Фотографии: Александра Костадиновска

 

Спортското мечување е еден од оние спортови како сурфањето, кои требаше да наполниме 30 години за да сфатиме дека и ние може да ги испробаме.

Настасја дефинитивно успеа да нè убеди дека никогаш не е предоцна за да си исполниш еден ваков мини-сон. Настасја има 18 години, а со мечување активно се занимава од своја 14 годишна возраст. Таа моментално е член на клубот „МК Вардар”, а нејзиното интервју во продолжение може слободно да послужи како еден темелен водич со корисни информации и мотивација за сите оние кои се во потрага по вистинскиот спорт за нив.

Овој текст во кој ја раскажуваме нејзината приказна е дел од серијалот на написи направен во партнерство со Herbalife24, во кој споделуваме профили на локални успешни спортисти. Herbalife24 е линија на 7 нутритивни продукти чија цел е овозможување на 24-часовна поддршка на спортистите, односно на комплетна нутритивна поддршка соодветна за конзумирање пред, за време на и после вежбање.

 

 

Како и зошто се одлучи токму за овој специфичен спорт? Колку време се занимаваш со спортско мечување? Раскажи ни нешто повеќе за твоите почетоци.

Пред сè, мечувањето го тренираат многу мал број на луѓе во светот, за разлика од фудбалот, кошарката, одбојката и слично. Овој спорт е специфичен и редок, особено кај нас. Голем дел од луѓето не се ни свесни дека постојат клубови за спортско мечување кои нè претставуваат на интернационално ниво.

Јас лично, како и многу други мечувалци од Македонија, сме дознале за спортското мечување преку нашите родители кои исто така биле и сè уште се дел од овој спорт. Уште на девет годишна возраст, мојот татко ме однесе во салата за тренирање спортско мечување, каде уште од првиот ден почнав со тренинзи. Но, поради комплицираноста на мечувањето, јас не се чувствував доволно добра и сигурна за да продолжам. Бев најмала од сите и постојано губев. Тоа многу ме деморализираше. По две годишно тренирање, се откажав. На 14 години, навраќајќи се на моментите кои сум ги поминала со спортското мечување, сфатив дека тоа е она што навистина го сакам. Решив дека без разлика на тежината, спремна сум да се изборам за успехот кој го заслужувам. Така почнав да се бавам посериозно со спортско мечување.

 

 

Колку е популарен овој спорт кај нас? Односно, колку луѓе во Македонија моментално би рекла дека се занимаваат со спортско мечување? Во кој клуб моментално тренираш и колку клубови има моментално активни кај нас?

Покрај комплицираната природа на спортското мечување, опремата која што е потребна за тренирање и натпреварување е поприлично скапа. Во Македонија, како и соседните држави, купувањето на опрема е луксуз кој не секој може така лесно да си го дозволи. Знаејќи го фактот дека за овој спорт потребни се одредени „парични жртви”, уште од старт на луѓето им е полесно да ги пратат своите деца да тренираат нешто друго, а со тоа и се намалува популарноста на мечувањето на државно ниво.

Кај нас, за жал има многу малку активни мечувалци во група на јуниори и кадети, но за разлика од нив, пионерите се во сè поголем број. Тие напредуваат и освојуваат различни награди на интернационално ниво. Кај нас има неколку активни клубови само во Скопје, а јас сум член на клубот „МК Вардар”.

 

Доколку некој сака да започне да се занимава со спортско мечување, што би го советувала да направи и што треба да очекува? Кои се предиспозициите кои еден човек треба да ги има за да биде добар во спортско мечување?

Секој може да тренира спортско мечување. Секако подобро е порано да се започне, веќе на 7-8 годишна возраст, но не значи дека не може да се напредува ако почнеш на поголема возраст. Без разлика дали некој е висок, низок, слабичок или покрупен, секој може да си ги најде своите афинитети и да биде најдобар во тоа што го прави. Но стварите што секој треба да ги поседува и знае, а истите се стекнуваат само со напор и секојдневна континуирана работа се: брзина на реакции, експлозивност, кондиција, логично размислување и издржливост.

 

 

Кажи ни нешто повеќе за опремата која ја користите. Што се вклучува, каде може да се набави, каков меч користиш и која е разликата помеѓу трите типа на меча?

Купувањето на опремата се прави преку интернет или се купува од државите каде што има посебни продавници за спортско мечување, т.е. Италија, Англија, Унгарија и др.

Задолжителната опрема која што еден мечувалец на себе треба да ја носи при натпревар почнувајќи од горе кон надоле е: маска за глава, пластика за градите (кај жени), заштита над пластиката, пластрон (поточно „белата јакна”), мечувалските панталони, високи чорапи, патики, шнур (кабелот кој го поврзува нашиот меч со апаратот), ракавица и секако најважното – мечот. Има три типа на оружје: меч, сабја и флорет.

Моето оружје е мечот, кое по изглед е најголемо и најтешко од сите три. Метата при мечување со меч е целото тело додека метата во флоретот е само торзото, а на сабјата се торзото, рацете и главата. Оружјата имаат различни форми и правила при одредување на поените.

 

 

Знаеме дека спортското мечување важи за сигурен и со низок степен на ризик спорт, но сепак се работи за мечување и секогаш се можни одредени компликации и повреди. Дали си имала некое негативно искуство со мечувањето?

Токму така, тоа е еден од спортовите со најмалку инстантни повреди, но во минатото не било така. Во 1982 година, на светското првенство во Рим, првакот Владимир Смирнов починал кога мечот на неговиот противник се скршил и продрал право преку маската на Владимир. По тоа, произведувачите на опрема за спортско мечување преземале строги безбедносни мерки.

Единствените повреди кои денес може некој да ги има, се неколку модринки на телото, свиткан зглоб или истегнат препон. Но честопати се доаѓа до вакви повреди заради лошото загревање. Исто така, може да дојде до болки во коленото од напор, како што имав јас и сè уште ги имам. Тоа е неизбежно за висок човек како мене.

 

 

Како изгледа еден твој тренинг? Како се подготвуваш за големите натпревари? Дали покрај вежбите за спортско мечување можеби практикуваш и друг спорт кој ти помага во твојот напредок?

Тренингот започнува со загревање и кондициони вежби, по завршување на истите, вежбаме чекори за координација и зајакнување на нозете, а по нив се вклучуваме на апаратите и се мечуваме меѓусебно. Пред големите меѓународни натпревари потребна е голема психичка припрема. Колку и да си физички спремен, доколку ментално не си сигурен во себе и не знаеш што правиш, ќе изгубиш.

Затоа, пред да отидам, медитирам секојдневно, пробувам да не мислам на „што би било ако би било”, да не очекувам ништо за да не се разочарам, туку да се сконцентрирам во дадениот момент и да се борам за секој поен.

Покрај мечувањето, слободните денови ги користам за тренирање бидејќи така се чувствувам исполнето. Две години одев на кросфит во „Ultimate Fit Alebras“ каде што стекнав многу сила и кондиција, што многу ми помогна во мечувањето, но поради болките во коленото морав да прекинам. Во моментов одам во „Trinity” каде практикувам јога и други кондициони вежби. Покрај тоа обожавам да планинарам и тоа го правам секогаш кога времето е убаво, возам велосипед, трчам, но најомилено хоби од сите ми е сурфањето. Започнав минатата година и не верувам дека ќе престанам.

 

 

Дали постои диета која се препорачува за ваков тип на спор? На што се базира твојата исхрана? Кој е твојот став за користење на додатоци во исхраната?

Како и за сите добри спортисти, се препорачува здрава исхрана, базирана на органски производи, многу зеленчуци, овошја, протеински продукти со единствена цел – спортистот да има енергија и да биде во добра форма. Јас лично пробувам да се исхранувам најдобро колку што можам, секојдневно јадам салати и внесувам протеин, но има денови кога едноставно се опуштам и јадам брза храна.

Генерално, мојата диета се базира на домашно приготвени јадења, цедени сокови и јаткасти плодови. Во однос на додатоците во исхраната, сметам дека сè што е на природна база и му помага во развојот на човекот и човековото здравје е сосема во ред да се конзумира. Но балансирано, во разумни количини и не континуирано.

 

Comments

comments