Не ти кажуваме.

Шала, шала. Ќе ти кажеме, само малку подолу, откако ќе ти раскажеме како помина натпреварот. На пример, прво сакаме да ти кажеме колку многу, многу бургери изеде Скопје минатата недела – вкупно 1809! Тоа значи дека на ден во Скопје се јаделе повеќе од 250 бургери на само 11 места! Корегирај нè ако грешиме, ама тоа се страшно многу бургери за толку мал град.

Како што веќе неколку пати кажавме, победникот беше одреден преку комбинација на гласовите од четири-членото жири и на публиката, која со секој нарачан бургер доби ливче за гласање. Жирито се сретна да ги дегустира бургерите истовремено во Brown Sugar, каде покрај севкупната оцена на бургерот, го оценуваше и лепчето, месото, сосот и изгледот.

Ок, да не должам многу, сите овие работи најверојатно веќе ги знаеш. Да се вратиме на најважното и најинтересното во моментов:

Најдобар бургер во Скопје, според гласовите од судиите и од публиката има Ресторан Маџо 2.0! А иако количината на продадени бургери не влијаеше на нашиот систем на одредување на победникот, Маџо 2.0 имаат и најмногу продадени бургери оваа недела од сите ресторани натпреварувачи – вкупно 349!

 

 

Веднаш зад Маџо 2.0, за влакно-разлика, второто место го освои M’s Fish&Chips. Кај нив, од сите 301 продадени бургери во текот на наптреварот, 218 гласачи оставиле оцена 10 ѕвезди! Што го прави ресторан со најмногу 10-ки добиени од публиката.

Третото место пак, и последно кое ќе го прогласиме, затоа што така прават сите на натпревари, оди кај Rock Kafana Rustikana 2.0! И за нив, како и за другите две места, за оцената се сложија и публиката и судиите.

 

 

Интересно што вреди да се издвои е дека Urban Burger Bar, кои уште од почетокот се издвојуваа како единствено фаст фуд место на листата, котираа многу високо и беа сериозна конкуренција за трето место, и помеѓу гласачите и меѓу судиите.

Друго што забележавме е лојалноста на фановите на веганска и здрава храна. Иако тоа не се првите зборови што ни паѓаат на памет кога ќе помислиме на бургер, Fitness House и Vegan356Kitchen имаа неверојатно добри резултати кај гласачите (двата ресторани освоија во просек повеќе од 9 ѕвезди од публиката). А во однос на гласовите на судиите пак, може да се заклучи дека Барбакан се издвојува со убедливо највисока оцена во однос на квалитетот и вкусот на месото.

 

 

На Маџо 2.0, покрај честитки се разбира, му спремивме и симпатична плакета, која гордо ќе може да си ја закачи на ѕид и со прст да ја покажува на секој што ќе влезе. А на рандом избрани гласачи (со извлекување, мижејќи, од вреќа полна со гласачки ливчиња), како што веќе ветивме им доделуваме 6 награди, односно:

Рената Ангеловска: 1000 денари ваучер во победничкиот Маџо 2.0
Маглена Димишкова: 1000 денари ваучер во M’s Fish&Chips
Филип Грујевски: 1000 денари ваучер во Rock Kafana Rustikana 2.0
Викторија Радомировска: 500 денари ваучер во Маџо 2.0
Јован Реџиќ: 500 денари ваучер во M’s Fish&Chips
Александар Ристески: 500 денари ваучер во Rock Kafana Rustikana 2.0

*Секој победник ќе добие имејл со известување.

Се надеваме дека, како нас, и ти си помина супер на овие бургер војни. И претпоставуваме дека воопшто нема потреба од потенцирање, ама очигледно дека веќе готвиме нешто ново!

Stay tuned!

 

Comments

comments