Фотографии: Ангела Петровска

 

Сите ние барем еднаш неделно мислиме на следното патување.

А, кога веќе не можеш да му одолееш на нагонот да отпатуваш на некоја нова локација, ќе си најдеш друштво и ќе отвориш Reborn да ѕирнеш кои места веќе ги имаме проверено и за кои ти ветуваме дека нема да погрешиш ако ги избереш.

Будимпешта е еден од овие шармантни и пријатни градови кои вредат да се посетат. Додека бев таму се осеќав како воопшто да не треба за некој ден веќе да се вратам дома. Можеби токму тоа е тоа не-туристичко чувство што секогаш го бараме. Но, пред да моите носталгични сеќавања да го преземат цел текст, еве некои од местата коишто вреди да ги провериш, доколку оваа сезона се одлучиш за Будимпешта.

 

SZIMPLY

Најдобро за: бранч во недела

За Szimply може да се каже дека е прекрасен спој на храна и уметност. Менито, кое се менува заедно со сезоната, е искуство. Во Szimply го најдов најверојатно најдобриот авокадо тост некогаш направен. Но, што и да нарачаш, ќе бидеш вчудовиден кога ќе ти го донесат. А откако ќе се најадеш, тркни до касата и земи си стикери!

 

 

KONTAKT

Најдобро за: кафе после бранч

Зошто баш после (океј, може и пред) бранч? Kontakt е sister shop на Szimply (сместени се во истиот сокак, еден спроти друг) кој специјализира во подготовка на кафе. Од еспресо до nitro cold brew, Kontakt е правото место за тебе ако си страстен љубител на кафето! Мало предупредување: од филозофски причини, во Kontakt нема да најдеш ниту една ќесичка шеќер, ниту ќе успееш да добиеш филтер кафе со млеко или американо. Но, и тука имаат стикери!

 

 

KARAVÁN

Најдобро за: Кога на сите ви се јаде нешто различно

Највжештените кавги се околу тоа каде да се јаде. Па, веројатно со цел да не се уништуваат пријателства, е создаден Karaván – street food court кој ќе ги задоволи дури и најпребирливите. Така да, ако се најдеш во ситуација да треба да бираш меѓу пријателство и храна, намини до Karaván и скрати си ги маките.

 

 

SZIMPLA KERT

Најдобро за: сè, зашто нема што нема

Престојот во Будимпешта не ти е комплетен ако не посетиш барем еден ruin pub! Тоа се правилата, жалам.

Szimpla Kert е најстариот ruin pub во Будимпешта, во кој комотно можеш да поминеш цел ден. Храна, пијачки, уметност, свирки, па дури и design shop. Покрај тоа, пабот има уникатна атмосфера и подеднакво уникатни дешавки.

 

 

PRINTA

Најдобро за: купување поклони за сите што нетрпеливо чекаат да се вратиш за да видат што си им купил… и, се разбира, за кафе

Во Еврејскиот кварт на Будимпешта ќе ја најдеш Printa која, освен design shop, е и галерија. А додека разгледуваш и се чудиш што попрво да пробаш и што кому да купиш, можеш да се напиеш и едно добро кафе.

Како сувенир можеш да земеш парче од Pest колекцијата, која е изработена од eco-friendly материјали, додека пак дизајните на истата се инспирирани од разни мотиви низ градот.

 

Comments

comments