Да (не) се биде турист во Лондон (не) е лесно.

Во Лондон може да живеете со години и се уште да ве изненадуваат нови места и пејсажи. Исто така, може да бидете тука и само неколку дена и веќе да се чувствувате како локалец. Токму тоа и го прави Лондон толку посебен: неговата културна и естетска разноликост, во која никогаш не се чувствувате како странец.

Во Лондон можете да пешачите половина час и да ви се променат повеќе од пет различни урбани пејсажи: од супер-фенси облакодери, преку фрекфентни и натрупани ориентални пазари за храна и облека или улици со хипстерски кафичи, до спокојни резиденцијални населби и недогледно големи паркови, езера и канали.

Бидејќи Лондон е непрегледно голем, разновиден и секогаш во движење, ќе биде штета да се ограничам само на пет омилени места и наместо тоа ќе ви ги посочам моите моите пет омилени прошетки.

 

Victoria Park, Regents Canal и Broadway Market

Лоциран на источниот дел на Лондон, оваа прошетка ви нуди дел од разноликоста на градот. Ако тргнете од Mile End метро станицата кон север за десетина минути ќе влезете во Victoria Park, што мене ми е најубавиот парк во Лондон. Таму може да одите на кафе или на бранч покрај езерото или пак да продолжите до повеќето пабови кои се на работ на паркот од другата страна. Понатаму, продолжете низ патеката преку каналот до улицата Broadway Мarket, каде што во неделите има многу разигран пазар за храна, а во останатите денови неколку убави места за јадење и пиење.

Прошетката може да ја завршите на крајот од улицата каде што се отвора уште еден парк London fields, единствениот парк во кој сè уште може да правите скара, а мала скара за една употреба може да најдете во секој поголем супермаркет.

 

 

St. Katharine Docks

Доколку сакате да се чувствувате како во некој медитерански град, ова е местото за вас. Буквално на 3 минути од Tower bridge, затскриена од неколку големи згради, се крие голема марина на јахти кои се поврзани со Темза. Тука има неколку одлични пабови што го прават ова место супер за афтерворк пијачка заедно со локалците кои работат во центарот на Лондон.

 

 

Camden Market

Веројатно најтуристичкото од сите места на листава. Иако има и помалку туристички маркети за ориентална храна и џиџимиџи, сепак фактот што е отворен секој ден во неделата и е покрај канал, на работ на северен Лондон, е причина зошто го набројав. Откако ќе се изнауживате таму, продолжете по каналот кон Primrose Hill, највисоката точка во централен Лондон, каде што има убав поглед и многу, многу зелена трева.

 

 

Canary Wharf и Greenwich Park

Уште една супер интересна прошетка во источен Лондон. Canary Wharf е најфенси делот од Лондон, каде што се сместени најголемите банкарски бизниси. Иако може да делува премногу досадно и корпоративно, урбаниот пејсаж, архитектурата и фактот дека од сите страни е опкружен со вода, го прават место кое вреди да се прошета. Потоа, од таму продолжете јужно кон Темза, каде што преку подводен премин може да излезете на другата страна на реката кај Гринич. Таму имате посебно симпатично гратче за себе, а погоре по паркот завршувате кај Гринич опсерваторијата, каде е утврден првиот меридијан, по кој нели се одредени и часовните зони во светот.

 

 

Fulham и Hammersmith

Како за крај, нешто од западен Лондон: Тргнете кон Fulham Broadway станицата за метро. Ќе излезете речиси пред стадионот на Челзи (да, стадионот на Челзи е во Fulham). Има неколку одлични пабови за гледање фудбал. Ако не сте по фудбалот и пивото, тогаш веднаш продолжете уште две станици до Putney Bridge.

Тука е најубавата патека за шетање покрај Темза (ако се исклучи живописниот South Bank во централен Лондон, ама тоа е за туристи, а вие нели го читате текстов за да не бидете тоа). Потоа, тргнете кон запад до Hammersmith, завршете во некој од пабовите покрај реката и напијте се некој Гинис. Не заборавајте, Гинисот на „Островот” е многу подобар од било кој Гинис во континентална Европа.

Супер туристички бонус: За најдобар поглед на централен Лондон, одете во новото крило на галеријата Tate Modern, качете се на 9-ти кат и направете панорамска фотографија!

 

Comments

comments