршена нарација, еве неколку од моите фаворити снимени во оваа декада.

 

AMY

3

Живееше за музиката и за Блејк, и умре за нив. Ја уби нејзиниот најголем порок – љубовта. Приказна за девојката која сè што сакаше беа мали интимни џез-клубови каде бесрамно ќе застане во темнината и ќе ја осветли со својот моќен вокал, а доби стихии од папараци и фанови. Мене садот за пуканки ми се претвори во када со солзи, не знам за вас.

 

 

20.000 DAYS ON EARTH

7

Доколку можев да живеам во нечиј ум како во „Being John Malkovich“, би се вдомила во умот на Nick Cave. Овој неконвенционален документарец потполно свесно и исценирано пенетрира до последниот атом од битието на Cave, како низ клучалка да ѕиркаш во неговите мисли. Виртуозно и мистериозно. Мора да го гледате! Сериозно!

 

 

PINA

6

Пина јасно ја исцртува својата кореографска визија со строгите движења, лелеавите фустани, изобилната сценографија и жедта за совршенство во потегот, во чекорот, во танцот. Визуелно прекрасно решение и добар одмор од градскиот метеж за оние потрпеливите.

 

 

BEATS RHYMES & LIFE; THE TRAVELS OF A TRIBE CALLED QUEST

4

ATCQ, по многумина инспиративни пионери на алтернативниот хип хоп, за мене прилично ново откритие, ама веќе добри 6 месеци си држат прво место на најслушани траки во телефон. Иновативни и креативни, тие носат нов бран на уметнички измоделиран џез хип хоп, кој не остава никого рамнодушен. Документарецот е приказ на патот од формирањето до распадот, а со себе ја носи емоцијата и естетиката на групата што ми е скроз кул.

 

 

SEARCHING FOR SUGARMAN

5

Музички документарец што ме остави прикована за седиштето во кино салата, насмеана како дете кое повторно верува во чуда. Приказната за Rodriguez е бајковита, иако филмски критичар би се запрашал зошто е толку мед и млеко, треба да има некаков конфликт. Не би се согласила, ова е одличен пример за филм како форма на наративна уметност, што ги руши конвенционалните ограничувања за драмско дејство.

 

Comments

comments