Фотографии: Елена Фиданска

 

Оваа среда јадевме во Public Room — местото кое наскоро ќе биде новиот кулинарски центар на Скопје. Не дека не јадеме скоро секој ден таму, но ова беше специјална вечер — имавме прилика да пробаме индонезиската храна.

Во моменти кога инсистираш да запознаеш некого подобро по брза постапка се служиш со одреден тип на прашања кои веруваш дека ќе ти помогнат да го дешифрираш тој некој: „Кој филм го имаш гледано најмногу пати досега?”, „Мачки или кучиња?“, „Црн или бел крем?”

Мој личен фаворит со години е: „Кои се топ 5 дестинации кои сакаш да ги посетиш?”. Моето скромно искуство кажува дека скоро сите испитаници во топ 5 го ставиле Бали. Ако ти, како и јас, се препознаваш како еден од нив, и сакаш да одиш на Бали, тоа значи дека сакаш да ја посетиш Индонезија.

Во припреми за настанот во Public Room (а и припреми за остварувањето на мојот сон да го видам Бали — некогаш во можеби-не-толку-блиската иднина), решив да истражам нешто повеќе за Индонезија. Дознав мал милион интересни податоци (од типот на — 400 активни вулкани), ама како гладен во супермаркет — сериозно се фокусирав на храната.

Нивното традиционално јадење е пржен ориз, т.е. скоро секое јадење, ако ништо друго, во гарнирот содржи ориз. Уште еднаш коцките се совпаднаа. Моето омилено јадење е ориз: кочански, кинески (бел), интегрален, пржен, варен или печен.

 

 

Информацијата дека оризот а најпопуларен не ме „засити”, и затоа што во последно време сум решена да го подобрам фактот дека #НеМеБиваЗаГотвење, продолжив да се задлабочувам. Еве неколку интересни факти за индонезиската кујна:

  • Индонезијците често јадат со раце. Кога јадат со раце ја користат само десната.
  • Јадат многу супа и сакаат зачинета храна, а најчесто зачинуваат со ѓумбир.
  • Популарни традиционални јадења се satay и ketupat.
  • Јадењето зависи и од островот каде се наоѓаш. Ако си на Јава ќе јадеш пилешко и риба, говедско во Суматра (ова е мојот остров), патка на Бали (поголемиот дел од популацијата се хиндуси, па може и свинско да пробаш) и морска храна на Сулавеси.
  • Десертите им се состојат најчесто од нивните специфични тропски овошја, за кои не сум сигурна дали воопшто имаат македонско име: starfruit, манго, manggis, rambutan, durian.
  • Најчесто користат кокосово млеко и брашно од ориз.

 

На настанот во Public Room дегустирав неколку традиционални јадења и поднаучив по некој трик од шеф Paul Houthuijzen. 

Пробав различни ствари (од Gado Gado до Babi Ketjap), но, морам да признаам дека сè уште моето чувство за зачината храна не е доволно изострено и зрело за вистински да ја уживам.

 

indo-1indo-2indo-3indo-4

 

Нормално, омилен ми беше индонезискиот пржен ориз, наречен Nasi Goreng. Па баш поради тоа се одлучив да го споделам рецептот со вас, затоа што е прилично лесен за приготвување, а и не содржи состојки или зачини кои кај нас тешко се набавуваат.

 

indo-5indo-6

 

Рецепт: Индонезиски пржен ориз (Nasi Goreng)

Состојки:

  • 500гр. јасмин ориз, измиен два пати во ладна вода
  • 600мл. ладна вода
  • Две мали лажички масло од кикиритки
  • Еден сецкан мал кромид
  • Една мала лажичка рендан ѓумбир
  • Два средни моркови (сецкани)
  • 60гр. зелка
  • Една мала лажичка црвен пипер
  • Две лажици доматен сос
  • Една лажица соја сос
  • Сол (по вкус)
  • Јајца (по вкус)

 

Инструкции:

1. Варете го оризот во голем сад во зовриена вода. Откако ќе биде готов, оставете го во плиток сад за полесно да се олади. Најмалку два часа.

2. Во загреана вок тава со масло ги додавате сите состојки, а на самиот крај го додавате оризот.

3. Го попрскувате оризот со соја сосот и зачините, ги пржите, брзо мешате уште 2 минути и го тргате од оган и го покривате со крпа.

4. Ги пржите јајцата на око и ги сервирате врз оризот.

 

 

Selamat makan!

 

Comments

comments