Фотографии: Александра Костадиновска

 

Во понеделник (4 септември) бевме на отворањето на „Под кожата“, првата самостојна изложба на Надја Петровиќ.

Надја е супер-талентирана сликарка по потекло од Битола, која последните неколку години ги помина во Фиренца, Италија. Да, еден од нашите омилени градови. Таму таа се здоби со титулата Магистар по ликовна уметност и визуелни уметности на Академијата за убави уметности, а од оваа година своето образование го продолжи на Европската школа за економија – уметност и културен менаџмент, исто така во Италија.

Надја досега учествувала на повеќе групни изложби, дел од нив организирани од страна на академијата во Фиренца, а една и во галериајта Brick Lane во Лондон. Ние за жал досега не сме посетиле друга изложба на Надја, ова е првата која ја разгледавме и без воздржување – неверојатно многу ни се допадна.

Откако свртевме неколку круга низ галеријата, застанавме да ја распрашаме Надја неколку прашања – околу нејзината историја, искуство и идни планови.

Инаку, доколку сè уште не стигна да ја разгледаш, исложбата ќе биде поставена во галеријата на НЛБ Банка се до 19 септември.

 

 

Надја, до неодамна студираше на академијата за уметности во Фиренца, насока сликарство. За нас Фиренца е еден од најубавите градови кои некогаш сме ги виделе, а и најинспиративни. Дали можеби богатата уметничка историја на градот влијае врз твоето творештво?

Секако дека богатата историја на Фиренца влијае врз моето творештво. Секојдневните посети на голем број од музеите и самата настава која ни беше дозволена во некои од нив за време на моите студии, дефинитивно има големо влијание врз моето творештво.

 

На Академијата магистрираше на насока визуелни уметности и нови јазични изразувања, кажи ни како твоето знаење како магистар се вклопува со твоето творештво како сликар?

Магистрирав на насока Нови јазични изразувања – одсек сликарство. Технологијата и компјутерите имаат огромно влијание врз самата уметност и ми помогнаа да сфатам каде се придвижува светот и кои се потребите на луѓето. Истовремено ми помогнаа да ја разберам и проучам современата уметност и да можам да се изразам ликовно во времето во кое живееме, а творештвото да го преточам во секојдневие, олеснувајки полесно ликовно изразување.

 

 

Штотуку ја отвори твојата прва самостојна изложба која ќе биде поставена сè до 19 септември. Изложбата се вика „Под кожата“. Кажи ни нешто повеќе за тематиката и зошто токму за ова име се одлучи?

Изложбата го добива името „Под кожата“ по насловениот триптих кој е претставен на самата изложба. Голем број на делата кријат текстови, симболи, знаци…Текстовите што суптилно се испишани на лицата и телата на претставените субјекти, упатуваат на бесконечната текстуалност на светот што нè создава, нè испишува и неретко нè жигосува. Пониpам во длабочините на човековата психа и копајќи во просторите на ирационалното и заумното, далеку од сувопарниот реалистичен приказ. Ги акцентирам состојбите на растрепереност и вознемиреност, на траума и страдање, моментите на стоењето на работ на човековите лиминални состојби.

 

Очигледно е дека веќе имаш огромно искуство како сликар, имаш добиено повеќе меѓународни признанија и награди, од златниот медал во Португалија па сè до сребрениот кој го доби во Кина. Кажи ни нешто повеќе за твојата приказна како уметник, за твоите почетоци и развој.

Со сликање почнав да се занимавам од многу рана возраст, а како активен член на „Мал битолски монмартер“ постанав на 7 годишна возраст. Првиот медал го освоив на 9 годишна возраст – златен медал од Евора – Португалја, а после него следуваа и многу други: сребро во Кина, 2 златни плакети во Македонија, прва награда Бугарија… Исто така во средно постанав стипендист на Македонија, а подоцна и на Италија. Во текот на моето средно образование посетував летни куреви на „Central St Martins“, Лондон, каде добив една посебна преродба и уште поголема желба да продолжам да се надоградувам.

 

 

Со што се занимаваш во моментов? Според тоа што го дознавме за тебе од оваа година си студентка на Европската школа за економија – уметност и културен менаџмент во Италија. Имаш ли некакви поголеми планови и визии за иднина?

Да, во мометот сум студент на „Европската школа за економија“ –у метност и културен менаџмен, како и активен член на „Cura art lab“ во Фиренца. Секако дека имам планови за иднина, уметноста бара многу трпение, време и зрелост. Оваа година имав неколу групни изложби од „Cura art lab“ во Фиренца, како и групна излозба „Аrt in mind“ во „The Brick Lane Gallery“ во Лондон. Следното мое претставување ќе се биде на Австриското Биенале од страна на „Paks Gallery“ во периодот од 9-18 март, 2018.

 

Comments

comments