Написот е преземен од платформата за дизајнери, House of 1000 Designers

 

Неодамна House of Thousand Deisngers ги лансираше првите 4 конкурси за дизајн на парчиња мебел, а еден од нив е посветен токму на дизајн на стол. Па во обид да те инспирираме да аплицираш, разговаравме со неколку локални дизајнери за тоа – што го прави еден дизајн добар.

Имаме една теорија, која не гарантираме дека е вистинита, но во најмала рака добро звучи. Теоријата вели дека – „добриот дизајнер се познава по столот“. Од Arne Jacobsen до Marcel Breuer, добриот стол е безвременски. Па иако според некои непишани дефиниции, протагонистот во дневната соба е софата, а во трпезаријата тоа е трпезариската маса, нас вниманието секогаш ни оди кон столот и кон фотељата. Нашите обиди за избирање на еден омилен стол, вечен фаворит, се скоро секогаш неуспешни, па се менуваат од месец во месец.

Но можеби оние кои знаат подобро од нас полесно се соочуваат со овој предизвик – подолу се одговорите на неколку локални дизајнери и архитекти на прашањето: „Кој е според тебе најдобриот дизајн на стол на сите времиња и зошто?“

 

 

Никола Кунгуловски (Proxy)

Husk Armchair од Patricia Urquiola

Вљубен сум во скоро сè во што Patricia некогаш има вмешано прсти, но Husk-от ми е all-time favorite. Станува збор за модерен но безвременски, исклучително оргинален дизајн, кој лесно се вклопува во секој стил на ентериер.

Fun fact: Ова столче е environmentally friendly, бидејќи сите искористени материјали се всушност рециклирани.

 

 

 

 

 

Владо Данаилов (Studio 90)

Holzstuhl од Heinrich Tessenow

Да издвојам една омилена столица би било многу неблагородно, исто како да треба да именувам една омилена книга, еден филм или еден тип на чоколадо.

Сепак, многу ми е симпатично столчето дизајнирано од архитектот Heinrich Tessenow во 1930-тите, во сета негова едноставност. Доволно е удобно, а има софистицирана елеганција во извитканото дрво, која ми е особено привлечна. Малку ме потсетува на столицата-кралица: Thonet No. 14.

 

 

 

 

Илија Стефановски

Egg Chair од Arne Jacobsen

Во моментов имам повеќе „омилени” дизајни на столици, повеќето од не-до-толку познати дизајнери кои во денешно време, со помош на интернетот, се лесно достапни. Меѓутоа се одлучив за еден вонвременски дизајн – столицата дизајнирана од Arne Jacobsen, Egg Chair.

Дизајнот на Egg Chair се смета дека е директна инспирација од Womb Chair на Eero Saarinen. Модернистичкиот, едноставен и елегантен дизајн го прави ова парче уметност да одговара на најразличнo опремени простори. Јас лично сакам простори дизајнирани со остри геометриски чисти форми и индустриски „raw“ елементи, а Egg Chair дава одличен контраст со заоблената форма и дополнително го обогатува просторот. Доволно е да се одбере правата боја и може да стои само он како единствен детал во целиот простор.

Сепак главната карактеристика на Egg Chair е удобноста која ти дава чувство како да тонеш или пропаѓаш во комфорноста. Го има во повеќе бои и бил дел од повеќе проекти како на пр: Спотови на песни од The Beatles или како дел од култниот филм на Kubrick, 2001: A Space Oddisey.

 

 

 

 

Катерина Трпковска (Rinocca)

Drop Chair од Arne Jacobsen

Станува збор за столче изработено во ограничен број, специјално за потребите на хотелот Radisson Blu во Копенхаген. Во тој период Arne паралелно ги лансира и познатите Egg и Swan модели, кои се и доста попопуларни, но за мене ова е „the real deal“ од неколку причини.

Прва причина е тоа што столот има компактен дизајн, кој поседува два елементи од суштинско значење за столчето како производ – изненадувачки добра ергономија, а просторот кој го зафаќа е сведен на минимум. Тоа е од функционален аспект.

Другата причина е тоа што станува збор за целосно безвременски дизајн. Никогаш нема да здосади. Како што кажав, се појавило во 1958 во лимитирана бројка, а после 50 години повторно го враќаат во производство и столчето повторно прави „бум“. Прочистен дизајн со едноставни линии, а сепак со силен карактер, ова удобно столче ќе биде секогаш околу нас.

Има причина зашто и на самиот Arne Jacobsen ова столче му било негова омилена креација од сите.

 

 

 

 

Натали Ристовска (Stripe)

Thonet No. 14 (денес No. 214) од Michael Thonet

Michael Thonet е пионер во индустрискиот дизајн, а столчето кое јас го избирам за најдобар и најуспешен дизајн на сите времиња е токму негова креација произведена за прв пат во 1859 и оригинално позната како No. 14, а денес како No. 214.

Зошто токму овој стол го издвојувам како најдобриот и најуспешниот дизајн на светот?

Затоа што станува збор за столица која е продадена во повеќе од 50 милиони примероци, за помалку од 100 години производство. Затоа што со неа започнува современиот дизајн на мебел. Затоа што Thonet е првиот кој успева да свитка масивно дрво. Затоа што една генијална идеја е составена од 6 делови, 2 навртки и 10 завртки. Затоа што транспортот на оваа столица е генијален (36 расклопени столици, може да се спакуваат во само еден 1 метар кубен).

 

 

 

 

Марта Мојсова (Spin)

Shell Chair од Hans J. Wegner

Како посебно и омилено дизајнерско парче би ја одвоила столицата Shell на данскиот дизајнер Hans J. Wegner. Линијата на столицата, која наликува на раширени крилја, дава чувство на леснотија, а воедно и комодитет, додека трите ногарки даваат чувство на стабилност. Ова се само дел од причините поради кои ова дизајнерско парче дава чувство на безгрижност и восхит. Ергономската форма ја прави удобна до степен на слиеност со телото. Просто те намамува да седиш со часови на неа.

 

 

 

 

Вања Штркова (Smart Living)

Plywood од Ray & Charles Eames и Herman Miller

Plywood столот е колаборација помеѓу титаните на дизајнот – парот Ray and Charles Eames, и Herman Miller, во 1946 година. Играјќи со дизајнот, во раните 40-ти години на претходниот век, Charles Eames работејќи на дизајн сет на MGM заедно со неговата сопруга експериментирале со обликување на дрво во форми кои понатаму ќе остават трага врз дизајнерскиот свет.

Естетскиот интегритет и удобноста на столот Plywood, го добива признанието од магазинот „Time“, како најдобар дизајн на 20-тиот век. Магазинот „Time“ го нарекува столот: елегантен, лесен и удобен.

Иако постојат голем број на варијации, јас би го одвоила оригиналниот дизајн.

 

 

Проектот House of 1000 Designers е предводен од FEYDOM, а финансиски делумно поддржан од швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, претставува еден тип на дизајн инкубатор кој им нуди на сите заинтересирани дизајнери да се здобијат со потребното знаење и искуство за својот дизајн да го пласираат на пазарот.

Comments

comments