Не пред многу одамна зборувавме со Дарко Димитров дека многу од пејачите всушност трагаат по совршен поетски текст и дека поезијата им помогнала на многумина при пишување на текст за одреден тип на музика, (иако и таму има финти со согласки и самогласки и дека треба да знаеш кои вокали со кои терци одат, итн.) но, сепак, пејачите и текстописците најдобро се инспирираат кога читаат поезија.

Мислам поезија од типот на Yesenin, Shakespeare, Paul Valéry, Блаже Конески, итн.

Истражувавме и видовме и некои страшно добри примери: „Double Trouble”, песната од познатиот Harry Potter and the Prisoner of Azkaban soundtrack, има ре-аранжман на стиховите земени директно од Шекспировиот Macbeth.

 

 

„Bring your daughter to the slaughter” од Iron Maiden е целосно инспирирана од поемата „To his coy mistress” од Andrew Marvell.

Албумот „No promises” од Carla Bruni вклучува дури три песни од Еmily Dickinson.

„Beyond here lies nothin'” од Bob Dylan инспирација има дури и самиот наслов како цитат од Овидиј, поет од Стариот Рим.

А и култната “For All We Are Is Dust In The Wind” е напишана откако гитаристот Kerry Livgren е воодушевен од прочитаната книга со песни од Native Americans.

 

 

Неодамнешната награда за литература која отиде во рацете на Боб Дилан, токму од овие слични причини, нагласувајќи го литерарното во музичките нумери, само го потврдува фактот и нашата препорака да почнете да читате поезија.

Доколку немате идеја која книга со песни да ја земете, Ви препорачуваме неколку од македонски автори:

– „Поврзи ги точките“ од Николина Андова Шоповадобитник на меѓународна награда „Мостови“ на манифестацијата „Струшките вечери на поезијата“. Книгата се продава со моливче и буквално треба да ги поврзете точките на самата корица. Внатре има игра со бројки поставени пред насловите на песните што дополнтелно ќе ве заинтригира да го откриете значењето. Авторката графички си игра со бројките и точките. Ваше е да ја откриете поезијата меѓу трите точки… (ќе ја најдете во „Темплум“)
„Бура од убавини“ – од Билјана Ѓоргиева – Зринк – повторно графизам кој си игра овде со малите и големите букви. Останува да прочитате каква песна се крие под првата буква од Вашето име и кои метафори ги содржи. Многу интересно изведено, алфабетски скроено… нас нé потсети на играта „На буква, на буква“… (печатено од „Графоден“ Скопје)
„Мостот на копнежите“ од Сузана Мицева – добитник на наградата „Антологија на болката“. Тука нема место за наш коментар, останува да си ја „преслушате како добар музички албум“, а подолу една нејзина песна што можеби ќе ве убеди да ја најдете во „Култура“:

 

НА ЧЕКОР ОД ЛУДОСТА
„Не сакам да зборувам со тебе“.
И како со нож го пресече времето
пред и по нас.
Следуваа глуви часови,
останаа неискористени
слободните минути
за разговор.
Онемев во деновите
на тишина.
Во месеците на преживување
стекнав нови навики.
Утра без шепотења,
кафе без муабет,
ноќи без прегратки.
И нова жена нацртав пред огледалото.
На другите да им се допадне.
Трошките од тебе
И стариот живот,
ги скрив под
белодробното крило.
Како најголема тајна
те растев, тебе,
одметнатиот дел од мене
што не сакаше
да ми зборува.
Ни јас не сакам
да зборувам со тебе,
му велам на срцето….
И жими мајка,
ќе си го изџвакам џигерот,
ако вака додека молчиме
ми ја донесеш неа пред очи.

 

Comments

comments