Овој текст е прв во серијалот написи наречен „5×3“. Во секој од овие текстови пет локални графички дизајнери ќе издвојуваат по три нивни омилени работи поврзани со графички дизајн.

 

Rазгледај го просторот околу себе и набргу ќе забележиш дека се наоѓаш во животна средина исполнета со симболи.

За момент помислив дека тоа не би било случај доколку би се наоѓале во исклучително природна средина, како на пример на планина, сè додека не се сетив на симболот на мојата јакна, или пак на оној на скиите.

Во минатото, симболите имале многу едноставна функција – да служат како доказ дека производот е изработен од одредени занаетчии, па на тој начин да говорат за квалитетот и да послужат како заштита од копирање. Денес овие симболи нè потсетуваат на времето во кое живееме, времето на слободната пазарна економија и економската пропаганда. Со развивањето на бројот на профитабилни, како и непрофитабилни ентитети, побарувачката на пазарот на услуги за изработка на симболи е сè поголема.

И покрај тоа што логото, пред сè, мора да биде функционално, и најчесто да говори за индустријата (категоријата) на дејствување, како и за визијата и стилот на организацијата (поединецот), многумина изработката на симболи ја ценат и ја подразбираат како уметност. Но квалитетот на логото не секогаш е правопропорционален со успехот на бизнисот, што кај побарувачите на логоа ја доведува во прашање нивната корисност и улога.

Во продолжение се мислењата на 5 локални графички дизајнери кои избраа по вкупно три за нив легендарни логоа, што претставуваат инспирација и мотивација во нивната работа и за кои на момент си помислиле – „како ли на мене не ми текна”. На почетокот, „брифот” беше дизајнерите да ги одберат нивните 3 омилени логоа, но набргу сите се согласивме дека „омилени” е многу широка и нестабилна категорија. Исто така, дизајнерите не беа запознаени со изборот на нивните колеги, од причина што сакавме да дознаеме дали некои од нив ќе се одлучат за истите логоа.

 

 

 

НИКОЛА ВОЈНОВ [Bè]


 

 

IBM

Година: 1972
Дизајнирано од: Paul Rand
Земја: САД

Можеби еден од најдобрите школски примери за добро и паметно дизајнирано лого. Дизајнирано од легендарниот Paul Rand, кој после првичното ребрендирање си „игра” со логото наредните 10-на години, пред конечно во 1972 да ги додаде препознатливите хоризонтални линии.

 

 

Adidas

Година: 1996
Дизајнирано од: Adolf Dassler
Земја: Германија

Дизајнирано од самиот Adolf „Adi” Dassler, нема негирање дека дизајнот на логото на брендот со трите линии „работи“. Неговата успешност се базира на неговата голема едноставност. Три линии. Три линии за дизајн на лого, три линии за дизајн на облеката, три линии за инстантна препознатловост.

 

 

Sarajevo ‘84

Година: 1984
Дизајнирано од: Нема податоци
Земја: Југославија

Од морето одлични дизајни на логоа, можеби пред сè поради некаква носталгија, на трето место го ставам логото и легендарниот Вучко од зимските олимписки игри во Сараево ‘84. Маскотата, дизајнирана од словенецот Јоже Тробец, како и логото кое представува спој на снежна снегулка и традиционален вез, до ден денес остануваат едни од најдобрите маскота и лого некогаш дизајнирани за олимписките игри.

 

 

 

ПЕТАР ПАВЛОВ [Bè]


 

 

VAIO

Година: 1972
Дизајнирано од: Teiyu Goto (во тогашно време супервизор на дизајн на продукти во Sony, тој е одговорен и за дизајнот на PlayStation контролорот – за таа приказна прочитајте овде)
Земја: Јапонија

Логото на Sony VAIO те тера да размислуваш дали прво го смислиле логото, па потоа името или обратно. Во себе содржи симбол за дигитален (1 и 0) и аналоген сигнал (синусоида). Применето на продукт изгледа многу моќно.

 

 

NBC

Година: 1986
Дизајнирано од: Steff Geissbuhler (во студиото Chermayeff & Geismar)
Земја: САД

Ова е едно од легендарните логоа, на кое времето ништо не им може. Ќе го најдете во секоја книга за историја на бренд идентитети. Интересно е да се види како се движело поедноставувањето, од првата до третата верзија на паунот. Голем бонус е што одлично се користи во анимираните бренд анимации.

 

 

Human Rights

Година: 2010
Дизајнирано од: Предраг Стакиќ
Земја: Србија

Симболиката на гулаб и рака е користена многу пати. Но со оглед на темата и начинот на опишување на логото (каде што има прикажано како секој човек може сам да го нацрта логото со помош на својата рака) ова решение функционира одлично.

 

 

 

KIOSK STUDIO (МИКИ И АНАСТАЗИЈА) [Bè]


 

 

The Working Capitol

Година: 2016
Дизајнирано од: Foreign Policy Design Group
Земја: Сингапур

The Working Capitol е co-working заедница во Сингапур, за луѓе кои се занимаваат со креативност, технологија, бизнис итн. Логото, дизајнирано од Foreign Policy Design Group, е базирано на Евклидовата геометрија – математички систем кој овозможува бесконечни варијации на елементите, а без ниту еден од нив да ја намали или изгуби својата вредност.

Ова резултира со бесконечни пермутации на логото коишто ја доловуваат посветеноста на The Working Capitol за убав простор, интегрирана заедница и модерен лајфстајл.

Користењето на прави геометриски линии и раширен sans-serif фонт, навидум делува технички и формално, но со нивната разиграност, движење, а подоцна со воведувањето на свежи бои, се добива баланс помеѓу креативно и прецизно. Оваа формула резултира и со генијален „wayfinding“ систем.

 

 

Erik Penser Bank

Година: 2016
Дизајнирано од: Bedow
Земја: Шведска

Erik Penser Bank е најголемата приватна банка во Шведска. Нивниот симбол, дизајниран од едно од нашите омилени дизајн студија, Bedow, претставува амбиграм од иницијалите EPB кои се читаат свртени и наопаку. Искуството, професионализамот и индивидуалноста (сепак се работи за приватна банка) се очигледни во симболот, кој според нас делува свежо, но сепак ќе го издржи тестот на времето.

 

 

Mastercard

Година: 2016
Дизајнирано од: Pentagram
Земја: САД

Развојот на дигиталната технологија е еден од најважните сегменти во развојот на Mastercard, што значи дека нивното ново лого мора совршено добро да функционира во сите формати и апликации, без разлика дали се работи за web, mobile или принт.

Дизајнирано од легендарниот Michael Bierut и неговиот тим во Pentagram (New York), новиот Mastercard идентитет е чист израз на „јасно“ и „едноставно“, со акцент на пресекот на круговите. Уште од самите почетoци, главен бренд елемент во логото на Mastercard е пресекот на два круга (жолт и црвен), симбол кој ја доловува идејата на „поврзаност“. За да го креираат новиот симбол, дизајнерите ги соголуваат сите претходни елементи до нивната наједноставна форма, вклучувајќи ја и типографијата која во новото лого е со мала буква „M” и испишана во модерниот sans-serif FF Mark фонт.

 

 

 

ИСАК ВИШНИЌ [Bè]


 

 

Melbourne City Branding

Година: 2009
Дизајнирано од: Landor
Земја: Австралија

Ретко на планетава се наоѓа град каде органите кои го водат оставаат на оние кои се разбираат и знаат подобро да го претстават градот на еден сериозен, но и досега невиден начин. Мелбурн, во буквална смисла, го скрши мразот уште во 2009, кога изненади со целосниот ребрандинг на градот. Станува збор за минимално систем лого, изведено во изометрички грид, кое морфира во различни патерни и бои, а водено и се приспособува на сите активности и потреби на градот. Болдираното „М” е воочливо, а минималноста му овозможува да функционира на секоја површина. Иако 2009 е далеку, брандингот и ден денес ги поместува границите на добриот дизајн.

 

 

1 Hotels

Година: 2015
Дизајнирано од: Motherdesign
Земја: Англија и САД

Motherdesign изработија модуларен брендинг за ланецот на хотели „1 Hotels“. Главната форма на логото го задржува истиот изглед, додека внатрешноста на логото се менува и јасно се адаптира на средината, вметнувајќи елементи од околината, каде хотелот е позициониран. Изведбата на логото е минимална, јасна и доминантна, со што ја доловува луксузноста на хотелите.

 

 

BP 2024 Budapest

Дизајнери: Attila Ács, Lili Köves, Kiss József Gergely и Eszter Misztarka.
Година: 2016
Земја: Унгарија

Будимпешта е дел од кандидатите за учество на летните Олимписки игри. Четири дизајнери, на сопствена иницијатива, креираат брендинг каде на веќе постоечкото Олимписко лого го надоврзуваат хералдичкиот грб на градот, но во минимална геометрсика егзекуција.

Логото ја задржува минималноста и елегантноста на Олимпиското лого, а со вметнувањето на грбот се добива симбол кој визуелно комнуцира за својата намена.

 

 

 

ИГОР ДЕЛОВ [Bè]


 

 

Harvard University Press

Година: 2013
Дизајнирано од: Chermayeff & Geismar
Земја: Америка

Во ова лого е искористена само една геометриска фигура која се повторува шест пати, низ која се симболизира издавачката дејност преку наредени книги на полици и низ чиј негативен простор „од километар“ се гледа главната буква.

Ова веднаш го истакнува симболот како безвременски „case study”. Слично решение може да се види и кај симболот на локалната издавачка куќа Три, од Скопје.

 

 

Pinch

Година: 2013
Дизајнирано од: Братислав Миленковиќ
Земја: Србија

Класичен примерок од новиот бран на белградската дизајнерска сцена, каде е мошне забележлива употребата на bold/black верзии на санс серифни фонт фамилии, како и креирањето на симболи со линии. Овој тренд може многу често да се забележи низ дуќаните и кафулињата во Белград, како дел
од визуелниот идентитет на новите мали бизниси.

Тоа што го прави ова лого крајно допадливо е симпатичното вметнување на типичниот симбол на берберите – ножиците, како орнамент кој е визуелно привлечен за очите на младата публика.

 

 

Макпетрол

Година: 1994
Дизајнирано од: (иницијална верзија на Мирослав Грчев), Љубиша Давидовиќ
Земја: Македонија

За на крај, би сакал да издвојам еден локален графички бисер, со кој секојдневно  се среќаваме, но ретко кој од нас ја забележува и ја цени итрината која ја содржи.

Иако почетната верзија на логото е многу поедноставна, низ само 3 геометриски тела совршено се искомбинирани буквата „M”, капката – која го симболизира бензинот (нафтените деривати) и третиот скриен елемент – држачот од крајот на цревото од бензинската пумпа. Бидејќи на првата верзија е изоставена кружната форма, која подоцна се појавува околу конечното лого, за оваа статија логото е претставено без неа.

Ова лого ме потсетува на дисциплината и користењето на едноставни геометриски форми, која е присутна во симболите низ балканот во 70-тите и 80-тите години. Значаен претставник на тој бран е легендата на бугарскиот графичен дизајн, Стефан Канчев.

 

Comments

comments