Добиј копија од книгата „Ништо” на Carmen Laforet од Книжарница ТРИ. Лајкни го статусот на Facebook и тагни го твојот пријател/ка (во Facebook коментар) на кого би му се допаднала оваа книга. Добитникот ќе биде одреден на 1.2.2017 (среда) во 12.00 часот.

Претходно ви споменавме дека насловот на книгата привлекува за да ја купите, сакале ние или не.

Според сите статистики за најпродавани книги, насловот е тоа што ја продава книгата најмногу. За разлика од музичките албуми, насловот на книгата треба да е приказна во мал формат. Но, колку од насловите на музичките албуми кажуваат за содржината внатре?!

Многу често повеќе се расправа за дизајнот на омотот на музичкиот албум отколку за насловот на албумот и дали кореспондира со песните внатре, со тонот кој е доминантен или пак е само наслов земен од најпродаваниот хит –сингл на музичката ѕвезда.

Насловот на албумот на Yo La Tengo од 1997 година е „I Can Hear the Heart Beating as One” звучи нежно и романтичарски. Дали тоа навестува раскажување на љубовна приказна во песните од албумот? Ако не, тогаш воопшто е несоодветен, нели?!

Отсекогаш мислев дека насловот што го одбрал Neil Young,  „After the Gold Rush (1970)” е одличен, длабоко -метафоричен наслов што те тера на филозофирање за тоа колку сме задоволни со животот и заработувачката, тонови на сарказам и разочарување по периодот на жолтата треска, но песните внатре во албумот навестуваат и еден длабок оптимизам скриен во високите тонови на некои песни.

Некогаш насловите ти остануваат в глава оти се едноставни за паметење, но и толку точни и прецизни што навистина доликуваат на она што е внатре Talking Heads, „More Songs About Buildings and Food (1978)” овојпат означија еден убав и едноставен наслов на албум.

Насловот на албумот на Nick Cave & The Bad Seeds, „The Boatman’s Call (1997)” токму потсетува на историскиот роман „Капетановата ќерка“ од Alexander Puskinсилна имагинација со доза на романтицизам. Сосема налик на Ник Кејв, нели?!

Доколку книгата е со наслов „Ослободи го умот“ во стилот на Oprah, тогаш ќе ја сместиме во делот за книги за самопомош, но кога ќе видиме наслов на музички албум на Funkadelic, „Free Your Mind… and Your Ass Will Follow (1970)” тогаш јасно е со какви ритмови и тонови ќе си имаме работа и како тоа ќе влијае на нас додека ја слушаме. Со еден збор – нирвана!

 

 

Понекогаш кратките и концизни наслови даваат причина за повеќе интерпретации. Насловот на албумот на U2 „The Unforgettable Fire (1984)” нам „ни звучеше“ како насловот на книгата „The Unbearable Lightness of Being“ од Milan Kundera што зачудувачки е објавен истата година како и музичкиот албум (1984).

Но, она што фасцинира е описот со еден збор да кажеш сé – насловот на албумот на David Bowie, „Heroes” (1977) тотално одговара на нашиот предлог за книга овојпат: „НИШТО“ од Carmen Laforet.

Всушност, до интерпункциските знаци е. Ако сакаме нешто да кажеме, а да остане скриено и со друго значење, тогаш ставаме наводници. „Heroes“ тогаш би имал значење на саркастични тонови и порака која сака да го редефинира значењето на тој поим во една друга општествена реалност. Тотално Боувистички!

„Ништо“ овојпат го интерпретираме токму во оваа насока. Тоа е роман кој апсолутно ви кажува СÉ. НИШТО не е случајно во романот и НИШТО е онаа точка која вртоглаво ве изнесува од најтешките ситуации во дејствието. Зарем не е така и во животот? Кога ви е најтешко не си велите: Ништо, ќе помине?!

#ОдУмотНаЛилјана – Што ми се случи откако ја прочитав книгата буквално во еден здив: Останав забезекната, замолчана, зачудена и тивка. Ме прашуваат: Што ти е? И неверојатно, но некако суптилно ти доаѓа да кажеш НИШТО, а тебе ти вришти главата од восхитеност за тоа како е напишан романот и кој длабок и метафоричен јазичен израз го има, со нагласена сликовитост и суров реализам. Вртам на последната страна да прочитам за авторот. Си велам: гарант некој нов, непознат, од постмодерната, од новото време!

Читам: „Кармен Лафорет е родена 1921 година, а НИШТО „е роден“ 1944 година. Овој роман ги поставува основите на литературниот правец – тремендизам – кој се карактеризира со исклучителен приказ на гротескна имагинација. Повторно ме прашуваат: Што ти стана, што онеме? Одговарам кратко, а како поинаку: НИШТО.

И сега јасно ви е зошто треба да ја прочитате книгата? Еве јас не кажувам повеќе НИШТО. Ќе си пуштам музика од Боуви.

„НИШТО“ ќе ја најдете во Издавачкиот центар „ТРИ“, во просториите на кафе-книжарницата „ТРИ“ (Дебар маало) на ул. „Аминта Трети“ бр. 33.

 

#SmartIsTheNewSexy #ВљубениВоКнигата #ОдУмотНаЛилјана
#ВерувамВоЉубовНаПрваСтраница #ЧитамЗначиПостојам #RebornBookClub

 

Comments

comments