Фотографии: Натали Башоски

 

Ден во ден лебдам од едно кафе на друго во обид да ја заситам мојата жед, не толку за кофеин, колку за инспирација — за учење на нешто ново, нешто свежо, интересно и предизвикувачко.

Тажната вистина е дека најчесто останувам дехидриран, заробен во разговори кои дементорски ми ја вшмукуваат енергијата преполни со жалења, негативност и пасивни фрустрации. Сите многу добро знаат дека „Треба ова…” и дека „Треба она да се направи…”. Ретки се приликите кога слушам некој да сподели некој концепт за подобрување, и скоро никогаш не налетувам на некого доволно храбар за да ја спроведе истата таа идеја. Но последните година дена се чини дека мојата животна мисија, а и онаа на Reborn, е да секојдневно неуморно прелистувам низ луѓето во потрага по исклучителни индивидуи кои чудесно успеале да ја надминат „клетвата” на нашиот локален менталитет.

Ретки се овие ликови, но те уверувам, постојат. И додека сите други се дават во беспомошна неудобност и работат на својот план за бегство, овие луѓе преземаат ризици, имаат големи идеи, константно креираат нешто и бестрашно ја шират својата мисла наоколу. Сигурен сум дека си налетал на некој од нив. Не можеш да ги пропуштиш. Зрачат со ревитализирачка енергија (интеракцијата со нив потсеќа на туширањето со ладна вода насред пеколен ден во август).

Последните недела дена ја имав шансата да се REчарџувам со средбата на две вакви индивидуи. Една од нив е Натали Башоски — млада фотографка, која моментално студира филмска уметност во Њујорк. Натали има само 21 години, но нејзините фотографии веќе раскажуваат стории доволно зрели за некој двојно постар од неа.

Вториот е Давид Димовски — фронтменот и лидер на релативно новиот локален музички експеримент наречен Project: Orpheus. Затоа што и самиот Давид се мачи кога се труди да ја опише својата музика, нема ни да се обидам вербално да ти ја „продадам”, само навлечи ги слушалиците и слушај.

 

DSC08445

 

Давид го започна проектот пред цирка 2 години, снимија еден албум досега, и моментално работат на вториот. Седнавме пред некој ден со него, со спремни прашања кои прераснаа во прашања + план за фестивал кој сакаме наскоро да го организираме заедно (Шшш!).

А за Натали, ќе дозволиме нејзината работа да зборува за неа, но следете не неуморно, Натали наскоро ќе се врати на Reborn — јас, лично и искрено едвај чекам. Ја сметам за една од најдобрите македонски фотографи во моментов, има огромен потенцијал, а нејзината приказна само што започнува.

 

 

Пополни ги празните линии: Ако сакате ___________, ___________ и ___________, тогаш ќе ви се допадне Project: Orpheus.

Ако сакате музика што жанровски, тематски и шаблонски не се оградува; вистинити или пак фиктивни наративи, кои со подеднакво внимание ги третираат малите, прецизни, како и големите, широкоопфатни апстрактни сценарија, појави и случки; или пак едноставно сакате да чуете различни акустични инструменти, во константна, испреплетена игра помеѓу звуци на егзотичен фолклор, наспроти мотиви од модерната ера и инструментариум, тогаш ќе ви се допадне Project: Orpheus.

 

 

Project: Orpheus ќе биде на Д Фестивал. Лично ти, за кого најмногу се радуваш дека ќе го слушаш на Д Фестивал?

Најмногу ме возбудува помислата дека таму ќе ги слушам дојранските корморани! Дојран изобилува со корморани, кои повремено се од огромна помош на локалните рибари, служејќи им како прилично солиден индикатор за тоа каде всушност одредени видови на риби се наоѓаат, во одредени периоди на годината. Така што, таму сум пред се за нив, хаха.

Освен тоа, годинава ќе изобилува со најразлични одлични артисти од секое поле на музиката, како на пример Dub Pistols. Многу од бендовите и не сум имал прилика да ги чујам досега, а тоа е факт кој сам по себе ме радува до бескрај.

 

DSC08555 DSC08550

 

Која беше првата мисла која ти падна на ум кога стана сабајлево?

Убав ми е животот и портокаловата постела…

 

Ако треба да слушаш еден албум цел живот, кој албум ќе биде тоа?

Веројатно „In The Moment“, од Alasdair Fraser и Natalie Haas.

 

 

Што е последната фотка што ја направи со твојот телефон?

Се глупирам некогаш и сликам наоколу, но верувам дека треба да се живее во самиот момент и да не се троши време на сликање, доколку тоа нема одреден смисол или цел… Не си ги сликајте салатите, е она што веројатно сакам да го речам.

 

DSC08567 DSC08560 DSC08454

 

Ако треба да се разбудиш утре во туѓо тело, како кого би се разбудил и што би правел?

Верувам дека сите луѓе се само варијанти од една иста колективна свест, па затоа би рекол дека би го правел истото ова што денес го правам, од проста причина дека доколку јас отидам во друго тело, дејноста што ја имам во овој свет веројатно повторно ќе си ја носам со себе, без разлика на околностите или мојата физичка манифестацијa. Ќе продолжам да сум Orpheus секојпат штом завесите се кренат, како и Давид, секојпат штом се спуштат.

Ова прашање провоцира долги и интересни дискусии, но нив ќе ги оставам за некоја наредна прилика. Во секој случај, не мора еден човек физички да се видоизмени за да се прероди. Како што и самите добро знаете, постојат многу начини да бидеш „Reborn“.

 

 

Comments

comments