Оние што викаат дека Париз е преценет, дефинитивно не се во право.

Можеби веќе те имаат однесено на екскурзија низ Париз, каде едвај стигна од автобус да претрчаш пред Ајфелова кула и Louvre. Тогаш сликата за Париз ти е сигурно само една голема фобија од дечките пред Sacré-Cœur кои буквално напаѓаат и без дозвола ти плетат алка на рака која потоа мора да си ја платиш или пак можеби мислиш дека Champs-Élysées е само една голема, хаотична улица од светска метропола.

Дозволи нашите 5 предлози да те предомислат, па можеби ќе му дадеш (втора) шанса на Париз оваа есен?

 

 

Le Lavomatic

Бегаш од туристи и сакаш да се правиш мангуп дека си бил на место каде никој од твоите пријатели не бил. Кафичот Le Lavomatic е еден од неколкуте скриени барови во Париз кои никогаш како обичен минувач не би ги приметиле. Се наоѓа близу до La République и е всушност перална за алишта во која една од машините за перење е вратата, односно влезот во кафичот. Место со прекрасен народ и голем избор на коктели.

 

 

Palais de Tokyo

Освен што ова место ти е познато по подрумите за кои раскажував пред некое време, Palais de Tokyo e збиралиште на модерната уметност од Европа и пошироко. Прогресивни и талентирани уметници своите дела ги поставуваат токму тука. Тие го нарекуваат анти-музеј во постојана трансформација, огромен простор за уметност со мирис на палата. Место каде артистите критикуваат, се воздигнуваат и раскажуваат преку своите слики и инсталации.

Се разбира дека следниот слободен момент ќе го искористиш за прекрасниот музеј Pompidou каде во моментов актуелна поставка е ретроспектива на единствениот David Hockney и трае до 23 октомври. На враќање тркни до неодамна реновираниот музеј на Rodin каде ќе ја видиш една од најљубовните склуптури, актот на љубовта – The Kiss.

 

 

Le Perchoir

Се стемни и сакаш да се напиеш некоја пијачка на руфтоп каде што ќе можеш да фатиш добар поглед од Ајфелова. Мислеше изборот да биде Kong (кафичот каде Carrie Bradshaw ги поминуваше деновите во Париз) но сфати дека менито е нереално скапо и немаш резервација. Не се разочарувај, Le Perchoir е вистинскиот избор.

Се наоѓа во Marais, полно е со локалци и добра музика. Кога бевме ние имаа столчиња во форма на бели овци и само една црна, па нè фати носталгија за убавите денови во Мала Станица во наше Скопје. Le comptoir général (се наоѓа кај каналот St Martinе) e исто така супер место за излегување и одлична алтернативa доколку не најдеш место во Le Perchoir.

 

 

Colette

Сакаш да купиш сувенир, а да не е магнет, не си стигнал да шопингуваш, а немаш идеја што попрво да купиш. Colette е твојот спас. Дизајнерска концепт продавница на три спрата. Облека, накит, храна и уметнички дела се само дел од работите кои ќе ги најдеш на ова место, каде секое парче е дизајнерско и уникатно. Сопственичката, Colette Rousseaux, живее веднаш над куќата заедно со нејзината ќерка. Инаку слични и исто така добри продавници од овој тип се и Fleux и Merci.

 

 

Les Buttes Chaumont

За крај сакаш да истераш еден француски пикник во Париз. Les Buttes Chaumont е прекрасен парк каде ќе можеш да јадеш кросани, да си понесеш супа од кромид, многу кашкавал и вино. Не заборавај да ја пуштите Еdith Piaf со Je Ne Regrette Rien или пак саундракот од Amelie Poulain на Yann Tiersen. Заокружи и со една црвена баретка на глава, затоа што клишето некогаш знае да е опасно симпатично.

 

Comments

comments