„Tristo kosmatih medvedov!“

Љубљана е градот во кој домашните, наместо она добро познатото „Fuck“ знаат да ја изустат фразава погоре, што во превод значи: „Tриста влакнести мечки“. Интересно скроз, нели? Во едицијата #reborntrips од Варшава, отидовме накај Белград, а сега мигрираме во Љубљана, или едноставно кажано – Амстердам на бивша Југославија.

Те збуни паралелава со Амстердам? Љубљана е константно исполнета со точкољупци кои ни најјезивата зима не ги спречува да ги запалат педалите. Пример, во шпицот при враќање од работа, колите може само длабоко да си фантазираат дека ќе успеат да и парираат на бројноста на точаци.

Со намера постепено да те заинтригирам конечно да го посетиш градот на змејовите (Калиси нема credits за ова) ќе ти сугерирам неколку места што ќе те мотивираат конечно да го испланираш долго ветуваниот викенд на гости кај другарка ти што студира во Љубљана.

За да биде позабавно, денот ќе го поделиме на три дела: (1) Време за „бев во музеј и културно се воздигнав“, (2) Време за храна и/или кафе, и (3) Време за журкање… па ти одлучи на што ќе се фокусираш.

 

Време за: „Бев во музеј и културно се воздигнав“

Музеј на модерна уметност и Каварна модерна

Најдобро за: Изложба и кафе

Во самиот центарот на градот се наоѓа музејот за современа уметност, односно Модерна галерија. Ќе ве предизвика да исплакнете очи на архитектонското здание и на редовната колекција што Модерна ја нуди за посетитителите. 

А без кафе во убер-добро-индустриско-минималистичкиот издизајниран кафич во Модерна, да не сте помислиле да си заминете.

 

Музеј на илузии и Зиферблат

Најдобро за: Визуелни авантури

Музејот на илузии во Љубљана дефинитивно ќе ви ги залаже сетилата. Почнувајќи од анти-гравитациска соба, соба кај што (не) си 180 степени флипнат, Оптички илузии, Холограми па се до соба кај што ќе ти биде главата сервирана на маса.

По музејот, навратете до Зиферблат, простор што е многу кул конципиран, и што на секој му дава слобода да прави што сака, предизвикувајќи да се чувствуваш како дома. Буквално во секој момент може некој да му текне да засвири гитара, некој во друг ќош да чита книга, а трета група да игра некој добар board game.

Плаќаш само за времето поминато таму.

 

 

Време за: Храна и/или кафе

Das ist Walter

Најдобро за: Сараевски ќебапчиња

Доколку се чувствуваш особено балкански дента и сакаш да се омрсиш со фантастични босански ќебапчиња и добра количина на кромид, нема да згрешиш со Das ist Valter. Внатре без престан врти филмот „Валтер брани Сарајево“ од Костурица, што ја прави атмосферата уште поавтентична.

А за добро заливање, ќе си го пробаш нивното пиво, што супер ќе те освежи.

 

Hiša pod gradom

Најдобро за: Лосос

Во случај да сакаш да вкусиш нешто морско, да речеме лосос, а истиот да дојде во комбинации од типот на: бургер/паста/тортиља со лосос… не пропуштај да отидеш во ресторанот Хиша под градом. Лоциран е во центарот на градот, буквално под брдото кајшто се простира Љубљански град.

 

TOZD

Најдобро за: Ситна храна и лимонада со јагода

 

Ако веќе ручаше, ама сепак би грицкал нешто со пијачката / кафето, дефинитивно треба да го испробаш TOZD. Барот изгледа прекрасно, се наоѓа покрај река и секогаш е исполнет со убави луѓе и пријатна атмосфера. А да, уште еднаш, домашната лимонада со јагода е неверојатна.

 

Време за: Журкање  

Zoo

Најдобро за: Џез свирки

Ако си џез фанатик, во Зоо имаш прекрасна раја на луѓе, со незаменливи бендчиња што стварно ќе направат да се чувствуваш како во некој Њу Орлеански бар со прекрасен амбиент.

 

Metelkova

Најдобро за: Што ти душа сака

Метелкова, сржта на алтернативците на Љубљана. Просторот е комплетно автономна зона и се протега на место каде до распадот на Југославија се наоѓала словенечката база на ЈНА што сега е претворена во артистички рај. На просторот се сместени повеќе локали во кои можеш да ислушаш рок/панк свирки, нешто ретро и нешто електронско.

 

К4

Најдобро за: Техно/хаус

Секако, ако сакаш да си изрејваш квалитетно, без никакво двоумење те насочувам кон К4, клуб што секогаш нуди фантастични techhouse локални и странски диџеи, што ќе те откачат од овој свет со музиката што ја продуцираат и ќе те однесат во некоја друга димензија. Ако ништо друго, визуелните ефекти дефинитивно ќе те вратат назад на уште едно деноноќие во Љубљана.

 

Comments

comments