Да, Стокхолм е фенси градот во Шведска што сите го препорачуваат за посета (секако, со причина), но Гетеборг е градот во кој ако еднаш отидете, ќе посакате да му се враќате со години. Како што и јас самата се враќам.

Гетеборг е дома далеку од дома. Совршен спој на стотици култури, кои заедно ја градат новата слика за местото. Да се набројат само неколку места вредни за посета од сè она што го имам видео и искусено таму би било само еден неблагодарен обид.

But here it is. Ова се неколку од местата кои верувам дека никој не треба да ги пропушти, доколку се најде во Гетеборг. Дури може да бидат и причина за негова посета.

 

Liseberg
Најдобро за: Целодневна забава за мали и големи деца

Ако си како мене (читај: гоолемо дете), тогаш Лисеберг е местото кое не сакаш да го пропуштиш. Станува збор за еден од поголемите забавни паркови во Европа со атракции за сечиј вкус, од рингишпил до највисокиот слободен пад во Европа (Atmosfear).

Во склоп на паркот има и две концертни сали кои служат во текот на целата година за навистина одлични концерти. Во близина на Лисеберг се наоѓа и Universeum (природно научен музеј кој содржи тропски дел и најголемиот аквариум во Шведска) и Museum of World Culture (музеј со бесплатен влез каде што во секое време има поставка посветена на одредена земја и нејзината култура).

Влезот во паркот чини 90SEK, односно 9€, во кој е и вклучен концертот, без разлика кој настапува.

Бонус совет: Потрошете си ги парите на една од многуте лотарии низ паркот, кои за награда даваат џиновски верзии од вашите омилени чоколади. Totally worth it!

 

 

 

Slottsskogen/Göteborgs botaniska trädgård
Најдобро за: Попладневна прошетка или пикник

Швеѓаните навистина знаат како да уживаат во природата, особено во летниот период. Сите зелени површини низ градот се окупирани од нивна страна со појавата на првото сонце. Се собираат во мали друштва, но многу често се и сами. Најголемиот парк во Гетеборг е Slottsskogen. Огромна површина на одржувана природа, во која секој си го наоѓа својот мир. Во склоп на паркот има и Планетариум и мини ЗОО, вклучувајќи и Petting ЗОО (од која не можеа да ме оттргнат).

Slottsskogen е и местото каде што секоја година во Август, се одржува Way Out West фестивалот. Важи за еден од најеко-френдли фестивалите во светот, каде што се служи исклучиво веганска храна и безалкохолно пиво (мех), но забавата ја надополнува одличниот line-up. Годинава хедлајнери беа Arctic Monkeys, Patti Smith, Kendrick Lamar и Arcade Fire.

Отспротива на Slottsskogen се наоѓа и Ботаничката градина на Гетеборг (Göteborgs botaniska trädgård). Важи за една од поголемите и подобри ботанички градини во Европа. Градината е поделена во неколку сегменти, меѓу кои има и Јапонски и Корејски дел, а не се за потценување ни водопадите кои се наоѓаат во центарот на градината. Можеби едно од најромантичните места во Гетеборг, што никого нема да остави рамнодушен.

Бонус совет: Посетете ја продавничката на излезот од градината каде што ќе можете да се снабдите со градинарски реквизити или семиња и понесете си мал дел од градината со себе дома. Влезот е бесплатен.

 

 

 

Avenyn
Најдобро за: Сè, од шопинг до ноќен живот

Авенијата на Гетеборг е главното место за сите оние кои се во потрага по добар шопинг, добра храна или добра забава.

Авенијата се протега од центарот на градот – Kungsportsplatsen па сè до Götaplatsen, каде што се наоѓа и симболот на градот, статуата на Посејдон. Долж линијата ќе наидете на ексклузивни модни брендови, ресторани и кафе барови, кои се преполни во секој дел од денот, како и многу хотели, галерии, музеи, кино сали и сл.

Преку ден е одлично место за појадок или after work коктели, додека пак навечер, особено за време на викенд, е местото каде што е сместена целата забава во градот. На крајот на булеварот се наоѓа и Музејот на уметноста, како и светски познатиот центар за фотографија – Hasselblad.

Колекцијата на Göteborgs Кonstmuseum е една од најпрефинетите во Северна Европа, со значителна содржина на скандинавски и интернационални автори. Летово имаше поставка на дела од Rembrandt и Picasso. Од другата страна на музејот се наоѓа и Hasselblad центарот за фотографија.

Бонус совет: Доколку се искачите на скалите над музејот, ќе ја имате една од најубавите глетки на зајдисонца во Гетеборг. Целосна панорама на Авенијата и пошироко, која доколку се чувствувате фенси, можете да ја дополните со чаша вино од барот кој се наоѓа на самите скали.

 

 

 

Haga Nygata
Најдобро за: Шопинг и фика

Haga е местото кое не сакате да го заобиколите доколку сакате да ја почувствувате автентичноста на Гетеборг. Една од најстарите населби на градот, која нуди мирна атмосфера и покрај тоа што се наоѓа во самиот центар. Изобилува со локални продавнички (повеќето се рачни изработки), но и брендови од светски познати дизајнери и кафе барови и слаткарници.

Можете да најдете сè, од намирници и декорации за дома, до антиквитети, продавници за сувенири, билки, зачини, како и домашно производство на чоколадо и марципан. Швеѓаните навистина знаат како да уживаат во своето време, а доказ за тоа е и концептот на фика, односно кафе пауза најчесто пропратена со пециво, кое може да биде и благо или солено.

 

 

 

Café Husaren
Најдобро за: Kanelbulle

Кога сме веќе кај благото, за национален десерт на Шведска се смета Kanelbulle, односно пециво со цимет. А за вистински да уживате во него, додека шетате низ Haga, посетете го и Café Husaren, познато по своите џиновски пецива со цимет и уживајте во својата фика.

Главната состојка на фиката секако е кафето, а швеѓаните се познати по својата опсесија со кафе, односно моментално се 6-ти во светот по конзумацијата. За доживувањето да биде комплетно, посетете го кафе барот Da Matteo. Прогласено за најдобро кафе во Скандинавија и во Шведска во 2015. Лебот и колачињата ги печат сами, како и кафето кои директно го увезуваат од Бразил и Етиопија.

 

 

 

Science Fiction Bokhandeln
Најдобро за: Купување сувенири од познати филмови, стрипови и серии

Спроти Domkyrkan (една од најпознатите катедрали во Гетеборг), исто во областа Haga, се наоѓа и рајот за сите гикови. Science Fiction Bokhandeln е место за сите љубители на литература, стрипови, филмови и серии.

Поделено на два спрата, првиот кат изобилува со сувенири од најпознатите филмови и серии. На пример, можете да најдете акциони фигури од Harry Potter па се до Deadpoll, шолји за чај со ликовите на Rick & Morty, чергиче за пред врата со ликовите од Breaking Bad и слично. Додека пак, на вториот кат подземно е сместена целата литература, стрипови и друштвени игри. Користете го Тардис лифтот за да стигнете до таму. Од неодамна, во склоп на книжарницата функционира и кафе бар Sirius. Во него ќе бидете услужени со пецива, кафиња и коктели именувани по вашите омилени ликови. Просторот изобилува и со life-size статуи од Golum, па до Darth Vader. Една од масите на која што можете да седнете со вашето друштво е и life-sized carbonite Han Solo.

 

 

 

Göteborgs skärgård
Најдобро за: Авантура и одмор покрај море и плажа

Доколку патот ве одведе накај Гетеборг, би било штета доколку не одвоите барем еден ден за да ги посетите островите околу градот. Поделени на Северни и Јужни, изобилуваат со прекрасни плажи, луксузни вили, тесни автентични улички и кафе барови и ресторани за морска храна, допадливи за сечиј вкус. Прилично се лесно достапни преку одличниот јавен превоз и нивните конекции. Можете да ги поминете и сите острови во текот на еден ден, но можете и да го поминете денот само на еден, изборот е ваш. Но, како и да е, нема да зажалите. Од неодамна, пуштена е и директна линија до островот Hönö во близина на центарот на градот, станицата Stenpiren, поточно.

Бонус совет: Зависи од расположението, можете да си направите budget friendly пикник на некој од островите. Не заборавајте да си ги понесете и вашите костими за капење ако сте доволно храбри. Доколку пак, сакате да пробате нешто поавтентично, седнете во некој од многуте ресторанчиња и нарачајте сендвич со ракчиња. Шведски деликатес кој ќе го паметите долго и ќе сакате да му се вратите што побрзо.

 

 

 

Jubileumsparken
Најдобро за: Забавни активности и одмор после напорен ден

Jubileumsparken е изграден како идеја за градот и неговите жители да се доближат повеќе на водата по повод 400-от роденден на Гетеборг во 2021 година. Додека поголемиот дел од планираните активности ќе завршат до тогаш, паркот ќе продолжи со иновациите и после 2021.

Сигурно најпознатата сауна во Шведска, а можеби и во светот, се наоѓа токму тука. Изградена е од рециклирани материјали, како на пример, соблекувалната се состои од 12.000 рециклирани пластични шишиња. Влезот е бесплатен и резервација можете да направите само онлајн, но за жал листата на чекање е долга со месеци, затоа планирајте однапред.

Во склоп на паркот, покрај сауната, од пред скоро две години е отворен и првиот јавен базен во Гетеборг и направена е вештачка плажа. Од неодамна поставено е и надворешно џакузи. Исто така, во паркот функционира и школа за едрење и тури со едрилица, како и библиотека за бесплатна размена на книги. Сите активности во паркот се бесплатни, само ви треба резервација. Заштитната идеја на паркот е дека има што да се понуди на секому и секој е добредојден.

 

Comments

comments