Фотографии: Александра Костадиновска

 

Себеси се доживувам повеќе како добра-храна-добро-пиво отколку луда-диско-забава тип на човек. Поготово кога да мрднеш од дома значи мирис на стопен асфалт и изгоренци од рамбовки.

Пред два дена (на 6ти јули) бевме во Public Room на American cook-out. Си поминавме одлично, иако времето не се погоди и настанот мораше да биде префрлен внатре во Public Room (American cook-in), наместо надвор, на отворено, на најамериканскиот можен начин — со голема скара и многу сонце.

Јадевме прекрасни јадења приготвени од шефот Мирко Митровски: њујоршка салата со малини, мини-бургери со телешко месо (со домашен скара-сос, зачинет јогурт сос и слатко-пикантен сос) и помфрит и Павлова торта со чоколадо.

Тоа беше совршениот момент за да се соочам со фактот дека сум ужасна скараџика (која најчесто ги кремира колбасите зашто и е претопло да седи до скарата). Шансите еден ден на овој начин да си ги отрујам пријателите се страшно високи.

 

burger-7burger-1burger-2

 

Секоја моја гладна визуелизација на скара, а особено бургери, се случува со американско знаме што се вее во позадина. Најверојатно досега секој од нас има изгледано повеќе од 150 сцени од американски филмови во животот, во кои таткото облечен во лоша престилка ги врти бургерите додека жена му ја принесува салатата, а децата се фрлаат во базен. Никој од нас не е доволно силен за да се избори против асоцијацијата на бургери со Америка.

За да ги збогатиме сите факти кои ги имаме „собрано“ од филмови — може да ѕирнеме малку од сериозната историја. Приказната е дека американската скара за прв пат се појавува во Вирџинија и се движи на источниот брег на Апалачките Планини, заедно со фамилиите кои се движат долж границата. Се појавува и се шири на Југот. Во тоа време, благодарение на африканското население во Америка се преземаат многу африкански техники и вкусови, вклучувајќи ги кисело-зачинетите сосови од лути пиперки и цитрусни сокови.

 

burger-3

 

Сигурна сум дека сите историски факти ти се страшно интересни, но може да преминеме на сериозната содржина — еве 8 совети за како сам да направиш американска скара.

 

1. Инвестирај во добра скара

Moжеби звучи банално, но добрата скара мора да ги има овие две нешта:

  • Прво, мора да биде скара на јаглен, само затоа што ваквиот тип на скара го дава оној чаден вкус.
  • Второ, треба да има капак. Капакот ја задржува температурата и дава посебен вкус. Без него не може да направиш бургери со топен кашкавал или чадени ребра.

 

2. Чекај го правиот момент за готвење

Немој да готвиш на оган. Почекај оганот да се изгаси и да останат само сребрени, светкави жарчиња.

 

3. Контролирај ја температурата

Размислувај за скарата како за рерна. Готвењето на различна температура е многу важно. Тестот е следниот: ја ставаш раката на околу 12 см. од скарата, ако можеш нормално да ја држиш 6 секунди — тогаш готвиш на тивок оган; 4 секунди — готвиш на средна температура и ако можеш да издржиш само 2 секунди — тогаш не би требало да готвиш. Најлесно ќе ја контролираш температурата ако на едната страна од скарата го ставиш вжештениот јаглен, а на другата страна нема директен оган.

 

burger-5burger-4

 

4. Набави соодветен скараџиски прибор

Така ќе избегнеш да ти паѓаат ќебапчињата и колбасите измеѓу решетките и полесно ќе можеш да ја превртиш плескавицата на работ на скарата. Ракавица за готвење е основниот алат кој мора да го имаш, а листата продолжува со маша за јаглен и штипалка за полесно фаќање на храната.

 

5. Направи сопствени бургери

Домашните бургери се многу подобри од секакви други купечки, проверена комбинација. Она што е најважно е квалитетот на месото кое сам ќе си го избереш. Побарај од месарот јунешки мускул во комбинација со пафлак и нема да згрешиш.

 

6. Маринирај

Кога е готвењето во прашање, сите го знаеме она правило дека често подобро е да отстои преку ноќ. Кога се скарите во прашање, ова правило треба да се применува, и тоа дупло. Сè со цел да не се изгубат вкусовите во чадот.

Во секој случај, остави дел од маринадата и секои 10 минути додека го печеш месото премачкај го одново. Ќе видиш како месото пополека ќе се карамелизира.

 

burger-6

 

7. Не го заборавај зеленчукот

Неверојатно важно за да се лажеш дека одржуваш здрава диета. Сецкај тенки парчиња, не користи зачини, ниту маслиново масло. Печи бавно и на крајот додај само малку оцет.

 

8. Врати ја првобитната намена на американска скара

Поврзување и собирање на луѓето. Не заборавај да ги викнеш сите, најблиските, а можеби и оние не-толку-блиските. Никој никогаш не одбил добар бургер.

 

Comments

comments